Достапни линкови

Четири децени изложени на едно место


Скулпторот Димовски Чауш.
Скулпторот Димовски Чауш.

Во Музеј на град Скопје утревечер ќе биде отворена Ретроспективна изложба и промовирана монографија на скулпторот Ангел Димовски Чауш.

Ангел Димовски Чауш е современ македонски скулптор, доследен, истраен и расен мајстор на своето дело, на својот креативен израз. Тој е успешен, инвентивен и целосно посветен на уметноста што ја избрал за своја професионална определба. Во неа ги идентификува своите уметнички пориви, фасцинации и принципи, давајќи засебен изведбен белег , нова димензија , простор и пластичен израз.
Секогаш сум мислел дека не сум доволно продуктивен дека многу повеќе сум требало да дадам. Меѓутоа сега кога ги видов на куп оваа шума од скулптури и самиот се запрепастувам и самиот си честитам на некој начин.
Ангел Димовски Чауш, скулптор.

Ова меѓу другото ќе го запише Дора Андова Фотева во текстот што е поместен во монографијата по повод големата Ретроспективна изложба со која ликовниот уметник Ангел Димовски Чауш ја одбележува 40-годишнината од својата творечка дејност. Од таму сосема е разбирливо што на оваа постановка се претставени над 150 дела настанати во периодот од 1971 до 2011 и тоа скулптури работени во дрво, мермер, бронза и алуминиум, потоа цртежи и слики објекти.

„Идејата беше да се одбележи 30 години од моето прво преставување во јавност, моето прво изложување во Младински културен центар и прво наградување. После кога ги собирав делата видов дека имам дела што се 40 години стари, така да се поклопуваат два јубилеи.“

Димовски е роден 1952 година во Крнино, Велес. Се образувал во Училиштето за применета уметност во Скопје, потем студирал Историја на уметност со археологија, а во 1984 година дипломирал на Факултетот за ликовна уметност на отсекот за вајарство со театарска, филмска и телевизиска сценографија во класата на професор Петар Хаџи Бошков. Зад себе има 12 самостојни изложби во земјава и во странство, неговите дела се наоѓаат во приватните колекции во САД, Африка, Франција и Холандија, член е на ДЛУМ и на Француското друштво на ликовни уметници од 2002 година и добитник е на повеќе награди и признанија.

„Секогаш сум мислел дека не сум доволно продуктивен дека многу повеќе сум требало да дадам, меѓутоа сега кога ги видов на куп оваа шума од скулптури и самиот се запрепастувам и самиот си честитам на некој начин.“

Чауш е застапен и во Интернационалниот каталог на модерна уметност на италијанската издавачка куќа Цида Рома, а живее и твори како слободен уметник на релација Македонија – Франција.

Конечно, скулпторот, за кој ќе биде подвлечено дека е скромен и тивок во животот, но силен во уметноста и конкуренција самиот на себе, наспроти јубилејот се чини како едвам да чека да и се врати на самотијата на своето ателје.

„Го заокружувам до сега овој еден период на творештво и почнувам наново затоа што сум полн со идеи.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG