Достапни линкови

Ендру Ки, амбасадор на Обединетото Кралство во Македонија


Andy Ki
please wait
Embed

No media source currently available

0:00 0:09:55 0:00

Амбасадорот Ендру Ки

Значи, многу е стратешки битно да продолжуваме со проширувањето. За тоа каде е Македонија на агендата, важно е дека нема список на приоритети на Советот на министри, нема споредување. Македонија е на агендата и како земја кандидат и како земја со препорака за започнување на преговорите од страна на ЕК.

Британија спаѓа во групата земји што го подржуваат проширувањето. Дали очекувате повторување на ситуацијата од декември поради нерешениот билатерален спор со Грција?

Да, навистина Велика Британија е силен поддржувач на проширувањето на ЕУ. Нашиот нов министер за надворешни работи во Сараево минатата недела ја потврди нашата подршка за процесот и побара уште поактивен пристап од ЕУ на Балканот. Во врска со Советот во јуни, правилата за донесување одлуки не се сменети, значи можно е една земја членка да каже дека не е подгтовена за проширувањето, особено за отпочнување на преговорите на Македонија со ЕУ.

Како гледате на размислувањата дека ЕУ има одговорност ако земјава не добие датум за преговори?

Сметам дека сега треба сите ние да гледаме напред, да разговараме како може да напредува проширувањето на ЕУ на Балканот, интеграција на Балканот во Европа. Тоа ќе бара придонес и од земјите членки на ЕУ и од регионот. Велика Британија многу сака да работи со нашите партнери во ЕУ да осигураме дека ЕУ има многу активна политика, многу влијателна политика на Балканот. Во исто време мислам дека проширувањето на ЕУ бара конкретни чекори од апликантите за исполнување на критериумите, и тоа бара и лидерство, флексибилност и постојана посветеност.

Дали ЕУ е заморена од проширување и дали Македонија е се подолу на агендата?


За ЕУ мислам дека можеше да се види на состанокот во Сараево пред една недела дека има голем интерес за Балканот и процесот на проширувањето на ЕУ и како што рече британскиот министер без Балканот во ЕУ можеби ќе има дупка во Европа. Значи, многу е стратешки битно да продолжуваме со проширувањето. За тоа каде е Македонија на агендата, важно е дека нема список на приоритети на Советот, нема споредување. Македонија е на агендата и како земја кандидат и како земја со препорака за започнување на преговорите од страна на ЕК.

Европската валута на светските берзи ја губи стабилноста. Дали економските случувања може да ја одложат политиката на проширување?

Во секое време има многу теми за дискусија помеѓу министрите и примиерите во Советот на министри на ЕУ. Понекогаш се економски прашања, понекогаш се прашања за климатски промени, други надворешни политики. Тоа не значи дека не е важно проширувањето, не значи дека нема да има уште влијание на Балканот.

Во однос на Македонија постојат одредени неофицијални информации од Брисел дека извештајот за напредокот на Македонија во ноември би можело да биде полош од претходниот. Има ли причина за ова?


Многу е рано да разговараме за извештајот за оваа година кој ќе биде издаден во ноември. Мислам дека треба да почекаме, треба да видиме, тоа е надлежност на Европската Комисија. Знам дека ќе има голем интерес во неколку сфери бидејќи минатата година во декември Советот на министри посочи на неколку сфери каде што им беше многу важно да се види уште повеќе напредок. Слично сега во јуни имаше состанок на Комисијата за стабилизација и асоцијација тука во Скопје. Тоа беше добар момент токму на средината од годината да се разгледа напредокот досега и на тој состанок беше посочена потребата да има напредок во оние сфери како реформата во судството, борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација.

Кои се точките кои ги намалуваат изгледите да добиеме позитивен извештај?

Секогаш има можности бидејќи уште наредните шест месеци трае годината и ќе има простор за напредок. Мислам дека тие се најглавните сфери како приоритети, судството, јавната администрација, борбата против корупцијата. Исто така многу е важно да се задржи моментот во сферите каде што имаше позитивна оценка минатата година. На пример имаше многу позитивни забелешки за Собранието и се надевам дека оваа година наскоро ќе се согласат за измените за Деловникот и координацијата меѓу партиите.

Како ја оценувате ситуацијата од аспект на политичките критериуми и меѓуетничките односи?


Прво е дека очигледно беше многу загрижувачки за граѓаните, за сите, да гледаат дека имаше во Македонија неколку вооружени групи пред неколку недели. Многу е важно да се знае дека нема простор за такво насилство во Македонија. Втора точка е дека постои една добра основа за меѓуетнички односи во Македонија со Охридскиот рамковен договор. Многу е важно да се промовира активно учество во сите заедници во процесот на имплементација на Договорот. Се надевам дека лидерите кога зборуваат за нивната визија за Македонија, за заедничка иднина на Македонија ќе ги истакнат овие две точки бидејќи тие се основа за иднина во Европа, за една стабилна, просперитетна иднина на Македонија како земја членка на ЕУ и НАТО.

Ако не добиеме датум за преговори, може ли тоа да се одрази врз меѓуетничките односи?


Видливо е дека има желба и од едната и од другата заедница и од сите заедници за влез на Македонија во ЕУ. Јас ценам дека наскоро ќе биде можно да започнат преговори за членството во ЕУ со Македонија. Тоа е наша цел, а мислам дека тоа е цел и на Македонија.

Зошто во Македонија има помалку странски инвестции споредено со земјите од регионот?

Мислам дека тоа прашање е повеќе за инвеститорите, тие се тие кои што одлучуваат за нивните инвестиции. Мислам дека има многу фактори, вклучувајќи ги можеби и факторите поврзани со глобалната економска ситуација, ситуацијата во еврозоната... Сепак знам дека инвеститорите бараат добри услови за бизнис, бараат предвидливи услови за бизнис и тоа бара не само добра регулирана клима за бизнис, туку исто така бара да има независно судство, ефективно судство, бара да има успех во борбата против корупцијата, бара да има и ефективни регулативи. Поентата е дека тоа се исти регулативи коишто се потребни за влез во ЕУ и во интерес на Македонија, нејзин интерес е да се остварат тие реформи и за привлекување инвеститори и за ЕУ.

Британија не е во шенген зоната кога може да се очекуваат олеснувања во однос на патувањата во вашата земја?


Нема најава за промена на нашата политика на нашиот визен режим за Македонија досега. Би сакал да кажам дека сепак постојано работиме за да понудиме брза, ефективна услуга и бараме сугестии и идеи за да го подобруваме системот. Мислам дека системот веќе е лесен за апликантите и дека луѓето коишто сакаат да патуваат во Британија се многу добро опслужени.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG