Странски инвестиции - Лет во место

Слободна економска зона Бунарџик кај Скопје.

Власта очекува годинава да дојдат 300 милиони евра странски инвестиции, но Виенскиот институт за економија предвидува 100 милиони евра помалку.
Странски инвестиции никогаш доста. Власта се фали дека веќе почнале да доаѓаат и оти само што не дошле уште повеќе, опозицијата обвинува дека власта има погрешна стратегија - со оглед на парите потрошени за привлекување на инвеститорите, во Македонија дошле незначителен број од нив. Домашните стопанственици се жалат дека власта ги привилегира странците и бараат подеднакви олеснувања, а активистите за заштита на работничките права предупредуваат дека голем дел од странците доаѓаат во земјава како експлоататори – привлечени од евтината работна сила и олеснувањата што им ги дава владата за да инвестираат во земјава.

Не е без ич

Во последниве неколку месеци во земјава почнаа да се градат неколку фабрики во сопственост на странски компании. Власта поентира дека нивната работа вродила со плод и оти, како што велеа, по завршувањето на светската економска криза, инвеститорите ќе дојдат во земјава.
Давале или не давале банките пари, ние најкасно на пролет, за шест месеци од сега почнуваме градба на аеродромот, па макар парите да ги вадиме од сопствени џебови. Така и бидна.
Премиерот Никола Груевски раскажува што му кажал турскиот инвеститор пред да почне со реконструкција на аеродромот Александар Велики.

Италијанската групација „Витило“ во мај, во индустриската зона Бунарџик близу до Скопје, почна да гради фабрика за производство на хидраулични спојки за висок притисок и армирани гумени црева во вредност од 10 милиони евра. Во јули, американската компанија „Кемет елекстроникс“ почна со изградба на фабрика за кондензатори вредна 25 милиони евра, а еден месец подоцна, исто во Бунарџик, руски „Проект груп“ почна со изградба на фабрика за аптекарски производи, вредна 5 милиони евра. Пред околу еден месец и индиската компанија „Самвардана Мадерсан груп“ почна со изградба на два производствени погони – еден за производство на лимени делови за ретровизори и еден за стакло за ретровизори. Мултинационалната компанија „Џонсон контролс“, која веќе четири години има фабрика за автомобилска електроника во Бунарџик, најави изградба на уште една фабрика, за тапацир за автомобилски седишта, вредна 20 милиони евра во индустриската зона во Штип. Во тетовско Желино, швајцарската „Енфло продакшн“ почна со изградба на фабрика за делови за ветерници вредна 5 милиони евра. Германската компанија за кабли и електроника Кромберг и Шуберт, пак, најави дека во првата половина на наредната година ќе инвестира 20 милиони евра во фабрика во индустриската зона Жабени крај Битола.
Турски ТАВ инвестираше 100 милиони евра во реконструкција на скопскиот аеродром „Александар Велики“.

Иако се најавуваа во изминативе години, не испадна ништо од влегувањето на „Искра“, „Орланди груп“, „Шише џам“ и „Хаер и Тривју“.

Турски ТАВ месецов го пушти во употреба реконструираниот аеродром Александар Велики. Во аеродромот, ТАВ вложиле 100 милиони евра. Во свечениот говор на отворањето, премиерот Груевски рече оти му кажал на директорот на ТАВ дека во македонските весници имало коментари во кои пишувало „Никола каде ти се Турците?“. Токму поради тоа, турскиот инвеститор почнал со реконструкцијата на аеродромот без оглед на кризата.
За наредните години очекуваме многу повеќе, бидејќи гледаме дека оваа година имавме многу поголем интерес од странските фирми и повеќе посети, повеќе дополнителни проекти.
Веле Самак, министер задолжен за привлекување странски инвестиции.

„Давале или не давале банките пари, ние најкасно на пролет, за шест месеци од сега почнуваме градба на аеродромот, па макар парите да ги вадиме од сопствени џебови. Така и бидна“, раскажува Груевски што му кажал турскиот инвеститор пред да почне да гради.

По инвестициски многу слабата 2010 година, министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак, на почетокот на годинава не беше загрижен. Го правдаше отсуството на инвеститори со светската економска криза.

