Унгарија посредник за името?

Евроамбасадорот Ерван Фуере, пратеникот Зоран Петрески и амбасадорот на Унгарија Ференц Кекеши

Силна Европа со човечка димензија-Унгарскиот амбасадор Ференц Кекеши за приоритетите на унгарското претседателство со ЕУ
Под мотото Силна Европа со човечка димензија, унгарскиот амбасадор во земјава Ференц Кекеши ги претстави приоритетите на унгарското претседателство со Европската унија во наредните шест месеци. Еден од главните приоритети е процесот на проширување на Унијата, кој, како што посочи, треба да се води на одговорен начин. Земјите од регионот треба да работат во согласност со европските пракси, рече Кекеши.

„Унгарија ги поддржува напорите на македонската влада за приклучување кон Европската унија. Во таа насока Унгарија е подготвена да го олесни почнувањето на преговорите, ако постои консензус. Ќе ја набљудуваме ситуацијата одблиску, ќе ги следиме настаните и доколку биде побарано активно ќе се вклучиме во процесот. Секако, потполно ги поддржуваме преговорите предводени од Обединетите нации“, рече Кекеши.
Доколку биде побарано, активно ке се вклучиме во
процесот.

Тој додаде дека целта на Унгарија е да создаде економски, социјално и политички посилна Европа која ќе биде поблиска до граѓаните.

Ерван Фуере

Претставникот на Европската унија во Скопје, Ерван Фуере чиј мандат истекува наредниот месец, ја искористи приликата за уште еднаш да потсети дека клучен за земјава е политичкиот дијалог како гаранција за успех и создавање поволна клима за доверба на граѓаните во институциите. Целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор и успешното спроведување на пописот ќе бидат главните предизвици за оваа година, рече Фуере.

„Ги охрабруваме сите политички партии, почнувајќи од владината коалиција да се ангажираат во спроведување кампањи за зголемување на јавната свест за да се осигураат дека сите граѓани се свесни за важноста на овие процеси, а секако Европската унија ќе ги поддржи ваквите активности“, рече Фуере.

Вицепремиерот за европски прашања, Васко Наумовски изјави дека 2011 година ќе биде клучна за Западниот Балкан и оти за Македонија е можен почеток на преговори годинава.

Наумовски посочи дека Македонија активно работи на изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за името во спорот со Грција и оти настојува да има повеќе директни контакти со Грција во насока на брзо решавање на овој проблем.

Претседателката на евроатланскиот совет, Радмила Шеќеринска, пак, изрази незадоволство од начинот на кој оваа влада ги води евроинтегративните процеси. Не треба да водиме дијалог заради дијалог, туку дијалог за договор“, рече Шеќеринска.

Инаку, генералните приоритети на Унгарија во текот на нејзиното претседавање со Унијата ќе бидат промовирањето на економски развој, зацврстување на заедничките политики преку пронаоѓање начини за нивно ефикасно спроведување, приближување на Европа до граѓаните и идно проширување на Унијата.