Бериша - Меѓу Македонија и Албанија само со лична карта

Премиерот на Македонија Никола Груевски и премиерот на Албанија Сали Бериша.

Евроатлантската перспектива на земјите од регионот е императив за стабилност, безбедност и просперитет - рекоа премиерите Груевски и Бериша.
Претседателот на Владата на Албанија Сали Бериша кој е во официјална посета на Република Македонија и премиерот Никола Груевски на средбата разговараа за односите меѓу двете држави, кои се оценети како пријателски и за евроатланските интеграции, а потенцираа дека постојано треба да се унапредуваат односите особено во делот на инфраструктурното поврзување.
Се очекува да се реши прашањето со јужниот сосед и јас ја повикувам меѓународната заедница која досега се ангажираше сега уште поголемо внимание да посвети на ова прашање за да може Македонија да го заземе местото кое и припаѓа во Северноатланската Алијанса.
Сали Бериша, премиер на Албанија.

Двајцата соговорници истакнаа дека европската и евроатланската перспектива е важна за целиот регион, а премиерот Бериша нагласи дека Македонија ги има исполнето сите критериуми за зачленување во НАТО и изрази очекување дека земјава брзо ќе ги деблокира евро-атлантските интеграции.

„Македонија де факто е членка на НАТО, но се очекува да се реши прашањето со јужниот сосед и јас ја повикувам меѓународната заедница која досега се ангажираше, сега уште поголемо внимание да посвети на ова прашање за да може Македонија да го заземе местото кое и припаѓа во Северноатланската Алијанса“, изјави Бериша.

Албанскиот премиер Сали Бериша.


Премиерот Никола Груевски истакна дека е нагласена потребата од интензивирање и унапредување на севкупните односи со акцент на можностите за интезивирање на економската соработка меѓу двете држави како и за идните активности во функција на остварување на идентичните надворешно-политички ориентации во делот на евроатлантското интегрирање:
Имаме идентични ставови во однос на тоа дека европската перспектива на земјите од регионот е императив за стабилност, безбедност и просперитет на нашите граѓани.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

„На средбата со мојот гостин се сложивме дека во овој однос имаме идентични ставови, во однос на тоа дека европската перспектива на земјите од регионот е императив за трајна стабилност, безбедност и просперитет на нашите граѓани. Истовремено имајќи ги предвид и актуелните настани во регионот и ЕУ се согласуваме и дека е неопходно максимално да се концентрираме на потенцијалите во нашите земји кои се подготвени да се соочаат со современите предизвици.“

Разговарано е за повеќе проекти од сферата на инфраструктурното, патното и железничкото поврзување, енергетското поврзување и трговската размена. Конкретно се разгледувале можностите за финансирање од европските фондови во проекти какви што се патот Кичево-Дебар-Тирана и патот Скопје-Струга-Тирана. Бериша се заложи во скоро време жителите на двете држави да почнат да ги минуваат границите само со лична карта.

Во контекст на регионалната соработка, Груевски нагласи дека верува оти сите отворени прашања може да бидат надминати со дијалог врз основа на почитување на територијалниот интегритет и суверенитет. Околу идеите за поделба на Косово, Бериша рече дека такви замисли имало и во 90-те години и се видело каде водат истите.