„Воопшто не ме загрижува затоа што знаеме дека сме на прав пат. Тие варијации од оваа година не може да се потценат во екот на ваква криза. За наредните години очекуваме многу повеќе, бидејќи гледаме дека оваа година имавме многу поголем интерес од странските фирми и повеќе посети, повеќе дополнителни проекти.“

Кризата не е иста за сите

Според статистиката на Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања, во 2010 во Македонија влегле 221 милиони евра директни странски инвестиции. БиХ е најслаба во регионот со само 48 милиони евра. Колку за споредба, во истиот период, во Србија влегле 1 милијарда евра странски инвестиции, во Албанија повеќе од 800 милиони, а во Црна Гора 564 милиони евра странски инвестиции.

Според оваа статистика, во Македонија влегле 108 евра странски инвестиции по жител. Во регионот, помалку инвестиции влегле само во Хрватска – 99 евра по жител и во БиХ – 12 евра странски директни инвестиции по жител. Апсолутен рекордер е Црна Гора каде што влегле речиси 900 евра странски инвестиции по жител.
Будва. Странските инвеститори во Црна Гора речиси и да не ја почуствуваа кризата.
x
Будва. Странските инвеститори во Црна Гора речиси и да не ја почуствуваа кризата.

Странските инвеститори во Црна Гора речиси и да не ја почуствуваа кризата, зашто оваа, три пати помала држава од Македонија, беше рекордер и во 2009 година со речиси 1500 евра странски инвестиции по жител.

Според власта, Македонија воопшто не стои лошо во споредба со земјите од регионот. Директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции, Виктор Мизо, посочува дека во соседството дури сега е во тек приватизацијата и странските инвестиции се всушност купување на постоечките фабрики. Битен фактор е и големината – во Србија, на пример, доаѓаат странски инвеститори на кои им е битен само локалниот пазар. Од друга страна, во Албанија и во Црна Гора се продава имот покрај море за туристички објекти. Ако ги споредиме гринфилд инвестициите или новоотворените погони или фабрики, Македонија стои подобро од голем дел од земјите, изјави Мизо пред неколку месеци.

Погрешна стратегија

Владата очекува годинава во земјава да влезат околу 300 милиони евра директни странски инвестиции. Но прогнозите на Виенскиот институт не се многу светли ни за годинава. Според нив, за Македонија ова ќе биде уште послаба година од минатата. Проценките се дека во земјава ќе влезат 200 милиони евра, повеќе само од БиХ за каде се предвидуваат 100 милиони евра. За споредба, за Србија се предвидуваат 1,5 милијарди евра, за Хрватска – една милијарда, а за Албанија и Црна Гора по 600 милиони евра директни странски инвестиции.
Во целина е битно дека оваа година имаме вкупно странски инвестиции од 150 милиони евра за само шест месеци, во година во којашто се уште европската економија гледате со какви ризици се соочува. Сепак, ние сметаме дека до крајот на годината странските инвестиции ќе ги достигнат проектираните 300 милиони евра.
Зоран Ставрески, вицепремиерот и министер за финансии.

Според податоците на НБРМ, во првата половина од годинава, во земјава влегле 151 милиони евра, што е за околу 25 милиони евра повеќе од истиот период минатата година. Сепак, во второто тримесечие од годинава повеќе пари се одлеале отколку што влегле во земјава. На крајот на првиот квартал имаше 207 милиони евра странски инвестиции, за три месеци подоцна да се намалат за 56 милиони евра. Само во јуни годинава, странските инвестиции бележат негативно салдо од 21,4 милион евра.

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, пред неколку дена изјави дека нема причина за загриженост, бидејќи станува збор за техничко прашање.
Состанок на Комитетот за странски инвестиции со кој претседава премиерот Никола Груевски.
x
Состанок на Комитетот за странски инвестиции со кој претседава премиерот Никола Груевски.

„Одделни месеци, техничко прашање е дали одреден странски инвеститор ќе врати кредит кон својата матична куќа или не, меѓутоа во целина е битно дека оваа година имаме вкупно странски инвестиции од 150 милиони евра за само шест месеци, во година во којашто се уште европската економија гледате со какви ризици се соочува. Сепак, ние сметаме дека до крајот на годината странските инвестиции ќе ги достигнат проектираните 300 милиони евра.“

Опозицијата и дел од економските аналитичари долго време предупредуваат дека власта има погрешна стратегија за привлекување странски инвестиции. Тие обвинуваат дека непотребно се трошат премногу пари на реклами, а забележуваат и на големиот број економски промотори во земји кои немаат голема инвестициска моќ.

