Достапни линкови

Интернет демократија


Американските напори за слобода на интернетот не се со цел соборување на некои режими.

Алек Рос, советник за иновации на американскиот државен секретар Хилари Клинтон, е задолжен за користење на новите технологии во промоцијата на дипломатските напори за решавање на конфликти и во битката за човековите права и слободата на говорот. Во интервјуто со новинарот на Радио Слободна Европа, Голназ Есфандиари, Рос истакнува дека американските напори за слобода на интернетот не се со цел да се менуваат режими.

Постојат 195 земји во светот, а агендата на Стејт Департментот за слобода на интернетот е фокусирана врз сите. Оваа стратегија не е насочена само кон одредени земји, туку е глобална, нагласува Алек Рос.

„Дел од вообичаениот курс на нашата дипломатијата е кога некоја земја ги ограничува човековите слободи и права, Соединетите Држави реагираат, и јавно и приватно.“


Рос додава дека реакцијата на Иран на американската политика за слобода на интернетот, е доказ за карактерот на тамошниот режим. Иранската влада знае дека им ги ограничува правата и слободите на граѓаните, па затоа оценува дека заложбите за слободен интернет се насочени против нив, вели Рос. На прашањето дали Соединетите Држави преку новите технологии ги помагаат анти-владините активисти во Иран за да го соборат режимот, Рос наведува:

„Не. Интернет слободата е да им помогне на луѓето да ги остваруваат универзалните права, слободата на говорот, слободата на печатот и слично. Тоа не е агенда за промена на режими.“

Итернетот го забрзува процесот за соборување анти-демократски режими.

Сепак, интернетот и социјалните мрежи имаа голема улога во соборувањето на режимите во Египет и во Тунис. Според Алек Рос, интернетот придонесе за забрзување на тој процес, и тоа во поглед на подоброто организирање, брзо ширење на информациите и приближувањето на истомислениците. Но, според Рос клучната причина за соборувањето на режимите не е интернетот, туку корупцијата, лошата економска состојба, недостигот од демократија.

„Кај режими како Иран, владата сака да ги ограничи информациите до кои можат да дојдат граѓаните. Оттука, Стејт Департментот, преку социјалните мрежи, настојува да поврзе што е можно поголем број луѓе кои би разменувале информации меѓу себе. Истовремено, преку овие мрежи и државниот секретар Хилари Клинтон може да комуницира со енормен број луѓе, кои немаат никаква шанса лично да се сретнат со неа.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG