Тешко се живее во село М`глинце

Жителите на М`глинце се жалат на тешките услови за живот.

Лоша инфраструктура, отсеченост од урбаните средини, без здравствен дом и услови за заработувачка - живот во М`глинце во крајно лоши услови.
Во козјачкото село М`глинце времето како да застанало пред еден или два века. Стотина жители, претежно млади луѓе со по три мали деца, на шега велат дека маглата им го пресекла патот кон цивилизацијата, иако тие сакаат да се во чекор со модерното време. Нивните скромни живеалишта изградени едно од друго на по километар се на над 700 метри надморска височина. Северно од селото протекува Пчиња.
Нема земјоделие, нема машини, чуваме само кози за млеко за децата. Купуваме и по едно прасе за зима.
Ненад Мартиновски, жител на М`глинце.

Нема земјиште за обработка, а и да има не може да се однесе механизација, па тоа би било примитивно. Не одгледуваат ниту добиток, зашто се плашат доколку се разболи може и да пцовиса, оти ветеринар не може да го „прелета“ непристапниот терен. Затоа овие семејства главно живеат од социјална помош или ако некој од нив ја премине границата со Србија и во Белград кусо време ќе работи во градежништво. За подолго не им се остава ниту родниот праг, ниту пак семејството.

Ненад Мартиновски (29) и неговите тројца браќа со мајка им останале во селото, а единствена егзистенција им е социјална помош.

„Живееме лошо. Брат ми има три деца, а најстариот не е женет. Не можеме ниту едно „фиќо“ да купиме, зашто не можеме да го регистрираме бидејќи немаме пари. Нема земјоделие, нема машини, чуваме само кози за млеко за децата. Купуваме и по едно прасе за зима.“

Најголем проблем е што од асфалтот кој оди до мегалитската опсерваторија Кокино, 30-ина километри по планински и тешко прооден пат со теренски возила се патува и по два-три часа во една насока. Кога имаат потреба да одат во градот,а тоа е еднаш месечно:

„Треба да тргнам во 4 наутро за да стигнам во 8 часот за превоз во Жегљане. Одам само да се потпишам во Центарот за социјално и веднаш се враќам. Нема ниту продавница. Нема лекар. Ниту за вакцинирање на малите деца, кои треба да ги носиме во Куманово. За еден сируп за дете мора да се оди в град“, вели Ненад.

Неговиот постар брат Горан (33) додава дека зиме по месец-два немаат ниту електрична струја.

„Бандерите паѓаат, нема струја по месец дена. Бандерите се дрвени. Возилата не одат, немаме превоз, нема лекар, единствено полиција може да доаѓа кога има потреба. Жените кога треба да се пораѓаат зиме, се мобилизираме сите и одиме да го чистиме снегот, за да стаса до асфалтот.“
Бандерите паѓаат, нема струја по месец дена. Бандерите се дрвени. Возилата не одат, немаме превоз, нема лекар, единствено полиција може да доаѓа кога има потреба. Жените кога треба да се пораѓаат зиме, се мобилизираме сите и одиме да го чистиме снегот, за да стаса до асфалтот.
Ненад Мартиновски, жител на М`глинце.

Поради непристапниот терен жителите раскажуваат дека никој не доаѓа во селото. Дури и оние кои тука се родиле, па во потрага по подобар живот засекогаш заминале од родниот праг. Затоа, тие се упатени еден на друг, се посетуваат меѓусебе, си помагаат во неволја, зашто помош немаат од кого да очекуваат. Можеби и затоа се грижат за нивниот 70-годишен сосед Јованче Алексиќ. Горан е претседател на Месниот одбор и како што вели освен за неговата мајка од илјада денари социјална помош издвојува и за соседот кој е сам, без никого, без документи, без ништо.

„Некогаш и по 4-5 дена не јаде ништо. По нешто што имаме од нас му даваме.“

Жителите од селото кое името го добило поради најмногу магливи денови во годината велат дека навистина се изолирани од се. Во селото на пример, никогаш не стапнал свештеник, иако селската слава е „Света Троица“. Па самите си го сечат и славскиот колач, зашто на шега додаваат дека тие се поблиску до Господ кој ги гледа нивните маки.