Потпретседателот на опозицискиот СДСМ, Зоран Јовановски, обвинува дека владата бадијала троши пари на промотори. Ние сме мала економија без излез на море и заблуда е дека може да привлечеме странски инвестиции, без интегрирање во НАТО и во ЕУ, вели Јовановски.
Суштинско решение на проблемот за поголем успех во привлекувањето странски инвестиции е сериозен, опиплив прогрес во евроинтеграциските процеси и конечно влез во ЕУ и НАТО.
Зоран Јовановски, потпретседател на опозицискиот СДСМ.

„Суштинско решение на проблемот не е постојниот концепт и промоторите, туку суштинско решение на проблемот за поголем успех во привлекувањето странски инвестиции е сериозен, опиплив прогрес во евроинтеграциските процеси и конечно влез во ЕУ и НАТО.“

Економскиот аналитичар Ден Дончев, близок до партијата Обединети за Македонија, пак, вели дека не треба да се расплинуваме, туку да се фокусираме на одредени земји и да бараме инвеститори од одредена област.

„Промовирањето, според мене, е анти-пропаганда за нашата држава, бидејќи рекламиравме производ кој за жал во реалноста не постои.“

За домашните инвеститори државата е маќеа

Домашните бизнисмени, пак се жалат дека странците се привилегирани. Тие бараат подеднакви услови за нив како и за странските инвеститори.
Протест на стечајците на 10 јуни 2010 година. Долгата транзиција остави стотина илјади луѓе без работа.
x
Протест на стечајците на 10 јуни 2010 година. Долгата транзиција остави стотина илјади луѓе без работа.

„Секогаш странските компании се во поповолна ситуација. Тие може да добијат земјиште за едно евро за квадрат или без никакви средства, со платени комуналии, додека нашата компанија мора да учествува на тендери, да плати највисока цена и да ги плати сите давачки кон државата. Во такви услови веќе е невозможно да се инвестира во земјава“, изјави Благој Индов од СДИ плакари – Велес на трибина во Стопанската комора на Македонија пред неколку месеци.

Бизнисменот Зоре Темелковки вели дека ниту една влада не успеала да донесе големи инвестиции во земјава и затоа мора прво да се развие домашното стопанство за да се привлече странски капитал.

„Нема странски инвестиции без домашен капитал, тоа нигде не било.“

Темелковки вели дека тој и Сојузот на стопански комори имале изработено ваков проект и дека има заинтересираност од домашните компании за инвестирање во слободните економски зони.

Работничките права жртва на странските инвестиции

Дел од експертите, пак, сметаат дека македонските работници непотребно станаа жртва во неуспешниот обид за привлекување на странски инвестиции?!

Авторите на студијата „Обезвреднување на трудот“, преку анализа на сите закони и измени и дополнувања на законите донесени во независна Македонија, а што се однесуваат на правата на работниците, утврдиле дека сите досегашни влади континуирано ги намалуваат правата на работниците.

Еден од авторите на анализата, професор Здравко Савески вели дека при измените на законите имало и зголемување, но дека поголеми се намалувањата на правата на работниците.

„Секоја година, секоја влада во Македонија, значи и оние влади предводени од ВМРО-ДПМНЕ и оние влади предводени од СДСМ, ги намалуваа работничките права.“
Не може тоа да биде оправдување и олеснителна околност за да се повикаме на инвестиции, а од друга страна тоа да се одразува врз правата на работниците.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

Авторите на анализата во предговорот оценуваат дека кога власта не може да им овозможи на работниците да користат одредено право, со измени на закон тоа право го укинува.

Професор Осман Кадриу вели дека е неприфатливо да очекуваме инвестиции на сметка на намалување на правата на работниците.

„Не може тоа да биде оправдување и олеснителна околност за да се повикаме на инвестиции, а од друга страна тоа да се одразува врз правата на работниците.“

Савески посочува дека во име на флексибилноста на пазарот се жртвувани и се жртвуваат правата на работниците, и оти наводниот бизнис рај се гради врз плеќите на работниците! Стварноста покажа дека градењето на бизнис рај истовремено значи и градење на работнички пекол, посочува тој.