Зголемената доверба би можела да биде еден од условите за приближување на позициите до изнаоѓање решение за спорот, вели министерот за надворешни работи Антонио Милошоски во кусото интервју за Радио Слободна Европа на македонски јазик. Милошоски деновиве очекува средба со неговиот грчки колега Димитрис Друцас во Црна Гора.
Г-дине министре претстои средба на посредникот Метју Нимиц со двајцата преговарачи Василакис и Јолевски. Што очекувате од средбата?
Очекуваме оваа средба да биде прилика во која што двете страни уште еднаш би ја реафирмирале својата поддршка за г-динот Нимиц и за самиот процес што се води во ОН, за да се отстрани чувството и сомнежот дека процесот во ОН некој намерно или случајно би сакал да го маргинализира. За таа цел го повикавме на консултации амбасадорот Јолевски, кој е нашиот специјален претставник во овој случај со цел да размени мислења со државното раководство за да може да има еден посодржински настап пред посредникот.
Нешто поконкретно, какви инструкции ќе добие Јолевски?
Тоа би било сега да речам, можеби посоодветно инструкциите да останат за него, но во секој случај инструкциите ќе се движат во насока да продолжи македонско-грчкиот дијалог со цел да се зголеми довербата меѓу двете страни, а зголемената доверба да може да биде еден од условите за приближување на позициите до евентуално изнаоѓање на решение за овој билатерален грчко-македонски спор.
Дали од ваша страна има некаква иницијатива за билатерална средба со грчкиот колега токму околу прашањето за името?
Сега имаме заедничко учество во Црна Гора, по повод претседавањето на Црна Гора со процесот на соработка во ЈИЕ на 28 јануари и доколку околностите дозволуваат мене би ми било задоволство да имам прилика да разговарам со грчкиот колега Друцас. По дипломатски канал веќе го најавивме тој интерес, очекуваме одговор од грчка страна и се надевам дека ќе ја искористиме приликата за средба на која што би можеле во секој случај да разговараме и за многу други прашања. За економската соработка, за економската состојба во двете земји, за можен договор на билатерално ниво за одбегнување на двојното оданочување, за отвoрање на нови гранични премини, за нешта кои конкретно, видливо и реално ќе ја покажат волјата на двете страни за поголемо зближување и соработка и ќе ја олеснат и зближат комуникацијата меѓу нашите стопанственици и луѓе.
И уште едно прашање, политичките тензии во Албанија. Претпоставувам дека македонската влада со внимание ги следи, каков е вашиот став во врска со случувањата таму и можни ли се некакви импликации врз Македонија?
Она што се случува во Република Албанија не е добро за самата држава, но истовремено му штети и на целиот регион. Сметам дека таа политичка поларизација може единствено да се надмине со политички дијалог помеѓу главните предводници на најголемите политички партии во државата. Не очекуваме импликации во соседството или во Македонија, затоа што сметаме дека нашиот политички систем, коалиционо партнерство и функционирање на институциите ја има потребната политичка стабилност.