Интервју - Имер Селмани

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Имер Селмани за изборите, пописот и ....

Нова демократија нема донесено никаква одлука за бојкотирање на изборите, ние сме подготвени и посакуваме да има што поскоро избори, но тие мора да бидат фер, вели лидерот на опозициската Нова демократија Имер Селмани, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.



Г-дине Селмани и покрај повиците на Груевски да се вратите во Собранието, вие се одлучивте да делувате вонинституционално, но се досега јасно не слушнавме дали Нова демократија ќе ги бојкотира изборите?

Нова демократија нема донесено никаква одлука за бојкотирање на изборите, ние сме подготвени и посакуваме да има што поскоро избори, но тие мора да бидат фер, чесни, демократски, транспарентни и да се доверливи. Значи, волјата, желбата на граѓанинот преку непосредни избори да се одрази врз составот на Парламентот и поддршката за политичките партии, се разбира дека нашиот моментум за напуштање на Собранието не беше ниту случајно, ниту одеднаш, туку се собраа најмалку три големи причини кои што ќе ги набројам - се донесе закон за попис на населението, а гледаме дека застаре, пописот крахира, нема да се оддржи, заради истите причини што и ние ги кажувавме. Втора работа, ние рековме дека Уставот ако се отвори мора се градат основните принципи на Охридскиот рамковен договор, значи да не се овозможи надгласување, мајоризација на мнозинството во одредени сегметни врз немнозинството, односно да се воведе принципот на Бадентер и се разбира третата причина исто така беше фактот што оваа власт со перманентното вложување во моноетнички проекти, провокативни проекти од типот на „Скопје 2014“ кои што кулминираат со музејот-црква на Кале, навистина им дојде на сите граѓани, а ние како политичка партија колку и да се трудевме да го стопираме тоа во Парламентот, наидовме на глуви послушници.

Сакате да кажете дека истиот ден кога овие прашања ќе бидат поставени на дневен ред во Собранието, вие ќе се вратите во законодавниот дом?

Апсолутно, да и подготвени сме многу конструктивно да учествуваме за да ги елиминираме овие лоши политички појави кои што го уништуваат и го раздвојуваат нашето општество и кои ја загрозуваат иднината на државата.

Официјален Вашингтон неколку пати досега изрази загриженост околу слободата на медиумите, независноста на судството, меѓуетничките тензии, според она што го кажувате можам ли да заклучам дека и вие ја делите истата загриженост, значи се согласувате со забелешките кои и амбасадорот Рикер ги потврди по враќањето од Вашингтон?

Апсолутно. Ние буквално сме на иста линија со меѓународната заедница. Само ако внимателно се толкуваат пораките од ЕУ или од САД или од опозицијата вклучувајќи ја и НД, горе долу 99% ние се согласуваме. Единствно останува власта којашто се уште мисли дека Македонија е рај за медиумите или дека човековите права се на највисокиот пиедестал или дека судството ни е тотално професионализирано, значи единствено ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ веруваат во овие приказни во кои и самите преку скапи промотивни материјали сакаат да ја убедуваат јавноста.

Г-дине Селмани, вие бевте министер за здравство во владата на Груевски, дали во тоа време имавте несогласувања и беше ли тешко да се следат владините политики?

Не. 2006-2007 година, беа години кога навистина се направи голем напор за да се хармонизира нашето законодавство со европското, само за Министерството за здравство донесовме 15 закони, кои што поминаа и во Парламент, за да нашето законодавство во здравството се усогласи со европското. Морам да кажам дека не сум имал никаков отпор во тогашната влада заради тоа што проектите беа неопходни и беа одржливи, значи беа потребни, меѓутоа од друга страна ценам исто така дека оваа влада, односно ВМРО-ДПМНЕ ако можам поточно да именувам, преломот во политиките се случи некаде пред Букурешт 2008 година или после Букуршт посебно на предвремените парламентарни избори кога од еднаш една политичка партија која во 2006 година победи на тогашните парламентарни избори врз основа на економска програма, се префрли исклучиво на политичка агенда со антиквизација, со создавање на непријатели или со пропаганди коишто го поделија општеството на наши и ваши, на протести и антипротести, почнаа да ги бркаат и амбасадорите, да ги именуваат со разни титули, така што оваа политика почна некаде во 2008 година.

Имам впечаток дека ДУИ нема страв од албанската опозиција којашто се, толкува како пасивна. Дали Нова демократија прави некакви комбинаторики со друга албанска партија со цел окрупнување на албанската опозиција?

Позицијата на ДУИ во власта е жална. Ако само ги погледнете нивните предизборни ветувања во 2008 година, не можете да најдете ниту еден процент, ниту едно големо крупно ветување коешто успеале да го остварат во овие години колку што се на власт, а со нивното перманентно однесување како добри послушници на ВМРО-ДПМНЕ, само со гласање во Парламентот и во владата, со низа проекти коишто се на штета на самите гласачи кои што гласале за ДУИ во 2008 години, ДУИ е далеку од онаа поддршка што ја имаше во 2008 година.

Тоа значи дека ги отфрлате шпекулациите кои што се појавија во одредени медиуми дека Нова демократија и ДУИ се блиски и дека е можна постизборна соработка?

Народот, гласачите ќе си кажат кој со кого мора да соработува, сакал или не сакал, по изборите. Меѓутоа кога зборуваме за предизборни комбинаторики ние сме само во една коалиција, а тоа е коалиција со нашите со народот, со граѓаните.

Познати се вашите ставови околу пописот и потребата за негово одложување, сега веќе е извесно дека овој процес ќе биде одложен, но друго нешто ме интересира, зошто ви е толку важна статистиката, зарем не е поважно како живеат Албанците во државата, отколку колку е нивниот процент?

И едното и другото се многу битни работи, и како живеат Албанците и неалбанците во нашата држава, а и исто така е битно да имаме и реална бројка, за тоа што пописот не случајно е воведен уште многу поодамна, за да бидат изброени сите граѓани во една држава за да се види колку сме по старост, како сме распоредени територијално и се разбира она што кај нас како држава е специфична категорија е етничката карта или етничкото огледало на државата, затоа што од тие податоци понатаму согласно Уставот и Охридскиот рамковен договор, зависат многу политички права и за Албанците и за неалбанците во државата, значи ние имаме седум различни етнички заедници според Уставот на државата, така што во оваа конотација ние сакаме само фер попис кој што до крај ќе биде сеопфатен. Видете, многу е битно не само на денот на пописот што ќе се случи, битни се политиките на државата во наредните десет години.

Неколкупати досега изјавивте дека местото на Македонија е во ЕУ и НАТО, тоа е процес кој што е блокиран од проблемот со името со нашиот јужен сосед. Дали мислите дека одолговлекувањето на овој процес ќе ги влоши меѓуетничките односи во земјава?

Очигледно ќе ги влоши, значи јас не можам да прејудицирам проценти или бројки, но дека ќе ги влоши, ќе ги влоши. На крајот на краиштата името на државата, не е само прашање на македонскиот народ, затоа што колку повеќе се зборува дека името на државата треба да биде прашање на македонскиот народ, од друга страна дава една порака дека државата е само на Македонците, тогаш како треба да се чувствуваат Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите во оваа држава, немаат право да одлучуваат за својата иднина? Значи ако во еден момент ние имаме толку голема разлика помеѓу Албанците и Македонците во гледањето на перспективата на државата, сигурно може да помине година, две, три, меѓутоа ние ќе имаме големо разединување внатре во државата затоа што нема да гледаме исто на иднината. Тука е проблемот што ние мораме да го решиме овој проблем, не заради тоа што тоа го бараат Грците, и ќе се сфати дека тоа решение не треба да го правиме заради Грците, ние тоа решение мораме да сфатиме дека го правиме за иднината на нашата држава, на нашите граѓани, за иднината на нашите деца.

Но, токму за тоа прашање нема внатрешен консензус?

Не е само дека нема само внатрешен консензус, немаме меѓуетнички консензус затоа што никогаш никој не посакал да има консензус. ВМРО ДПМНЕ како на некој начин ова прашање да го има присвоено само за себе, тие очигледно на оваа карта ги добиваат изборите и мислат дека тие се газди за името на државата. Од друга страна вие немате консензус и меѓу самите Македонци, помеѓу опозицијата и власта, така што ова прашање е далеку повеќе нагласено отколку што е проблем во нашето општество, односно ова прашање има многу политика заради партиски математики и профитирања, а на крајот од ова прашање најмногу ќе пати обичниот граѓанин.