Интервју - Мите Кузевски

Мите Кузевски, консултант за нови медиуми, новинар и фоторепортер..

Политиката не ексклузивно право на партиите. Протестите против полициската бруталност покажаа дека во Македонија некој почна да практикува граѓанско општество, вели консултантот за нови медиуми, Мите Кузевски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.



Кузевски, се добива впечаток дека јавната дебата за сериозни политички прашања од традиционалните медиуми се префрлија на социјалните мрежи. Зошто е тоа така, ја преземаат ли социјалните мрежи улогата на традиционалните медиуми?

Па не би рекол дека ја преземаат улогата на традиционалните медиуми, туку можеби ја заобиколуваат улогата на традиционалните медиуми. Кога се појавија новите медиуми, новиот начин на комуницирање или можноста за брза комуникација која што е повеќенасочна, а на само еднонасочна како во традиционалните медиуми, се појавија мислењата дека токму сега може да се оствари она што Хабермас сонуваше со години - идеални услови за креирање на јавното мислење. Меѓутоа со време се покажа дека тоа не е баш така. Меѓутоа во овој случај во Македонија можеме да кажеме дека имаме некои сличности на она што може да се нарече идеални услови за креирање на јавно мислење. Тоа најверојатно се случи затоа што, ако земете во низа на неколку изборни процеси немаме дебата, немаме размена на мислење, имаме само еднонасочно препукување на двете страни преку традиционалните медиуми, меѓутоа никогаш немавме директно соочување. Сега имате група на млади граѓани на кои очигледно директното соочување е нешто што им е нормално. Тоа им го овозможија социјалните медиуми, најверојатно затоа што политичка дебата не се случува во традиционалните медиуми мораше некаде да избие. Мораше некаде, луѓето, потребата за политичко да ја исфрлат некаде и мислам дека тоа се случи сега со социјалните мрежи, затоа што гледаат дека немаат друго место или каналите кои што порано ги искористувале за тоа повеќе не ја вршат таа улога.

Колку тоа може да има ефект? Колку таквата дебата што се одвива условно речено „андерграунд“ може да има влијание врз општествените текови, имајќи го предвид и фактот дека постои „кликтивизам“, односно само активизам од пред компјутер?



Она што можевме да го видиме со последниот случај на протести, односно случајот со Мартин Нешковски и полициската бруталност, е дека токму оној облик на протест што се појави организиран преку социјалните мрежи, понатаму ја насочи агендата на традиционалните медиуми. Значи успеаја овие млади луѓе, искористувајќи ги социјалните мрежи, меѓутоа не само социјалните мрежи и да останат на нив, само кликајќи дека ќе дојдат, туку голем број од нив беа и во реалниот, физичкиот свет надвор на протести. Телевизијата според сите статистики се уште има најголемо влијание во Македонија, тоа значи дека и оваа, да речеме, мала бројка на луѓе која што се собра преку Твитер, успеа преку добивање на време во традиционалните медиуми таа енергија што беше на Твитер на некој начин и да ја пренесе. Секако има шум во пренесувањето, како информацијата тече, поради шумот може и да не биде истата, меѓутоа сепак ја сетираа агендата на традиционалните медиуми.

Е сега во оној вториот дел, она што го кажа ти дека има активизам од стол или од пред компјутер, тоа почна да се случува со самата појава на овие нови начини на комуникација, иако како појава не е нешто нова. Можеме да кажаме дека давањето на потпис на некоја петиција и притоа нереално излегување на протести е истото тоа, меѓутоа проблемот сега е во тоа што е многу брзо и фрекфенцијата на појавувањето на таков активизам е многу почест. И затоа многу теоретичари беа скептици и многумина од нив се уште се скептици дека новите медиуми и социјалните медиуми можат всушност да придонесат за демократизација или пак можат да придонесат за активизам кој што би требало понатаму да ги раздвижи политичките случувања и да доведе некоја подобра ситуација од претходната.


Текст од македонски блогери се појави на Ај-рипорт на Си-Ен-Ен, блогерот „Внукот“ имаше вклучување преку скајп на Ал Џазеира, на блогот на „Вашингтон Пост“ се појави текст за протестите против полициската бруталност во кој беше искористено блогерско видео и се повикуваше на извори од македонски блогери и твитерџии. Зошто, во случајот со протестите против полициската бруталност, светските медиуми и дадоа предност на македонската интернет заедница како извор на информации, а не ги користеа традиционалните медиуми?

