Достапни линкови

Задушување на слободата на говор


Страв да се излезе на протести?
Страв да се излезе на протести?

Слободата на говор и изразување во Македонија се загушува. Политичарите ја креираат, но и ја задушуваат, велат експертите. Според нив, револуции повеќе не се во мода, но одлучна граѓанска решителност може да помогне во зачувувањето на слободата на говор и слободно изразување на мислењето.

Слободата на говор и правото на слободно изразување во Македонија со години се загушува. По правило, партијата што е во опозиција се прокламира како голем борец за правата на граѓаните, но истата партија има поинакви аршини кога ќе дојде на власт.
Меѓу интелектуалната јавност речиси и да постои консензус дека слободата на говор не е на потребното ниво за едно демократско општество. Различни се само оценките колку и од кого се гуши слободата на говор.
Според последниот извештај на Фридом Хаус, Македонија се уште е делумно слободна земја според слободата на медиумите. Од земјите во регионот, Македонија стои подобро само од Босна и Херцеговина и од Косово, но има подобар резултат во однос на минатата година.
За разлика од земјите кои се неслободни, во Македонија нема затворање и ликвидации на новинари и јавни личности кои зборуваат против власта, вели професор Мирјана Најчевска, експерт за човекови права.

„Изнајден е еден многу подмолен начин на дезавуирање на се она што ќе го каже човек, со една глобална флоскула дека тоа е во функција на одредена политичка определба или, пак, е некаков вид на злоупотреба, со што на многу едноставен начин без да се навлегува повторно во содржината на кажаното, се турка настрана и се негира целокупното знање кое што еден човек може да го има.“

Поделби на предавници и патриоти


Спорот за името со Грција тема на која ,,не е препорачано да се зборува"
Спорот за името со Грција е главна тема, на која „не е препорачливо да се зборува“. Власта и структурите блиски до неа предничат во оцрнувањето на неистомислениците. Според неа, тие се предавници, грчки шпиони или пак работат за опозицијата.
Сепак, и опозицијата и блиските до неа не остануваат покуси, па според нив, луѓето кои се противат на промена на името заради влез во НАТО и почеток на преговори со ЕУ се еврофоби, евроскептици, антиевропјани, недемократи, русофили, па дури и фашисти. Се на се, јавните личности кои ќе се осмелат да си го кажат мислењето, ќе мора да се справат со тежок арсенал навреди. Сепак, велат експертите за човекови права, позагрижувачки е кога прозивањата доаѓаат од позиција на власт.

Хелсиншкиот комитет на Македонија и професорката Мирјана Најчевска се последните жртви на обидот за дискредитација од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. По објавувањето на Годишниот извештај за состојбата со човекови права, нивна заштита и промоција, што го изразботи Хелиншкиот комитет, портпаролот на владејачката партија, Александар Бичиклиски ги повика граѓаните со резерва да ги земат ставовите на Комитетот.

„Со Хелсиншкиот комитет претседава Мирјана Најчевска, личност која што беше кандидат за градоначалник на опозициската ЛДП, а сега е член на највисокото претседателство на оваа политичка партија. Хелсиншкиот комитет има право да коментира, но имајќи го во предвид политичкиот ангажман на претседателката на оваа организација нивните ставови треба да се земат со сериозна резерва бидејќи веројатно станува збор за политичка злоупотреба.“

Хелсиншкиот комитет веднаш реагираше со демант – професорката Најчевска веќе три и пол години не само што не е претседателка, туку не е ни член на Хелсиншкиот комитет. Кочо Андоновски од Хелсиншкиот комитет на Македонија вели дека реакцијата на владејачката партија е еклатантен пример за повредување на правото на говор.

„Повредувањето на правото на слобода на говор, не означува само оневозможување на некого да каже слободно тоа што го мисли, туку тоа е и кога некој се обидува и да дискредитира некого заради тоа што го кажува. Прозивката која ја направи ВМРО ДПМНЕ веднаш после нашиот годишен извештај, е токму таков еклатантен пример на нарушување на правото на слобода на говор.“

Андоновски вели дека прозивката од ВМРО-ДПМНЕ само ги потврдува наводите во нивниот извештај. Професор Мирјана Најчевска, пак, вели дека партијата ВМРО-ДПМНЕ, со изјавата дека таа е претседателка на Хелсиншкиот комитет, се избламирала.

