Две и пол соби - изложба на Верица Ковачевска

Две и пол соби - изложба на Верица Ковачевска.

Две и пол соби е насловена изложбата на Верица Ковачевска што ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Националната галерија на Македонија – објект Мала станица.
Во Две и пол соби, Верица Ковачевска поврзува истовремено неколку простори – виртуелниот и реалниот, јавниот и приватниот, рекретивниот и работниот и минатиот и сегашниот. Нејзината актуелна самостојна постановка ја чинат архиви на веќе настанати проекти што содржат видеодокументација и елементи од проектите. Така во Соба 1, делото се активира со употреба на глушецот од компјутерот со кого публиката виртуелно може да се прошета низ нејзиното студио и да го види делото Студио бр. 4. Во една од архивите, пак, рекреиран е и просторот во кој се создавани делата.
Мислам дека тој момент со просторот е доста важен, бидејќи го користам многу во моите дела и можеби затоа сакав малку повеќе да го потенцирам.
Верица Ковачевска, уметник.

„Изложбата е еден вид на ретроспективна изложба на дела создадени во последните три до четири години и во неа целосно се истражуваат одредени елементи на просторот. Мислам дека тој момент со просторот е доста важен, бидејќи го користам многу во моите дела и можеби затоа сакав малку повеќе да го потенцирам.“

Верица Ковачевска.


Овој начин на презентација е карактеристичен за Ковачевска, чии дела, од една страна, често се случуваат во некој простор оддалечен од публиката и се доживуваат преку одреден медиум, а од друга страна публиката во нив има активна улога. Со овие архиви оригиналните дела се пресоздаваат во нов простор и контекст, со што добиваат друга димензија.
Еден елемент е просторот, физичкиот простор. Друг елемент е мојот однос со публиката и улогата на публиката во делата и третиот елемент донекаде е употребата на различни медиуми – видео, звук, интернет, мобилна телефонија, аудио водич и тн. Интересно е што во оваа изложба сите три елементи се соединуваат, можеби донекаде и за првпат.
Верица Ковачевска, уметник.

„Еден елемент е просторот, физичкиот простор. Друг елемент е мојот однос со публиката и улогата на публиката во делата и третиот елемент донекаде е употребата на различни медиуми – видео, звук, интернет, мобилна телефонија, аудио водич и тн. Интересно е што во оваа изложба сите три елементи се соединуваат, можеби донекаде и за првпат.“

Родена 1982 година во Скопје, Ковачевска на 24-годишна возраст дипломирала на универзитетот Плимут во Велика Британија, на отсекот Визуелни уметности со театар и перформанс. Магистрирала Уметност и образование во 2007 на Кембриџ, а од пред две години живее и работи во Цирих, Швајцарија.
Досега учествувала на голем број меѓународни изложби и фестивали како Ре.акт.феминизам во Берлин, Ова не е портал фестивал во Лондон, Други можни светови во Луксембург, Биенале на современи уметности – Москва, а во Скопје пред пет години, во Музејот на современа уметност, се одржа нејзината постановка Секојдневна уметност / Уметност на секојдневието.

Инаку, паралелно со Две и пол соби која треба да ја анимира македонската ликовна публика, во Цирих до 8 јануари во тек е и изложба на Ковачевска со дела настанати во последно време. Веднаш потоа таа патува за Данска, а за сопствената потрага уметницата знае да забележи:

„Колку подолго време работите, токму она што сакате да го создадете, токму онаа идеја која се повторува станува се појасна.“