Традиционалните медиуми целосно го промашија покривањето на овој настан. Кога се случи настанот, единствено нешто што можеше да се прочита на традиционалните медиуми беше дека непознато момче од неразјаснети причини починало. Тоа не е вест, тоа е само една реченица, тикер. Традиционалните медиуми не успеаја да ги „ископаат“ информациите за да ги пласираат. Не дека блогерите или луѓето што беа активни на социјалните медиуми го направија тоа, меѓутоа беа доволно добри да поставуваат прашања и да размислуваат. Традиционалните медиуми во овој случај тоа не го направија. И уште една работа, веќе одамна во сите овие поразвиени медиуми, можеме да забележиме дека тие одамна ги имаат прифатено како извор на информации блогерите и социјалните медиуми, одамна веќе имаат воспоставено критериуми како ги црпат овие информации. Традиционалните македонски медиуми ниту искористија видеа продуцирани од самите учесници на протестите, ниту искористија твитови, да речеме. Во сите овие објави што го споменуваш имаше голем број на твитови, а странските медиуми тоа го користеа на начин со тоа што го цитираа корисничкото име на твитер сметката, а не да бараат како се вика тој човек. За нив е доволно, доволно добра информација и самото корисничко име затоа што тој човек бил присутен таму на протестите.

Како да се снајдат во тој шум, таму може секој да ја пласира информацијата, која од тие информации е точна, која е релевантна?



Тоа е нормално и кога одиш на терен и кога бираш два извора на пример, треба да го најдеш вистинскиот извор. Сега тука има огромен шум, меѓутоа потребно е да се следи што се случува на социјалните медиуми, да ги најдеш оние луѓе кои што другите од социјалните медиуми им веруваат, кој има најголем кредибилитет кај другите, односно како што ги нарекуваат „влијателни луѓе во социјалните медиуми“ или „social media influencers“. Значи тоа е она што го прават традиционалните медиуми на запад, скенираат и знаат. Значи мора да скенираш, да ги потврдиш изворите, мора да знаеш што се случува на терен. Значи не е премногу различно, освен што шумот е поголем тука.

Колкава е опасноста од злоупотреба на социјалните мрежи? На тоа предупредува и Амнести Интернејшнал во последниот извештај, предупредува на „опасноста режимите за возврат да ги искористат истите медиуми за задушување на демократските движења“?

Мите Кузевски.

Значи има многу интересни примери како државите кои имаат диктаторски, неслободни режими ги искористуваат новите медиуми, или интернетот посебно, за задушување на секое движење кои би сакало да придонесе за зголемување на демократизацијата во земјата. Кина, на пример, користи една тактика на создавање на многу содржина којашто ќе биде против содржина на онаа содржина што ќе кажува дека нешто не чини во Кина. Значи тие ја користат тактиката на директива на многу луѓе да им кажат да отворат блогови и да пишуваат против тоа што го пишува некој на пример што се буни против режимот во Кина. Што значи да, можна е злоупотреба, меѓутоа евидентно е дека можно е искористувањето на овие медиуми за промени во едно општество.

Како е во Македонија, може ли да се направи некаква паралела?

Горе-долу може да ги видиме тактиките кои што се користат некаде настрана и во Македонија. На пример имаше случаи на креирање на контра-групи. Во последно време мислам дека се појави и една група во која што некој бара фер судење за Игор Спасов кој што е осомничен за убиството на Нешковски. Се е тоа дел од тактика, како една информација која што почна да преовладува и сега некој што има обратен интерес, не сака да биде таа информација преовладувачка, почнува да креира контра информации кои што ќе се обидуваат да создаваат дополнителен шум, за да може информацијата да не го носи значењето што на крај треба да го донесе. Од друга страна, дури и во физичкиот свет видовме дека се организираа контра протести, односно протести против политичка злоупотреба на случајот што за мене е глупост, затоа што не може да биде подруг. Има политички барања во самиот протест, се зборува за одредени политики и за промена на одредени дејствија во институциите, и во таков случај нормално е дека протестите ќе бидат политички. Не можат да бидат нутриционистички, земјоделски или електротехнички протести, нормално е дека се политички. Нормално е дека ќе бидат политички. Меѓутоа сите овие канали каде што може да се додаде дополнителен „шум“ беа искористени во Македонија, нешто слично како што го објаснив примерот со Кина.



Меѓутоа, далеку е нашата ситуација од тоа што се случува во Кина, да бидеме реални. Јас само земав еден пример кој што можеби изгледа слично на она што јас можам да го видам во Македонија, меѓутоа сигурно не сме на тоа „дереџе“ како Кина, каде што луѓе одат во затвор заради тоа што напишале нешто на блог против кинеската влада. Значи далеку сме од тоа и се надевам и не ни помислувам дека Македонија би се нашла во таква ситуација.

И на крај кои беа ефектите од протестите?

Генерална придобивка што мислам дека е многу добра е што некој почна да практикува граѓанско општество. Значи досега бевме ставени во ситуација да политичкиот простор биде узурпиран од политичките партии, што во реалност не е така. Јас бев среќен што конечно видов политичко организирање што генерално не е поврзано со политичка партија и јас сум радосен што можам да видам сега дека некои луѓе полека сакаат да укажат дека политичкото не е ексклузивно поврзано со партиското. Кога тоа се случува, можеме да се надеваме на процеси на демократизација и на процеси на разбирање на политиката како вршење добро кон сите, а не како зло кое што мораме да го прифатиме заради тоа што така ни е наметнато.