„Владејачката структура значи не може да даде аргументи или противаргументи на она што е изложено во извештајот на Хелсиншкиот комитет и се служи со поместување, изместување на фокусот на вниманието на една личност и со атперсоно всушнот делување, наместо да се зафати со критиката, со проблемите што се посочени во самиот извештај и тоа на некој начин сметам дека тоа би можело да преставува обид за на некаков начин омаловажување на она што е изнесено во извештајот без да се дадат аргументи за содржината.“

Задушување на правото на одржување протести

Сепак, не сите си поминуваат толку „лесно“.
Минатогодишното тепање на студентите што протестираа против изградба на црква на скопскиот плоштад, влезе во речиси сите меѓународни извештаи за слобода на говор и изразување мислење во Македонија. Во извештајот на Амнести интернејшнал се наведува дека полицијата не успеа да заштити околу 150 студенти од нападот на голем број контрадемонстранти.

Планот за изградба на црква на плоштадот Македонија предизвика инциденти меѓу поддржувачите и оние што се противат на тој проект

Еден од учесниците во протестот, Никола Наумоски вели дека тепањето на плоштадот не е единствен, туку е само најматеријализиран облик на гушењето на слободата на изразување.

„Ние понатаму после тој протест кога бевме тепани, пробавме да организираме и некои други настани, но бевме спречувани тоа да го правиме со различни политички методи, со етикетирање, со шиканирање.“

Познати јавни личности, но и пратеници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ги повикаа граѓаните да излезат на контрапротест за подршка на изградба на црква на плоштадот.

„ДЕНЕС во 11 ч. Сите МАКЕДОНЦИ на плоштад МАКЕДОНИЈА да ја дадат својата поддршка за изградба на најголемиот храм на МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА! п.с. А ги чекаме останатите во 12ч. :)“, напиша тогаш на својот Фејсбук профил пратеникот Ивица Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во 12 часот, тој ден беше претходно најавен протестот против изградбата на верски објекти на плоштадот.

Билјана Ванковска
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:48 0:00


Интелектуалната јавност тогаш остро реагираше на тепањето, но и на несоодветната реакција на полицијата која не успеа да ги заштити демонстрантите од агресивните контрадемонстранти. Професор Билјана Ванковска вели дека полицијата реагирала несоодветно во тој случај.

„Начинот на кој што институции не делуваа, зборувам првенствено за полицијата, а потоа и за судските органи, остава една негативна порака во која што секој оној што во идна ситуација би се обидел на нешто слично, би размислил два пати дали ќе го направи тоа и тоа е лошото.“

Гордана Јанкулоска
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00


Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, пак, вели дека полицијата добро се снашла во таа ситуација.

„Немаше ниту една забелешка за реагирањето на полицијата, во смисла на пречекорување на овластувањата и повреда на човековите права што навистина за нас е задоволителна оценка заради тоа што тоа се практично најризичните пунктови кога станува збор за полициска интервенција.“

Политичарите го задушуваат слободното изразување

Во последните неколку јавни настапи, премиерот Никола Груевски прозива медиуми, новинари и колумнисти кои би требало „да го одработат враќањето на Бранко Црвенковски на власт“.

Тања Милевска

Во интервју дадено за државната новинска агенција МИА пред две години, премиерот Никола Груевски обвини дека во Македонија има новинари и јавни личности кои „сеат страв наоколу инспирирани исклучиво од лукративни цели, односно веројатно од јахти, или други мотивациони средства“.
Во тоа интервју, Груевски рече дека во Македонија има неколку новинари, „кои со години пласираат дезинформации повикувајќи се на анонимни дипломатски извори во Брисел“. „Но, пак се прашувам, зошто толку се мотивирани да шпекулираат на штета на сопствената држава, зошто, на пример, не се стават за момент во функција на интересите на државата, наспроти желбата за сензационализам, поттикнат од партиска природа, а затскриен зад изразот ’анонимни извори од Брисел‘“, рече тогаш Груевски.

Дописничката на неколку македонски медиуми од Брисел, Тања Милевска вели дека токму со тоа интервју почнала поделбата на патриоти и предавници. Ја прашавме како се носи со епитетот „предавник“?

„На почетокот беше шок и со оглед на тоа дека јас тогаш бев ’тазе‘ новинар, факт е дека тешко го прифатив тој момент, но со тек на време буквално предавник стана епитет со кој што мислам дека треба да се гордееме и ние како новинари и други интелектуалци, професори итн, затоа што предавник стана синоним за оние кои што слободно мислат во Македонија.“

Политичарите го креираат, но и задушуваат слободното изразување
Во нејзината анализа посветена на состојбите во Македонија, која деновиве беше објавена во водечкиот белгиски дневен весник Слободна Белгија, Милевска пишува дека од 2008 година во Македонија беснеат популизмот и национализмот и дека македонската влада многу вешто се користи со закани и заплашувања кон интелектуалната елита.
Таа потсетува дека јавни личности „повикуваат на физичка ликвидација на оние кои, на ваков или онаков начин, ја критикуваат владата“.

