Достапни линкови

(Не)зависно новинарство


Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија имаше остри забелешки за состојбата на медиумите. Во него се забележува на поврзаноста на електронските медиуми со политички и бизнис групации. Македонските новинари се согласуваат дека се под секојдневен притисок на политиката и бизнисот.

Државни непријатели, предавници, платеници, патриоти со вакви епитети во изминатиов период беа поврзувани имињата на некои новинари и опишуван нивниот начин на работа. Во изминатата година над 150 новинари завршиле на суд, поради клевета и навреда, според податоците на Здружението на новинари на Македонија. Каква е моменталната состојба во новинарството и дали се почитува слободата на говор и новинарите според експертите доволно е да се види оценката на меѓународните институции. Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија имаше остри забелешки за состојбата на медиумите во земјава. Во него се забележува на поврзаноста на електронските медиуми со политички и бизнис групации. Парите од владините реклами се значителен извор на приходи за некои медиуми, но нивното трошење не е доволно транспарентно и затоа може да влијае на уредувачката политика на медиумите, се вели во извештајот. Во него се забележува и на концентрација на сопственоста кај печатените медиуми. Додека пак според извештајот на американската невладина организација Фридом Хаус, нашата земја се наоѓа на 98 место во светот. Извештајот го проценува степенот на слобода на печатените и електронските медиуми, плус интернетот, а оценките се темелат врз законската, политичката и економската средина во која што работат новинарите. Според табелата на Фридом Хаус ова значи дека македонските медиуми и натаму се само „делумно слободни“. Од друга страна пак, според рангирањето за слобода на медиуми на организацијата Репортери без граници, Македонија е најдобра во регионот и се наоѓа на 34 место. Состојбата во новинарството веќе подолго време не е на високо професионално и етичко ниво, а во најголема мера за тоа виновни се новинарите, вели Жанета Трајковска од Македонскиот институт за медиуми.
Во моментов состојбата во медиумите ни е траги комична, да не е толку жално би било смешно. Состојбата е таква заради тоа што новинарите и медиумите пред се дозволија да влезат во некои туѓи игри и да се занимаваат со интереси кои што не се интереси на сопствената професијa


„Во моментов состојбата во медиумите ни е траги комична, да не е толку жално би било смешно. Состојбата е таква заради тоа што новинарите и медиумите пред се дозволија да влезат во некои туѓи игри и да се занимаваат со интереси кои што не се интереси на сопствената професија.“

Притисоци врз новинарите

Поголем дел од медиумите се составен дел од други корпорации и тие се формирани за нивна презентација, вели професорот по комуникации и медиуми Живко Андревски. Наивно е да се верува дека некој ќе формира и финансира медиум, а тој да не ги почитува неговите интереси, вели тој.

„Таа споеност на сопствеништвото, менаџирањето и конкретното производство на медиуми, дава резултат што медиумите се помалку можат да изградат високо критички став и да поведат пред слушателите, читателите, гледачите ,,точки" што се вистина, што се објективно позиционирани и уште повеќе оние моменти што можат да дојдат со реалното општествено ткиво.“

Од сите страни врз новинарите секојдневно се вршат притисоци, па затоа тие многу тешко можат професионално и објективно да ја извршуваат својата работа, вели новинарот и претседател на Здружението на новинари на Македонија, Роберт Поповски.

„Јасно е дека влијанието врз медиумите и економско и политичко е многу големо. Ако имате такво влијание многу тешко можеме да говориме за професионализам, за слобода на говорот, за начин на изразување кој што би бил во интерес на јавноста и граѓаните.“

Економската немоќ на медиумите е поради тоа што во последниве дваестина години во земјава има голем број на медиуми со што нема реално функционирање на маркетингот. Колачот на реклами се дели на многу од нив и затоа има голема зависност и влијание од големите клиенти, вели Трајковска.

„Има огромно влијание било кој маркетинг или било која голема кампања или голем потрошувач бидејќи медиумите некако се самонавикнуваат или самоцензуираат па за тој поголем клиент не објавуваат вести или информации или објавуваат само позитивни вести или информации.“
И на врапците им е јасно дека Владата со својот огромен буџет во услови на економска рецесија се обидува да купи или да влијае врз одредени медиуми тука нема помош


Владата главен огласувач во медиумите

Според последните податоци на агенциите за истражување на медиумскиот пазар владата е втор најголем огласувач во медиумите веднаш по Т-Мобиле, а на рекламирање потрошила околу 17 и пол милион евра. Владата поради економската криза е една од главните плејмејкери во закупување на маркетиншкиот простор во медиумите, а поради тоа тие стануваат блиски или се блиски до неа. Тоа е резултат на отуството на имунолшки систем на сопствениците, да не подлегнат на влијанието на власта врз уредувачката политика и тука не може да се промени нешто се додека не проработи реалниот претприемачки дух на медиумите, перспективата и самостојната уредувачка политика, која сите треба да ја градат вели уредникот во А1 телевизија, Александар Чомовски.

„И на врапците им е јасно дека Владата со својот огромен буџет во услови на економска рецесија се обидува да купи или да влијае врз одредени медиуми тука нема помош. Генерално тоа не зависи од газдите, зависи и од концепцијата на Владата.“

Според истражувањата на Центарот за развој на медиумите владата има големо влијание врз уредувачката политика на медиумите. Најпроблематично е тоа како владата се рекламира, вели претседателот на Центарот Газмент Ајдини.

„Поради глобалната криза многу Влади, многу држави влегоа во систем на субвенционирање за да ги спасат. Ова што се прави во Македонија не мислам дека е субвенционирање, односно не е транспарентно субвенцирање, затоа што никој нема точен податок кој колку добил и како добил. Така што влегуваме во една сцена која што всушност само доведува до нелојална конкуренција меѓу медиумите кои што се караат за еден колач за кој не би требало да се караат.“
Поради глобалната криза многу Влади, многу држави влегоа во систем на субвенционирање за да ги спасат. Ова што се прави во Македонија не мислам дека е субвенционирање, односно не е транспарентно субвенцирање, затоа што никој нема точен податок кој колку добил и како добил


Како што сопствениците не сакаат да се откажат од влијанието врз сопствениот медиум, така и владата го користи рекламирањето како начин со кој ќе ја оствари својата цел, а тоа е креирање на јавното мислење, како што на неа и одговара, вели Андревски.

„Како што сопствениците на капитал не се откажуваат од влијанието и не траба да се откажуваат и нема да се откажат и Владата се држи со однесување кое што како такво, огласите како средства, без оглед што доаѓаат врз основа на буџетски, даночен и друг систем, да обезбедува и влијание врз тие медиуми.“

Потребно е синдикално здружување на новинарите

Според анкетата на Здружението на новинари 92% од анкетираните сметаат дека е важно да има силно здружение за новинари за да може да ги одбрани од притисокот од сопствениците на медиумите и политичарите, да го одржи или подобри нивното на професионализам и довербата на јавноста во новинарството, да обезбеди заштита и правна помош на членството и да постигне единство меѓу вработените во медиумите. Но само 34 проценти од анкетираните се изјасниле како задоволни од работата на здружението, другите како неутрални и незадоволни. Новинарите треба да се обединат за да се зајакне улогата на Зружението на новинари, вели Поповски. Ние се обидовме и да формираме Синдикат, но на крајот секоја иницијатива завршува безуспешно, вели тој.

„Здружението на новинари во неколку наврати директно направивме напори да иницираме формирање на Синдикат, меѓутоа и покрај начелната согласност едноставно на крај сето завршува со пропадната инцијатива или со немање храброст. Додека вака молчиме не верувам дека ниту сопствениците, ниту газдите, ниту пак некој друг во државата, сериозно ќе не есапи.“

Проблематично е што во земјава нема Синдикат и никој не знае зошто пропаѓаат иницијативите за негово создавање, вели Ајдини.

„Потребен е Синдикатот дефинитивно. За жал сеуште го немаме, Здружението на новирани се обидува во некоја смисла да ја игра улогата на синдикално здружување, но сепак тоа и де факто и де јуре неможе да го направи.“
Додека вака молчиме не верувам дека ниту сопствениците, ниту газдите, ниту пак некој друг во државата, сериозно ќе не есапи


Во новинарството отсуствува разграничување меѓу надлежностите, правата и обврските на сопствениците, уредниците и новинарите. Во другите земји тие односи се регулираат со колективни договори, вели Чомовски.

„Доколку тоа се направи во Македонија, ќе се постигне повисок степен на меѓусебна независност, но и програмска взаемност и испреплетеност на уредничкиот менаџмент, уредниците и новинарите. На таков начин сопствениците ќе ги интересираат добри програми кои носат профити.“

Ние треба да се заштитиме од непрофесионално работење преку институција која ќе стои зад нас, но никој не се обидува да преземе нешто, вели Трајковска.

„Само ако постои живо и активно Здружение на новинари и Синдикат кој што ќе се занимава со економските параметни на нашата професија, тогаш ќе можеме да разговараме за нешто што се вика дигнитет на нашата професија, сето тоа друго поинаку е само жалење за нешто што требало да биде.“

Норвешка, Шведска, Данска и Германија се земјите со најуспешни новинарски синдикати. Во тие земји најдобро се организирани условите за работа на новинарите од работното време, па се до социјалната безбедност. Во соседните земји пак Синдикатот на новинарите во Хрватска неодамна потпиша договор со најголемата новинска компанија во земјата. Договорот на новинарите им гарантира 5 работни дена, најмалку 19 дена годишен одмор, платена прекувремена работа, платено здравствено и животно осигурување, загарантирани професионални права и други права за новинарите и работниците во медиумите.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG