Достапни линкови

Интервју – Маргарита Цаца Николовска


Маргарита Цаца Николовска
Маргарита Цаца Николовска

Политичките партии да престанат да вршат политичко влијание врз судството и да не се врши никаков притисок врз судиите.

Г-ѓа Николовска, судството остана еден од најголемите проблеми и редовна мета на меѓународните критики, ако се зборува за корумпираност е највисоко, ако се зборува за ефикасност и независност тогаш сме најдолу на листите. Ќе смее ли да остане уште долго во таа состојба?

Критиките се постојани и мислам дека веќе е редно да се преземат чекори во обезбедување на таа независност која најмногу може да се обезбеди преку соодветниот избор кој што треба да биде врзан за професионализамот и да постои политичка волја кај политичките партии да престанат да вршат политичко влијание врз судството, значи да се остават судиите да работата согласно законите како прво, и второ да не се врши никаков притисок врз истите и изборот да биде врз основа на сите принципи и стандарди коишто ќе овозможат навистина независно и квалитетно судство, тоа значи и добра едукација меѓутоа и овозможување таа едукација што ќе се стекне понатаму да се применува во работата по предметите.

Зошто власта не го испушта судството од свои раце?

Анархичното однесување е многу повозможно доколку се нема сигурност дека судската власт ја врши онаа функција која што ја има, односно пресудува и уште поважно извршување на одлуките кои што се пресудени или извршување на одлуките донесени од другите органи на судството. Секаде во светот судската власт е некаков коректор и од неа произлегува потреба да се корегира нешто што е направено во извршната или законодавната власт и на некој начин можеби тоа на некаков начин е одговор на прашањето зошто властите сакаат да стават ,,рака,, над судството, меѓутоа од друга страна дражава без судска власт, тоа не е држава.

Како се гледаат тие политички влијанија кај нас?

Во последно време се повеќе и повеќе ме изненадува примената на законот. Не би можела да кажам дека е тоа неквалитетна примена на закон, меѓутоа можам да кажам дека тоа е некаква извртена примена на закон којашто во крајна линија повторно се сведува на прашањето на професионално, квалитетно и независно судство. Ние мора да се ослободиме од таквото однесување и да изградиме систем на избор на квалитетни судии и да ги оставиме судиите да работат. Сите овие разрешувања покажува постоење на еден елемент на личен интерес во изборите и во разрешувањата на судиите. Ова се случаи што се познати на јавноста и што покажуваат една тенденциозност, а од друга страна покажуваат во исто време селективно постапување во случаевите кога се во прашање судиите.

Од друга страна постојано слушаме дека судските реформи не запираат и дека тие веќе даваат резултати во поглед на зголемувањето на ефикасноста на судството. Го гледате ли вие тоа?


Ако се сака да се направи соодветна анализа во која што може да се види колку судството е ефикасно, треба да се направи анализа каде што ќе се имаат во предвид вистинските предмети по коишто работи судот и ќе се има во предвид во делот на должина на постапката. Колку ние имаме предмети пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур за должина на постапката, колку имаме предмети пред Врховниот суд за должина на постапка? Тоа само укажува дека ефикасноста не е на она ниво на кое што треба да биде. Точно е дека одредени закони што се донесоа може да придонесат за зголемена ефикасност, меѓутоа повторно можеме да наидеме на одредени проблеми во делот на доставата и покрај тоа што велам дека замислата е добра за да се обезбеди поголема ефикасност, меѓутоа повторно ќе дојдеме во ситуација да си поставиме прашање дали тие закони, такви какви што се, се применуваат целносно или дали нема некое друго изигрување заради тоа што ние сеуште имаме долги постапки. Од друга страна заради одредени реформи во делот на судството, сето тоа секако дека ќе допринесе до ефикасност, меѓутоа јас повторно ќе кажам дека на судтвото треба да му се овозможи да работи на начин на кој што ќе ја прикаже својата независност и непристрасност. Тоа значи примена на законите, имање на политичка воља да не се врши влијание врз судството.

Во овој контекст би ве прашала, оптимист ли сте во врска со последното ветување на премиерот дека ќе се зголемуваат средствата за судството, наменети за кадри и опрема?

Тоа е секако добро дека треба да се вложуваат средства за подобрување на условите и за едукација на кадарот итн. Како овие средства ќе се употребат јас незнам, меѓутоа треба да се направи една анализа на она што значи квалитет и едукација, на кој начин таа едукација ќе се врши, не само со одредени презентирања и тука да заврши работата. Дозволете, 12 години да се зборува едно исто навистина неможам да го оценам како позитивен пристап од причини што прво судиите веќе треба да ја познаваат Европската конвенција за човекови права и јас сметам дека таа е директно применлива во нашето правораздавање, таа е извор на право и она што е особено важно, едукацијата малку треба да се сврти во суштинските други материјалните повреди на одредени членови на Европската конвенција, не само на процедуралниот дел. Нашите процесуални закони во принцип со многу ретки исклучоци допуштаат да се применуваат принципи и стандарди за да се обезбеди ефикасност. Прашање е колку тие закони правилно се применуваат и колку тие закони на некој начин не се изигруваат.

Како претседател на Институтот за човекови права би ве прашала, како сега стоиме со почитувањето на човековите права со оглед на тоа дека не очекува нов извештај од ЕК, а во досегашните тоа беше една од критикуваните области?

Досега бевме оценети неповолно во делот на човековите права. Јас не гледам некој голем напредок или да не речам негледам некое напредување во делот на човековите права или во делот на евентуалната заштита на необезбедување на тие права. Така што јас лично не очекувам дека извештајот може да биде позитивно презентиран, во однос на претходниот извештај уште повеќе што јас постојано добивам информации за одредени однесувања, кои што иако сеуште не се целосно анализирани, меѓутоа одредени елементи од тие жалби укажуваат на големи повреди во делот на човековите права.
XS
SM
MD
LG