Достапни линкови

Интервју – Хозе Луис Хереро


Хозе Луис Хереро, амбасадорот на ОБСЕ во Македонија
Хозе Луис Хереро, амбасадорот на ОБСЕ во Македонија

Мислам дека на оваа земја и се потребни напори и од владиното мнозинство, но и од опозицијата да се обидат да бидат повеќе толерантни за меѓусебните идеи.

Хереро за рамковниот договор
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:34 0:00


Деновиве е деветгодишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Се креираше ли соживот и каде е сега Македонија на етнички план?


Мислам дека е многу важно да кажеме дека договорот обезбеди мир и стабилност во 2001 година. Тој беше основниот инструмент во тоа време да биде направен политички компромис, што беше тешко. Од тогаш, речиси девет години поминаа и се покажа дека тоа е најдобриот инструмент кој ни беше на располагање. Можам да ги набројам областите во кои беше остварен напредок, но тие се премногу. Дозволете да ве потсетам на распоредувањето на полицијата во местата каде полицијата беше повлечена во 2001 година и фактот што полицијата денес е мултиетничка. Ситуацијата не е перфектна, се уште има доста проблеми, но во секој случај е подобро од порано. Има коалициска влада која се соочува со одредени проблеми, но во секој случај е коалициска влада. Имаме закон за јазиците. Имаме образовен систем кој ги гарантира правата на сите заедници. Нема да се осврнам на целиот прогрес кој го направи оваа земја, како резултат на Рамковниот договор, но тој е огромен. Сакам да кажам дека од 2001 година е постигнат огромен прогрес во многу области. Се сеќавате тогаш имавме сценарио за конфликт, но сега тоа сценарио воопшто не постои. Она што имаме денес е сценарио со извесни можности за тензии и незавршени реформи кои треба да бидат спроведени. Интеграцијата во општеството е многу важна. Тоа не е одговорност само на владата, иако политиката на владата е важна за оваа цел. Потребна ви е поактивна улога од страна на населението, односно поголема заложба не само од политичките партии, туку и од обичниот народ. Поголема желба да се унапреди опшеството, каде заедниците природно се интегрирани и каде што правата на сите заедници се присутни и почитувани. Кога зборувам за природната интеграција мислам на реално прифаќање на концептот на мултиетничко општество во училиштата, трговските центри, населбите и пазарите.

Хереро за рамковните вработувања
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:06 0:00


Кои се клучните прашања од договорот на кои треба уште да се работи?

Најпрвин ќе се осврнам на образованието во кое имаше постигнат голем напредок. Денес дел од заедниците имаат пристап до образование на сопствен јазик во основно и средно училиште, а двете најголеми заедници имаат пристап и до универзитетско образование на сопствен јазик. Не е совршено, знам дека има уште многу проблеми, но зборувајќи генерално овие работи функционираат. Не е позитивно тоа што етничките заедници посетуваат настава одделно и дека нема иницијативи кои ќе ги обединуваат оние кои учат на различни јазици. За таа цел ние како ОБСЕ заедно со Високиот Комесар за национални малцинства разговараме често со владата и со заменик премиерот за спроведување на рамковен договор, како и со министерот за образование за да се обидеме да ја актуелизираме иницијативата за интегрирано образование. Тоа е предизвикот во моментов да го реинтегрираме образовниот систем. Тоа е комплициран пат. Мора да се започне со изучувањето на јазиците во училиштата, со зголемување на квалитетот на наставата, унифицирање на стандардите во целиот образовен систем, како и воведување на воншколски активности. Како да успееме децата учат на јазикот кој го одбрале, но образовниот систем да им помогне да се интегрираат и со другите заедници, да им помогне да ги запознаат, да ги разберат и да ги ценат другите заедници.

Втората област која сакам да ја споменам е рамноправната застапеност. И тука е постигнат голем напредок. Бројките покажуваат дека албанската заедница е присутна во јавната администрација, а присутни се и другите помали заедници, иако потребно е тие да бидат повеќе вклучени. Значи мора да се работи повеќе на ова и владата треба да пронајде активни механизми преку кои ќе се запазат и професионалните стандарди и принципот на рамноправна застапеност во јавната администрација. Неколку пати бев запрашан дали тоа значи вештачко пумпање на администрацијата - Не, не е тоа случај. Поентата е во тоа дека потребата од човечки ресурси во јавната администрација треба да биде задоволена според приоритетите на владата и според рационален административен план. Очигледно е дека на администрацијата и се потребни човечки ресурси и принципот на рамноправната застапеност тогаш треба да стапи на сила, но не со вештачка креација, туку за да се задоволат потребите од кадри во администрацијата.
Третата област се јaзиците. Имаше закон за јазици кој беше усвоен пред околу две години. Ние сега се наоѓаме до точка кога прашањето за употребата на јазиците треба да се имплементира во општините каде што има најмалку два јазика кои се употребуваат и во кои има над 30 проценти од едната или другата заедница, а понекогаш има и трета заедница и трет јазик кој се употребува. Тие мора да го организираат животот и тоа да го направат реалност. Тоа бара пари, техничка поддршка и знаење. Затоа не е толку едноставно и ние ја охрабруваме земјава да ги земе за пример другите држави кои успеаа да имплементираат мултилингвализам. Генерално мислам дека политичката волја е присутна кај коалиционите партнери, пша и надвор од коалицијата. Она што е потребно е технички капацитет за тоа да се спроведе, а ОБСЕ е многу ангажирана заедно со владата и 33 општини на кои им треба помош да функционираат на повеќе од еден јазик.

Како да се вработуваат припадниците на албанската заедница во државната администрација, а тоа да не предизвика превработување?

Првенствено потребна е статистика да знаеме колку луѓе се потребни и каде. Има проблем во прецизирање на точната бројка. Ние и сугериравме на владата кога се сретнавме со заменик премиерот за спроведување на Рамковниот договор и членовите на неговиот кабинет, да направат статистичка анализа за да имаме јасна слика колку припадници од секоја заедница има во јавната администрација. Многу е важно тие да не се вработуваат на вештачки начин. Се разбира јавната администрација секоја година има потреба од човечки ресурси тие имаат потреба од нови кадри и секоја година има ротација, но тоа што е важно е да во таа нова ротација концептот на рамноправна застапеност се зема предвид, но не треба да се измислува ново работно место кое не е воопшто потребно. Тоа не е идејата, идејата е работните места да бидат навистина потребни. Понекогаш овие два принципа се судираат принципот на вработување врз основа на квалитет и принципот врз основа на рамноправна застапеност. Поентата е дека во соодвентната застапеност на секоја заедница да има конкуренција врз база на професионалноста. Очигледно дека работата не е вештачки да се инфилтрираат нови луѓе во администрацијата, посебно не сега во време на финансиска криза.

Но, голем дел од нив седат дома, а земаат плата. Веќе имаме проблеми во јавната администрација?

Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор прави напори да ги усогласат потребите со вештините на луѓето кои ги вработиле. Ние им помагаме во обучувањето на луѓето кои ќе станат дел од јавната администрација да не се најдат во таа ситуација која ја споменавте и полека да бидат апсорбирани од системот, бидејќи тие му се потребни на системот. Не е лесно да се усогласат потребите со вештините, но се согласувам дека тоа е потребно во моментов и не е охрабрувачко да се внесуваат луѓе во јавната администрација само поради нивната етничка припадност. Тоа нема смисла. Тие мора да бидат вработени, бидејќи на јавниот сектор му се потребни нови луѓе, а тие нови луѓе би дошле од етничките заедници.

Што е со другите немнозински заедници. Дали тие се запоставени на сметка на Албанците и Македонците?

Не би кажал дека тие се запоставени. Но нивното политичко присуство е доста мало. Треба да бидат присутни повеќе, бидејќи прашањето меѓу двете големи заедници е толку интензивно што го прави точен фактот дека гласот на другите заедници како што се Турците, Србите и Ромите не се слуша често со посакуваниот интензитет. Посебно на потребите на ромската заедница кои се дота големи.

Хереро за политичкиот дијалог
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:37 0:00


Ги повикавте политичките лидери пред неколку месеци да го зајакнат политичкиот дијалог, па се случија дури и инциденти во Собранието. Каква е вашата оценка сега?


Не би му давал преголема важност на инцидентот. Се случи, не беше пријатен, но ќе напоменам дека вакви слики сме виделе и во други парламенти, во земји со високо етаблирана демократија каде имало дури и полоши инциденти. Така да нема да го оправдам инцидентот и не би му дал преголеми демензии. Вистината е дека треба да се пронајде средина меѓу жестоката политичка дебата и капацитетите за постигнување компромис. Мислам дека на оваа земја и се потребни напори и од владиното мнозинство, но и од опозицијата да се обидат да бидат повеќе толерантни за меѓусебните идеи. Но не е се така лошо видовме дека за бројни нешта во парламентот имаше успешна соработка и одредени закони беа усвоени во последниве години. Пример за тоа е воспоставувањето на комисијата за инцидентот. Јас сметам дека политичкиот дијалог е многу важен и дека владиното мнозинство во парламентот мора да има отворен пристап и да ги слуша сите барања, особено ако се земе предвид дека оваа земја има одредени државни прашања кои навистина бараат таа партизирана политика да биде надмината за доброто на целата земја.

Хереро за медиумите
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:48 0:00


Како го оценувате степенот на слобода на медиумите во земјава со оглед на последните обвинувања дека владини функционери се мешаат во нивната уредувачка и кадровска политика?


Ние се видовме со сите страни кои беа повразни со ова прашање и оваа неодамнешна епизода поврзана со телевизијата Канал 5 и ние продолжуваме и натаму да комуницираме со нив. Во основа во сите земји медумите се повразни со одредени политички ставови. Во светот сите се запознаени со фактот дека една или друга телевизија е на десната или левата страна. Овде исто така имате различни политички случувања, а истовремено и различни етнички случувања. Во однос на меѓуетничките прашања сите претставници на етничките заедници, особено на двете најголеми имаат сопствени медиуми и тука не гледам проблем, имајќи предвид дека нивниот глас може да биде слушнат. Од друга страна медиумите во последно време се повеќе се разделуваат по политички линии. Јас не би сакал да го гледам ова како големо прашање за земјата во овој момент, бидејќи генерално сите политички опции се слободни да ги презентираат своите гледишта на граѓаните. Во овие околности епизодите кои се обидуваат да го нарушат тој тек не секогаш одат во добар правец и како што кажав иако притискот врз медиумите се случува во секоја земја и насекаде, но е феномен кој во здраво демократско општество треба да биде сведен на минимум.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG