Интервју – Димитар Богов

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Димитар Богов, Гувернер на Народна Банка на Македонија

Во наредниот период очекуваме стабилизирање на инфлацијата на сегашното ниво и потоа намалување, вели гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, во неделното интервју на Радио Слободна Европа..






Г-дине Богов вашиот претходник пред заминувањето од функцијата истакна дека клучното прашање за новиот гувернер и за вработените ќе биде задржувањето на независноста на Народната Банка. Постои ли опасност од нарушување на независноста на оваа институција?

Законот за Народна Банка и дава независност на Централната банка, така што Народната Банка може да ја користи таа независност и од гувернерот и вработените зависи дали ќе го искористат тоа право. Јас имам намера да го искористам тоа право и Народна Банка навистина да продолжи да биде независна институција која што нема да биде под влијание на ниту една друга институција.

Тој во изјавата кажа дека тие што може да се мешаат нетреба да се мешаат таму каде што не им е место. Која е разликата помеѓу добра соработка со владата и притисок од неа?

Повторно ќе се повикам на законот за НБРМ. Таму се јасно разграничени надлежностите на Народната Банка и какви се односите со останатите институции. Значи, координација, да, таа треба да постои. Координација и комуникација помеѓу Народната Банка, Владата и Министерството за финансии кое ја спроведува фискалната политика. Тоа е институционализирано во Македонија, има Комитет за координација кој што функционира веќе подолго време, тоа треба да продолжи и ќе продолжи. Исто така неодамна е формиран и Комитет за финансиска стабилност, кое што е ново тело и каде што членуваат гувернерот и министерот за финансии, заедно со нивните соработници. Значи таа комуникација е нешто што треба да се случува и кое функционира и во други земји и тука некаде завршуваат односите. Кога зборуваме за независност сметаме да не се влијае од политиката било да е од владата или од некои опозициони политички структури врз Централната банка и тоа несмее да се случи.

Во вашиот прв говор од оваа позиција истакнавте дека девизниот курс останува фиксен. Поголем дел од стопанствениците бараат да се промени курсот на денарот, па колку држат нивните аргументи дека променлив курс на денарот ќе предизвика или ќе донесе економски раст?

Не би се сложил дека поголем дел од бизнисмените го бараат тоа, меѓутоа веројатно тие што го бараат се доста гласни. Не постојат засега причини за промена на курсот. Во последните 14 години кога курсот на денарот е стабилен ние во нашите анализи досега не забележавме влошување на конкурентноста. Од друга страна во Македонија постои висока евроизација и кај депозитите на населението и претпријатијата и кај кредитите, тоа значи дека македонските граѓани и претпријатија преферираат да штедат во девизи и да се задолжуваат во девизи, тоа во многу ги ограничува креаторите на економската политика. Исто така, не гледаме причини дека ќе се зголеми извозот и производството доколку дојде до промена на курсот. Македонија е високо узвозно зависна земја, така што многу мал, дури и краткотраен би бил евентуалниот ефект од потенцијална девалвација. Многу подобар начин за зголемување на конкурентноста на македонската индустрија е преку реформи кои што на траен и оддржлив начин би ги намалиле трошоците на македонската индустрија, односно би ја зголемиле нејзината конкурентност.

Колкави се девизните резерви во моментов?

Во моментов девизните резерви се некаде околу 1 милијарда 870 милони евра, тоа е некаде четиримесечна покриенот на увозот на стоки и услуги од наредната година и тоа е едно ниво кое е солидно. Значи, во однос на крајот на минатата година сме тука некаде, значи нема некоја позначителна промена. Без средствата повлечени од ММФ, меѓутоа тие се значително повисоки од крајот на минатата година токму поради тие средства што ги добивме од ММФ.

Кога сме веќе кај ММФ, колку пари од заемот од 220 милиони евра, владата има досега повлечено?

Повлечени се 220 милиони евра од ММФ и тие се легнати на девизната сметка, на трезорската сметка во Народната Банка. Министерството за финансии тие средства сукцесивно ги троши според потребите на буџетот.

Колку до сега има потрошено?

Ќе разберете дека сепак ние сме Банка, а банките обично не ги откриваат податоците за своите клиенти. Тоа е податок кој што сепак треба нашиот клиент, а тоа е Министерството за финансии да го открие. Меѓутоа парите се трошат сукцесивно како што се реализира и буџетскиот дефицит, а буџетскиот дефицит за целата година е предвиден на некаде близу 200 милиони евра.

Колку пари од девизните резерви се потрошени на курсот на денарот во времето на кризата?

Во времето на кризата, значи последниот квартал на 2008 и првиот квартал на 2009 година беа потрошени некаде околу 500 милиони евра за одбрана на курсот и тоа беше значителен износ значи некаде околу 25 до 30% од тогашното ниво на девизни резерви.

Владата предвидува раст на економијата годинава за 3,5%, колку се реални ваквите проекции?

Тоа се реални проекции затоа што и нашите проекции кои што независно ги правиме на почетокот на годинава покажуваа некаде околу 3% раст за оваа година. Ние ги ревидираме тие проекции на секои три месеци, во јули имаме нова рунда на ревизија на проекциите, ќе видиме како ќе излезат меѓутоа јас очекувам тука некаде 3,5 отсто да излезе и најновата проекција.

Речиси на секои шест месеци се издаваат нови државни обврзници за да се платат претходните кои веќе стигнале за наплата. Колку е задолжена владата на овој начин, има ли податоци за тоа?

Министерството за финансии преку овие обврзници коишто ги издава на домашниот пазар има некаде околу 18-19 милијарди денари долг кој што при секоја аукција се менува. Мислам дека при последната аукција имаше некое мало намалување, меѓутоа тука некаде е.

Какви мерки може Народната Банка да преземе за намалување на инфлацијата со оглед на тоа што голем дел од експертите ја оценуваат како увозна?

Точно, инфлацијата целосно е резултат на увозни фактори, значи раст на цените на храната и на нафтата и на светските пазари. Тој ефект се пренесе врз цените во Македонија, меѓутоа тој ефект се исцрпи. Податоците за април и мај покажуваат дека веќе нема ефекти од тој пораст и тоа веројатно се должи на фактот дека и на светските берзи дојде до смирување на цените во тој период. Во наредниот период очекуваме стабилизирање на инфалицијата на сегашното ниво и потоа намалување. Нашите проекции се дека во наредната година, на почетокот на наредната година инфлацијата ќе се спушти под три отсто што е она ниво што го посакуваме.

Деловните банки долго време бараат од Народната Банка да ја намали стапката на задолжителна резерва како една од мерките за да тие можат да дадат пониски камати за кредитите за населението и фирмите. Дали има услови за тоа да се направи?

Банките го бараат тоа чисто од лукративни причини. Секако за задолжителната резерва тие добиваат 2% камата на денарската, а 0,1% на девизната сметка. Доколку се ослободат тие средства тие ќе можат истите да ги пласираат во благанички записи и да добиваат 4% камата. Банките и без тоа имаат доволно ликвидни средства. Во моментов банките имаат 300 милиони евра слободни средства коишто ги пласираат во благајнички записи и немаат никаква друга намена. Значи ако банките имаат добри проекти за финансирање тие ќе можат и сега да ги исфинансираат со ликвидноста што ја имаат. Ние постојано го разгледуваме прашањето на поставеноста на инструментите на монетарната политика и ќе оцениме во иднина дали има потреба во иднина за некаква ревизија на таа поставеност, односно дали ќе се намали задолжителната резерва или нешто друго ќе се направи.

Од друга страна референтната каматна стапка на Централната банка падна од 9 на 4%, каматите на деловните банки се спуштија само на 1 до 2% . Како ја оценувате оваа нивна политика?

Точно е тоа што го констатирате. Каматните стапки на деловните банки помалку се намалија отколку каматната стапка на Народната банка, секако има тука причини зошто е тоа така, но морам да напоменам дека и сегашното ниво на каматни стапки на банките е историски најниско. Значи никогаш каматните стапки за кредити на банките не биле пониски од сегашните. Тоа го покажуваат статистичките податоци за просечните каматни стапки на банките. Секако една од причините зошто таа каматна стапка не се намали повеќе е и тоа што малку се намалија и каматните стапки на депозитите. Знаете дека депозитите се основен извор на средства за банките, банките плаќаат доста високи камати на депозитите и поради тоа веројатно имаат причина да ја држат и каматната стапка на кредитите на повисоко ниво.