„Ако следната Ана Политковскаја биде Македонка, господинот Груевски нема да биде единствениот виновник. Париз, Берлин, Лондон, Брисел и Атина ќе бидат виновни што замижале пред загрозување на демократијата на сопствениот континент“, пишува Милевска.

Веројатно ситуацијата не е толку лоша за да зборуваме за Политковскаја?!
Се надевам дека не е, вели Милевска.

„Јас го искористив тој термин Ана Политковскаја пред се за европската јавност, за да се освестат и Брисел и Париз и Лондон и Атина дека со тоа што ја игнорираат Македнија и тоа што ги игнорираат сите други работи што се случуваат во Македонија само за тоа што сакаат да го стават акцентот на проблемот со името и да го натераат Груевски да направи компромис за името, прават многу поголема штета врз демократијата, цивилното општество итн.“

Соочување со стравот од јавно изразување

Според резултатите од неодамнешната анкета на граѓанската асоцијација АГТИС, две третини од испитаниците одговориле дека се плашат да ги критикуваат институциите на власта, оти може да го изгубат работното место. Претседателот на АГТИС Александар Цветкоски, причините за стравот ги лоцира во комунистичкото минато и традицијата на кодошење, порозните институции, немањето независно судство, но и опортунизмот на луѓето.

Го прашавме Цветкоски, како го оценува нивото на слобода на говор во земјава?

„Не се на многу високо ниво и после 20 години демократија, но можам да кажам дека можеби задоволува едно елементарно ниво. Дали можеме за тоа да говориме или за автоцензура, луѓето дека се плашат или несакаат да говорат од некои опортуни причини, тоа е друго нешто, сепак постои некој страв кој е ирелевантен, но е создаден заради разно разни случувања во овие последни три години.“

Можете да наведете некои конкретни примери?

„Па на пример минатата година имавме нарушување на правото на слободно собирање, каде што полицијата дозволи дури и контакт на групи, што е законски регулирано дека тоа не смее да се случи. Исто така ги сметам честите тужби заради искажана клевета и искажано јавно мислење, ги сметам за еден вид притисок, бидејќи јавните личности мораат да бидат спремни дека кога се јавни личности некој можеби ќе говори за тоа што тие го работат.“
Александар Цветкоски


Кои се причините ситуацијата со слободата на говор и слободно изразување на мислењето, да биде таква каква што е сега?

„Па, малку е покомплицирано. Некои би сакале да ја обвинат само власта, таа е сигурно виновна за падот на тие демократски инструменти, но малку и пасивноста на невладините организации, негувањето на сеиф проекти, значи не сакаат да се замеруваат, како и автоцензурата која луѓето најчесто сакаат од некои свои причини да одмолчат повеќе или да ја изобличат вистинат и сопственото мислење. Компилација е на повеќе фактори, но ние она што можеме да го направиме, тоа е да вршиме притисок врз властите за безусловно почитување на овие две права кои се стандард во сите европски земји и ние треба да ги подигнеме на ниво на социјален капитал.“

Како да ги подигнеме на тоа ниво, што треба да се направи за да се измени таквата слика?

„Постојан притисок врз властите, ние неможеме друго да правиме, значи револуциите веќе не се во мода во последните 50 години и останува само еволуција. Мораме постојано да ја притискаме власта и мораме да тргнеме од себе, да се здружуваме, да градиме структури со кои полесно ќе си ги остварувме правата и мора власта да види бројност, да види решеност... верувајте ако власта види решеност, силна организација, таа самата се откажува од притисок врз тие структури.“

Професор Билјана Ванковска вели дека граѓаните мора да се соочат со стравот јавно да зборуваат.

Билјана Ванковска
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:53 0:00


„Јас сум за тоа дека секој страв или секоја ситуација мора да се соочи со граѓанска храброст и решителност да оди понатаму инаку ќе станеме општество на опортунисти, на конформисти, на замолчани и било која влада да е, значи мене дефинитивно не ме интересира која влада е, секоја влада има потреба од критичка свест и опозиција во смисла на граѓанска опозиција, а не само политичка.“

Токму во тој контекст ќе завршиме со стиховите на легендарниот Џони Штулиќ. Слободата те чека, земи ја, пееше тој.

„Слободата не е божјо семе, па некој да ти го даде,
слободата не е пофалница прочитана по азбучен ред,
слободата не е слоган од рекламното пано,
конструктивна критика на постоечката состојба.

Слободата е жена,
земи ја!“

(Користените видео-материјали се извадоци од документарниот филм „Слобода на изразување“, во продукција на невладината организација АГТИС)
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG