Бројките покажуваат дека, на прво место граѓаните се жалат на судската власт, а после тоа се полициските постапки и работните односи.
Г-дине Мемети една од вашите реакции беше дека година значително се зголемил бројот на граѓани кои поднеле преставки до оваа институција. Како ова да се свати, дека Народниот правобранител се наметнува како коректор на политиките на институциите на власта или само ги констатира состојбите?
Ние слободно можам да кажам, дека како институција сме задоволни или има едно задоволително ниво на препораките на институцијата Народен правобранител по однос на поединечните случаи, но кога се однесува на нашите општи констатации по однос на одредени појави или функционирањето на одредени системи во општеството каде што на крајот на годината предлагаме општи препораки каде се слабосите и како треба да се надминат. Тука како институција навистина неможеме да бидеме задоволни со тоа како се почитуваат или колку се прави односно колку се спроведуваат нашите општи препораки.
Најголем дел од преставките и годинава се од судството. Зошто тука нема придвижувања?
Години наназад за судството има најголем број на преставки на граѓаните. Меѓутоа тоа не е случај само во нашето општество. Тоа е случај и во опкружувањето па ако сакате и подалеку. Граѓаните најповеќе се жалат од судската власт од причина што таму се одлчува. Мислам дека сеуште многу треба да се работи на реформирање на тој систем. Јас сум убеден дека од формален аспек се направени чекори за реформирање на тој систем, но праксата ме демантира и покажува дека тоа не е доволно и дека најверојатно според моја проценка после неколку години ние ќе треба за жал повторно да се вратиме на реформирање на тој систем се со цел да се постигне целта, тој да е ефикасен и квалитетен.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Кои други сегмени од доменот на човековите права се занемаруваат?
Ако се гледа низ призмата на бројките тие во нашата институција покажуваат дека како што реков, на прво место граѓаните се жалат на судската власт, после тоа зависи од година во година ги менуваат местата, полициските постапки и работните односи. За жал мора да констатирам дека работните односи доаѓаат на второ место секогаш кога во Македонија се случуваат избори што индицира дека тоа време се случуваат најголемите прекрушувања на човековите права во сферата на работните односи. После тоа исто така загрижува фактот и по однос на имотно правните односи затоа што повеќе од десет години функционира законот за денационализација, но никако да го доведеме до крај или општеството да го приврши или да го заврши тој процес. Понатаму следуваат другите области како што е социјалата итн.
Да се навратиме уште еднаш на извештајот на ЕК. Имаше различни толкувања во однос на тоа што беше напишано во него. Како вие го коментирате извештајот?
Ако го гледаме делот за човековите права, скоро една третина се посветува на три клучни прашања - превенцијата на правата на граѓаните од мачење или друг вид на нечовечко постапување во затворите, полицијата, психијатриските болници итн. Второ, дискриминацијата, а трета работа која не треба да се занемарува се правата на малцинствата со посебен осврт на правата на Ромите. Понатаму доаѓаат прашањата по однос на вероисповест, слободата на изразување, правата на жената, на децата итн. Значи кај сите овие сегмени ние како општество мораме уште многу да работиме и по однос на тоа што значи промоција на човековите права, но и по однос на тоа што значи квалитет на заштита на тие права.
Во колкав степен е присутна дискриминација по основ на политичка определба?
Македонија е плурално општество и исто така во него има доста различности било тоа да се од верска, јазична, етничка припадност итн. Верувам дека има доста поделби и дека треба уште многу да се работи на ова поле и упатувам јавен апел дека негувањето на толеранцијата, на различностите е многу битно за Македонија како мултиетничко општество кое без разлика за какви разлики се работи е плодно тло или може многу лесно да доведе до создавање на една критична маса и создавање на недоразбирања или конфликти од поголем размер, а особено опасни се етничките разлики.
Една од реакциите годинава се однесуваа и на политичките спотови. Дали до Народниот правобранител има преставки кои се однесуваат на дискриминација врз основа на политичка определба?
Имаме, сме воделе постапки по однос на дискриминација по основ на политичко убедување и сме констатирале повреди меѓутоа факт е дека кога на крај сме ги завршиле предметите дека било повредено правото од работен однос. Јас жалам што граѓаните што покренаа такви иницијативи дека поради политичка припадност биле дискриминирани, ставени во нееднаква положба или на крајот избркани од работа, се повлекоа од нивното првично барање затоа што ним најбитно им беше да се констатира дека им било попречено правото на работен однос и успеавме, односно успеаа со наша помош да се вратат на работа.
Кога сме кај политиката да се навратиме за организација на државната управа. Има реакција од опозицијата дека со него се федерализира администрацијата и дека тој е на штета на помалите етнички заедници. Препознавате ли вие елементи на дискриминација во ова законско решение?
Јас од гледна точка на мојата позиција не би го издвоил тој пропис сам за себе, затоа што системот не е само еден закон. Системот е само нешто повеќе отколку една правна регулатива, со ова во никој случај несакам да дадам помала важност на законот што го споменувате. Република Македонија од формално правен аспект има добар систем кој има и заштитни механизми, но прашање е колку тој систем и тие заштитни механизми функционираат така како што се замислени да функционираат. Земете го двојното гласање на локално ниво. Тоа е загрижувачко, затоа што не се почитува. Мој апел е до сите локални власти, па и до централната власт овие инструменти за заштита на правата на малцинствата или на заедниците кои се мнозинство, треба да се поддржуваат постојано, затоа што без поддршка, без мотивирање и без давање постојана поддршка тешко дека ќе можеме да средиме одредени состојби.
Кога сме веќе кај политиката неодминлив е впечатокот дека постојат различни оценки од опозицијата и власта за застапеноста на заедниците. Какви се вашите оценки со оглед на тоа дека тоа е и ваша надлежност?
Со Уставот од 2001 година, на Народниот правобранител му се даде и оваа надлежност. Сметам дека не случајно тоа беше зацртано во Рамковниот договор. Кога сме кај овој сегмент сакам да нагласам дека како што минува времето ако ја земеме државната администрација бројките во мојата институција покажуваат дека во државната администрација застапеноста на заедниците и покрај тоа што јас не милувам да зборувам за бројки, затоа што чувството е најбитно во овој принцип сепак ќе кажам дека моите податоци говорат дека над 20 отсто во државната администрација се застапени етничките заедници, но од друга страна загрижува фактот дека другите институции и јавни претпријатија овој принцип во недоволна мера го почитуваат.