Достапни линкови

Интервју - Љубомир Фрчкоски


Љубомир Фрчкоски
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:04 0:00

Интервју со Љубомир Фрчкоски

Мислам дека власта нема никакви шанси да влезе во решавање на спорот пред предвремените избори и се работи за една слаткоречива глума и идеи, кои тие демек ги расправаат.

Професоре, изминатиов период сме сведоци на многу непријатни слики, опозицијата излезе од парламентот, нема политички дијалог, слободата на медиумите е доведена во прашање, згора на тоа се подгреваат и меѓуетничките тензии. Како според вас изгледа сево ова во очите на меѓународната заедница?

Па, со еден збор лошо, тука нема дилема. Вие ги имате веројатно собрано сите информации веројатно и од ЕУ, и од Американците и од земјите кои што се сметаат за наши покрупни пријатели, без исклучок коментарот е дека одиме во слепа улица, меѓутоа соочени од друга страна со едно огромно прашање, незнаат што е целта на владеачката гарнитура во Македонија - дали сеуште е евроатлантскиот пат пред нас или има некои други опции за кои им треба поинакво реструктуирање на политичките сили внатре? Второ, живееме внатре ние граѓаните, да го оставиме прашањето како тоа од надвор изгледа, туку граѓаните во Македонија живееат еден период на исклучителна репресивност на режимот, од кршење на човековите права во притвор, полиција, затвор, или прислушување и слободата на говорот што стана клучна тема во извештајот на ЕУ, тоа кулминираше со инцидентот со А1, што е некаква идеолошка кулминација на тој судир на слободните медиуми, па и граѓанството зад нив со власта, и тој тече пред нас сеуште, имаме второ продолжение уште поконтраверзно. Од друга страна, тоа беше повод опозицијата да оди надвор од парламентот и мислам дека таа тоа добро го направи, според моја проценка затоа што политичката криза ја акцентираше, недозволи на тој начин да се стави под ,,килим", го интернационализираше уште повеќе проблемот со методите на владеење внатре со едно комплетно растурено, зависно од власта, судство и со тоа ја отвори кризата за едно поголемо влијание и притисок од надвор како би одело некако во правец на нејзино институционално разрешување, што очигледно ќе бидат некои законски промени, не зборувам за законодавство, и предвремени избори по моја проценка некаде мај-јуни оваа година.

Како да се сфатат пораките од Брисел и Вашингтон кога велат дека се загрижени. Дали истите допираат до вистинската адреса?

Па пораките во вообичаениот дипломатски речник се нешто под најострите возможни, кога можат да ве исклучат, што се случувало во Советот на Европа со неколку држави. Ова е после тоа исклучување, тоа е најжесток судир со државата, после Белорусија, едно време и Украина, ова е втор тип на остра порака дека се работи за не стоење во место, туку за назадување на Македонија по однос на реформите и генералната демократска слика, дека се загрижени друго поостро неможат да кажат, вториот би бил осудување жестоко на некоја пракса, тоа би бил најжестокиот термин, се осудуваат од тој термин сеуште, ни даваат шанси, но загриженоста и децидните ставови кај судството дека не се работи за независно судство, се мнгоу експлицитни, јасни.

Велите дека оваа криза ќе заврши најверојатно со предвремени избори, но колку тие можат да бидат решение со оглед на фактот што сепак владеачката коалиција во овој момент има повисок рејтинг во однос на опозицијата?

Ако се земе во предвид дека Македонија е земја која во овој период поради репресијата живее во голем стрес, притисок и страв, телефонските анкети треба да се земат со резерва. Да ве потсетам дека Милошевиќ пред поразот од Коштуница имаше анкета која му даваше предност 2:1 спрема опозицијата, па ги изгуби изборите. Во такви ситуации, кога ќе затече, кога ќе дојде до крај, телефонските анкети не ви се најсигурен израз, а и да ги земеме во предвид, последната на Дневник зборува за однос 1,6-1, јас мислам дека реалниот однос сега е 1,4-1 сега, земајќи ја во предвид анкетата, а за два месеца тоа би било 1-1. Ако тргне жестоко мислам дека ќе дојде до смена на власта, без некој поголем проблем и затоа многу им се брза. Во основа власта се брза да распише предвремени избори сега ако може, тоа меѓутоа неможе да го направи поради Ахмети, ним им е важен Ахмети, тие мораат да го имаат со себе и ДУИ за да распишат избори, ако Ахмети излезе или се противи, неможат сами, може да дојде до бојкот кој ќе ги блокира изборите, значи мора да го имаат Ахмети на своја страна, а од друга страна негов став е дека без опозицијата неможе да се договорат изборни закони, неможе да се оди на предвремени избори.

Професоре неколкупати досега имате изјавено дека македонската страна нема стратегија по однос на спорот за името или поконкретно се нема политичка волја да се реши овој проблем. Тогаш која е целта на преговорите и до кога може да трае ваквиот процес?

Решение за името неможе да се очекува дека ќе се случи до предвремените избори. ВМРО ДПМНЕ незнам како би излегол на избори ако покрај ова ,,дереџе" во кое се наоѓа, и падна рејтингот, ако уште и договори решение за името пред изборите, не толку колку што опозицијата тоа би можела да го користи за да напаѓа, заради извршено предавство, опозицијата неможе тоа да го прави бидејќи таа има став дека тој спор може да се реши без никакво пореметување на националните атрибути и Уставот, туку заради тоа што ќе биде изложен на прашањето што ,,гњавел" до сега ако веќе имал намера да го стори тоа, а ние стоиме четири-пет години во место или одиме назад. Второ, ќе се случи раскол во таборот на владеачката партија бидејќи таму има еден дел, 20-30%, кои вистински веруваат во антиквизацијата и приказните околу тоа и ќе го третираат тоа како директно предавство. Од друга страна и заклучно, мислам дека тој нема никакви шанси да влезе во решавање на спорот пред предвремените избори и се работи за една слаткоречива глума, контакти, ,,идеи" нови и стари, кои тие демек ги расправаат, во основа тоа е губење време за сите оние кои што знаат нешто околу тоа, тука не се случува во основа ништо. Не само што демократските процеси стојат, туку ВМРО ДПМНЕ инстиктивно ќе посегне по меѓуетничките тензии пред изборите, тоа секогаш го правеле, скоро инстиктивно.

Сакате да кажете дека сценарија од типот на протести и контрапротести како што беа на скопското кале и одговораат на владата?

Да, за жал им одговара на двете партии. Прво ќе почнам од ДУИ. Протестите и жестокоста со која ДУИ изреагира иако изгледа лошо, изгледа дека институциите во кои учествуваат не функционираат, за партијата функционира добро и тоа другите албански партии го почувствуваа и ја нападнаа ДУИ за популизам, во основа тоа функционира добро, дека партијата брани интереси. Од друга страна за ВМРО ДПМНЕ интерпретацијата ќе биде следна, дека тие ги бранат црквите и националниот интерес дури и по цена на судир со коалициониот партнер. Значи тие ќе гледаат да го спинуваат тоа во национални бои и за партијата тоа во оваа ситуација на паѓање на рејтингот, малку од малку ќе биде крепење, барем во овој националистички камп кај Македонците, но тоа истовремено е исклучително лоша игра за нас генерално, ние можеме да ја изгубиме Македонија како унитарна држава со такви игри и со тој тип на користење на меѓуетничките тензии.

Повторно ќе се вратам на името. Професоре дали решавањето на ова прашање значи сигурно членство на земјава во ЕУ и НАТО?

Прво, крупно е решавањето на прашањето. Немојте така ,,решавањето" па ,,другото". Тоа прашање од оваа власт ќе биде минирано. Тој што ќе го фати веднаш ќе биде оценет како предавник, така што ќе биде жестока расправа, но таа мора да се отвори првите месеци откако новата власт ќе седне во столицата и тоа со голема одговорност. Може да има јавни протести, тогашната опозиција веднаш ќе излезе да го блокира тоа, ќе се обиде да гради на тоа. Значи тоа нема да биде лесно независно кој е во приказната и затоа новата влада мора да биде сериозно концепирана, неможе луѓе од овој тип ветрушки кои ќе ги издува ветерот од улица веднаш , па неможе човек кој првпат се обидува кариера да направи ,,ќе го растурат" со тој тип на натпревар. Тоа мора да биде сериозна структура, која ќе се одлучи, ќе има волја тоа да го реши за два месеци и тоа ќе ви кажам на кој концепт и мислам дека тој концепт ќе се одржи - тоа е меѓународно име со географска одредница што ќе ја замени ФИРОМ без промена на Уставот и без допирање на атрибутите на македонскиот народ и јазик.

Тоа Грците би го прифатиле?

Тоа може, а дали Грците би го прифатиле ќе видиме, јас мислам дека тие еднаш го прифатија тоа после Букурешт на состанокот меѓу Бакојани и Милошоски, имаше таква опција за користење на тие термини, но нашите го игнорираа и не го развија тој концепт. Значи има таква линија во преговорите, посебно со нашите стратешки партнери, тоа може да се обработи без проблеми според мое мислење.

Дали по се што се случи, жалите што не ги добивте изборите во 2009 година?

Па, мислам дека тогаш не беше возможно тоа да се направи. Тогаш магаре да врзеа на нивната гласачка листа ќе поминеше. Да ве потсетам на пет, шест јавни собири него му скандираа, на сегашниот претседател, Зоран, Зоран, па Горан, Горан, тие воопшто не знаеа како се вика личноста. Тоа беше една машина и по мое мислење тогаш беше важно да се спротивставите на таа одвратна, репресивна машина на власта и да изборите еден резултат кој дури сега СДСМ го постигнаа, 1,6-1. Тој беше фантастичен резултат, можеше јасно да се види разликата во концепциите, меѓутоа сега на истиот тој проблем опозицијата ќе ја добие ситуацијата.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG