Достапни линкови

Судството на тапет пред ЕУ


Судството е област за која стигнуваат критики од Брисел и тоа е една од петте теми во пристапниот дијалог на која и се потребни итни реформи.

Последните именувања на судиките Лидија Неделковска и Радица Василева во судии на Врховниот и Апелацискиот суд, предизвивика реакции во јавноста и уште еднаш го отворија прашањето за независноста на судството. Опозициските партии веќе ги коментираа ваквите случаи како очигледен пример за партизираност на судството, а од власта вратија дека нема ништо спорно во изборот на судиите. Токму независноста на судството е областа на која во континуитет стигнуваат критики од Брисел и тоа е една од петте теми во пристапниот дијалог на која и се потребни итни реформи, потсети неодамна еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
Цело време, последниве две-три години, Уставниот суд е во разни афери, дури до скандали. Менталитетот кај нас е таков, инаку во други земји со развиена демократија се почитуваат одлуките на Уставниот суд.
Бајрам Положани,
поранешен судија на Уставниот суд.

„Реформите се во фокусот на овој мост(дијалог), бидејќи истите доведуваат до модернизација на вашата земја што пак би ја довело и поблиску до Европската унија“, изјави Филе.

Повеќето анкети покажуваат дека довербата на граѓаните во судската власт постојано опаѓа. Оние кои ги прашавме покажаа поделени мислења. Има и такви за кои судовите денеска работат попрофесионално од порано, но и такви кои велат дека корупцијата е премногу застапена низ судските ходници.

„Порано повеќе се чекаше, сега гледам брзо оди, услужливи се, поефикасни се.“

„Не сум задоволна од судството воопшто.“
Реформите никогаш не треба да застанат и затоа очекуваме и таа перцепција, како што се менува пополека, да продолжи како што продолжуваат реформите.
Блерим Беџети, министер за правда.

„Корумпираност има многу, тешко се сузбива тоа.“

Поранешниот судија на Уставниот суд, Бајрам Положани објаснува дека извршната власт наоѓа начин како да допре до институциите на судската власт, поради влијанија врз нивните политики. Последните напредувања на судиите, според Положани, го создаваа впечатокот дека власта се обидела да интервенира и во таквите процеси.

„Ако еден судија од Врховен суд има потреба за просперитет на неговото семејство во други области, или за членови на неговото семејство, мора да биде близок и едвај чека да му се дозволи на некој носител на извршната власт. Тие самите лесно потпаѓаат под влијание на извршната власт.“

По укинувањето на неколку владини одлуки и Уставниот суд почна да се доживува како непријател на власта, вели Положани.

„Цело време, последниве две-три години, Уставниот суд е во разни афери, дури до скандали. Менталитетот кај нас е таков, инаку во други земји со развиена демократија се почитуваат одлуките на Уставниот суд.“

И министерот за правда Блерим Беџети во интервју за нашето радио признава дека судството се соочува со проблеми, но дека за модерно, ефективно и независно судство треба време.

„Реформите никогаш не треба да застанат и затоа очекуваме и таа перцепција, како што се менува пополека, да продолжи како што продолжуваат реформите.“

Начинот на изборот на судии и јавни обвинители, независноста и ефикасноста на судовите, злоупотребата на мерката притвор, како и недоволните буџети на јавните обвинителства и на судовите, се најсериозните забелешки во последниот извештај на Европската комисија за прогресот на нашата земја.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG