Мубарак поднесе оставка

Египетски војник го слуша говорот на Хосни Мубарак

Претседателот Хосни Мубарак денеска поднесе оставка, беше соопштено предмалку преку државната телевизија. Веста ја соопшти Потпретседателот Омар Сулејман.
Илјадници демонстранти слават на плоштадот Тахрир во Каиро Се јавува дека Претседателот Хосни Мубарак го напуштил главниот град. Според Ал Арабија, Мубарак заминал за Шарм ел Шеик.
Илјадници демонстранти во Каиро инаку денеска ја опколија Претседателската палата и државната телевизија незадоволни што Мубарак не поднесе оставка синоќа како што се очекуваше. Армијата на Египет вети и фер избори, но не објави кога.

Египетската армија инаку претходно го поддржа планот на претседателот Хосни Мубарак за трансфер на власта.
Во соопштението на Високиот совет на војската се вели дека таа го одобрува трансферот на овластувањата од Мубарак кон потпретседателот, Омар Сулејман.
Војската, исто така, вети слободни и фер избори оваа година, но не е соопштен датум. Армијата исто така ветува дека ке спречи изборен фалсификат.
Војската во соопштението предупреди дека ке реагира доколку има закана за националната безбедност и повика на враќање на нормалниот живот во земјата.
Демонстрантите, пак, преходно најавија дека ќе излезат во голем број денеска откако Мубарак го одби барањето да се повлече веднаш од претседателската функција.

Неисполнети очекувања

„Долу Мубарак – Оди си Мубарак“. Египќаните ноќта традиционално мафтаа и ги фрлаа чевлите. Денеска повторно протести во Каиро и реакции на обичните граѓани од одлуката на Претседателот да не се повлече по 30 години власт.

„Мубарак не го интересираат обичните луѓе. Тој повторно не шокира синоќа. Мубарак сака Египет да биде уништен.“

Египетскиот претседател Хосни Мубарак не ги исполни очекувањата на неговите сонародници дека на синоќешното обраќање на државната телевизија ќе објави дека се повлекува од функцијата. Наместо тоа тој го реафирмира своето поранешно ветување дека нема да бара реизбор кога неговиот мандат ќе истече во септември. Велејќи дека зборува од срцето, „како татко на своите деца“, Мубарак изрази жалење за стотиците Египќани кои загинаа во протестите во последниве 17 дена против неговото 30 годишно владеење. Но, Мубарак рече дека дал заклетва на функцијата претседател пред Бога да и служи на земјата како претседател и дека нема да прифати „странски упатства“:

Мубарак и Сулеиман

„Како претседател, мене не ми е срам да ги слушам младите луѓе во мојата земја. Но, мене ми е срам да слушам и да прифатам странски инструкции, без оглед на нивните мотиви.“

Тој најави дека ќе пренесе дел од своите овластувања на својот заменик Омар Сулејман, но ќе остане на оваа функција да го надгледува мирниот трансфер на власта.

Сулејман, пак, ги повика демонстрантите да се вратат дома да го игнорираат странскиот елемент што имал за цел да го ослабне Египет и предизвика хаос. Сулејман се обврза дека ќе направи се за мирна транзиција на власта врз основа на уставните одредби.

Остри реакции на Вашингтон

Во Вашингтон, американскиот претседател Барак Обама веднаш по говорот на Мубарак издаде соопштение од кое се гледа дека е изненаден од неговата одлука и дека Белата куќа е нетрпелива од темпото на реформите.
Обама остро запраша дали намерата на Мубарак да ја префрли власта на својот потпретседател е јасен знак на реформи за земјата во хаос.

„Премногу Египќани остануваат неубедени дека владата е сериозна во намерата за вистинска транзиција кон демократија“, изјави Обама.

Клучот е кај Армијата

Џоел Рубин, аналитичар на Мрежата за национална безебдност со седиште во Вашингтон, говорот на Мубарак го оцени како „прилично шокантен“.

„Мислам дека ние ќе видиме многу повеќе луѓе отколку во последниве неколку дена и дека се можни насилства, и дека прашањето е што ќе се направи армијата. Дали армијата ќе изврши притисок врз народот или ќе преземе чекори за отстранување на Мубарак? Не сум сигурен.“