Ако има предвремени избори, посакувам тие да не предизвикаат негативни ефекти врз реформите, ЕУ интеграциите, но и врз преговорите за името, вели францускиот амбасадор Жан Клод Шлумберже во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Ваша екселенцијо, согласно коментарите на многумина аналитичари, во Македонија има политичка криза. Имајќи предвид дека Вие претставувате држава со вековна демократска традиција, што може да се преземе за подобрување на политичкиот дијалог во Македонија?
Политичкиот дијалог е прашање кое е поврзано со духот, но исто така е и практично прашање. Во духовното размислување, тоа се однесува на мнозинството и опозицијата кои се спротивставени страни, а не непријатели. Понекогаш се сметаат дури и за партнери. Треба да се знае од време на време, да се надмине бариерата за да се зборува со политичкиот противник, да му се подаде рака, а понекогаш дури и да се разговара. Тоа е навистина духовно размислување, состојба на духот која е многу важна за да се прифатат правилата на демократската игра. Бидејќи ме прашувате за демократската практика во Франција, ќе Ви дадам два конкретни примера. Пред извесно време во Франција имаше голем проект за реформа на пензиите. Навистина, опозицијата се противеше на таквиот проект. Силно се спротивстави, дури имаше и протести кои ги организираше синдикатот. Но кога прашањето беше поставено во собранието, Законот беше изгласан и усвоен од мнозинството, а опозицијата го прифати тоа гласање, велејќи дека сепак мнозинството на избраници на народот одлучија така. Опозицијата рече: ќе видиме во 2012 на следните претседателски и парламентарни избори што ќе одлучи гласачот. Таа порака ја упатувам до опозицијата, затоа што дебатата треба да се одвива во институциите кои служат за таа намена. Вториот пример: дебатата треба да се одвива во нормални услови, а за тоа француската практика може да се смета за интересна. Мнозинството одлучи да назначи пратеник од опозицијата за претседател на комисијата за финансии, што е значајна функција. Мнозинството не беше обврзано да го направи тоа, но го стори во знак на почит спрема опозицијата и желба да се воспостави вистински политички дијалог. Таа порака можам да му ја упатам на парламентарното мнозинство. Тоа е во однос на примерот како работите се случуваат во Франција.
Се` поактуелна тема се предвремените избори. Секако, станува збор за внатрешно-политичка работа, но гледано од страна – од аспект на странски набљудувач, дали може да се очекува дека ќе има значајни промени ако се смени власта, а во меѓувреме не се најде решение за спорот со соседна Грција?
Не би можел да зборувам за предвремените избори во Вашата земја, затоа што станува збор за прашање од доменот на внатрешните работи и тоа е одговорност на политичките партии. Единствено што можам да кажам е дека ако се случат предвремени избори, посоакувам тие да не предизвикаат негативни ефекти во однос на реформите, односно одот кон Европската унија, но и да нема последици во однос на преговорите за името кои се значаен елемент за иднината на Вашата земја. Понатаму, ако се одржат избори тие треба да бидат слободни, чесни и според широко познати критериуми. Тука навистина имам доверба во сите политички партии, дека навистина ќе изградат еден таков систем што сите ќе го прифатат.
Како гледате на преговорите со Грција? Од Ваша перспектива, дали се забележува напредок?
Во однос на преговорите за името со Грција, за жал, треба да ви кажам дека нема некој напредок. Пред помалку од една година дена од Вашиот медиум бев запрашан за тоа прашање, за време на шпанското претседателство, и кажав дека ќе бидам оптимист. Но како поминува времето, се помалку ќе бидам оптимист. Времето минува а не постојат никакви индиции што покажуваат дека има напредок. Можеби се случуваат работи, јас се надевам дека се случуваат работи за кои јас не сум во тек, но се надевам дека набрзо ќе може да се постигне договор или компромис, или ќе видиме некаков знак, некој политички знак дека нешто ќе се случи.
Официјален Брисел „на тапет“ го стави судството во земјава, а судејќи по извештаите, можни се нови забелешки за човековите права и слободата на говорот. Дали покрај спорот со Грција и овие забелешки може да ја „сопнат“ Македонија на патот кон ЕУ и НАТО?
Колку повеќе Македонија ќе се вклучува во реформите, толку повеќе ќе има можност да се подготви за преговорите за приклучување. Извештајот за напредокот ги дава насоките кои треба да се следат и е многу важно македонските власти да успеат да ги спроведат сите обврски, да успеат да ги спроведат во однос на различните поглавја кои се дефинирани. Пред се`, мислам на политичкиот дијалог, судството, независноста на судството, слободата на медиумите, борбата со корупцијата. Нема се` да ви споменувам бидејќи тоа е добро познато. Колку повеќе ќе се напредува во работата, толку полесно ќе биде за Вашата земја да ги помине последните етапи.
Веќе се познати забелешките за судството, но се чини дека во последно време свеж проблем е слободата на медиумите. Дали имате впечаток дека слободата на медиумите е загрозена?
Во однос на тоа, различните организации, односно Европската унија или поспецијализираните организации, како оние кои вршат мониторинг на медиумите, се многу јасни. Има две закани кои се однесуваат на печатот а тие се политичката закана и економската закана. Тоа треба да се избегне – медиумите да се наоѓаат под притисок на политичката власт или политичките партии, но исто така не треба ни да бидат изложени на економски притисок. Знам дека тоа е тешко затоа што некои сметаат оти постои контрадикторност во однос на борбата против корупцијата и економските интереси врз печатот, а од друга страна слободата на медиумите. Но мислам дека во една нормална земја би можело да работиме во таа насока. Постојат начини да се имаат медиуми кои ќе бидат независни. Тоа значи дека новинарите и главните уредници ќе можат да си ја вршат својата работа, а притоа ако има економски или политички групи што ги подржуваат, тогаш во ред. Најважно е да постои независноста на новинарите, да не биде автоцензурирана или цензурирана.
Како го оценувате интересот на француските инвеститори за Македониија?
Ќе признам дека за мене за жал тоа е најмалку позитивниот аспект на билатерален план откако сум пристигнат во оваа земја, затоа што сметам дека француските инвестиции и не се така големи. Тоа се објаснува со фактот дека постоеше економската и финансиска криза. Знам дека пред моето доаѓање, во 2006 и 2007 година имаше неколку желби за инвестиции, но сето тоа беше прекинато во моментот на кризата, затоа што се случи еден вид на кочење. Сега се надевам дека со враќањето на економскиот пораст, бидејќи во Франција сега излегуваме од кризата, и нашите претприемачи уште повеќе ќе добијат желба да одат во странство. Со добрите перспективи кои, според меѓународните институции, се нудат за Македонија, се надевам дека ќе биде изразен интерес за повторно обновување на тие проекти.
Кога веќе зборуваме за економија, Франција беше атрактивна дестинација за „економски азил“ на наши жители. Која е Вашата препорака за економските азиланти?
Мојата препорака е мошне јасна. Ќе речам: не ги слушајте измамниците кои профитираат од Вашата мака, за нивен личен профит. Визната либерализација за краток престој во Шенген зоната е значаен елемент кој се случи во декември 2009 година и Франција силно се заложи да се постигне тоа. Но таа мерка не треба да служи како изговор за заобиколување на правилата. Економскиот азил како термин не постои. Азилот се спроведува кога постојат хуманитарни причини или закани за човековите права на одредени лица. Тоа воопшто не е случај со Македонија, бидејќи таа се наоѓа на листата на сигурни земји, односно во листата на земји каде што не постои закана врз база на која би се дал азил од хуманитарни причини. Значи, ако Македонци посакаат да останат повеќе од трите легални месеци во Франција, тогаш ќе бидат вратени во сопствената земја, како што тоа се прави и во други земји. Тоа прв пат беше направено пред неколку дена, со специјален лет со кој беа вратени 83 Македонци со нерегулиран престој во Франција. Тоа беше доброволно враќање во земјата, а тоа значи дека ние воопшто не ги обврзавме со правни мерки, туку им кажавме дека единственото решение е да се вратите назад а ние ќе ви помогнеме и ќе ви обезбедиме авион. Така беше направено тоа.