Достапни линкови

Неделен печат – Состојбите во новинарството


Речиси сите македонски неделници во најновите броеви објавуваат текстови за состојбите во македонското новинарство. „Глобус“ се занимава и со анкетите за рејтингот на политичките партии.

„Сега“ - Реакција на претседателот на ЗНМ

Во најновиот број неделникот ,,Сега,, го објавува текстот, всушност реакција на првиот човек на Здружението на новинарите на Македонија, на актуелните состојби во македонското новинарство, откако дневниот весник ,,Вечер,, објави список на новинари кои, наводно биле плаќани од Фондацијата Сорос во земјава и од Кабинетот на поранешниот претседателна државата. И, откако на блогот на еден друг новинар кој важи за поддржувач на владејачката партија и на нејзиниот лидер се појавија недостојни текстови кои повикуваат на линч на таканаречените предавници на Македонија. Авторот, покрај другото, прашува зошто не реагира, пред се', Јавното обвинителство и зошто институциите толерираат загрозување на човековите права и слободи, ширење на национална нетрпеливост, задушување на слободата на говорот и закани по животот на новинарите и неистомислениците.

„Фокус“ - ,,Зошто режимот на Груевски стимулира методи на Кју Клукс Клан?“

И ,,Фокус,, се занимава со оваа тема, под наслов ,,Зошто режимот на Груевски стимулира методи на Кју Клукс Клан“. Неделникот се осврнува на тоа како почнала приказната за 'предавници' и 'заштитници' на Македонија и на македонизмот, па потсетува дека најпрвин премиерот лани, во интервју за агенцијата МИА, алрмирал за лукративните мотиви на група јавни личности кои го критикуваат, а во чија позадина, според него, бил јужниот сосед. Неделникот забележува дека една година подоцна ова, преку ,,Вечер,, добило контури со имиња на наводни платеници и предавници. Неделникот прашува зошто, ако власта има црно на бело не излезе со компромитирачкиот материјал? Читателите, забележува потоа неделникот, и без тоа, излегоа со 'нацрт-програма' за справување со непријателот за, полека, да се стигне до тоа дека 'само куршумот го спасува Македонецот'. Прашувајќи се кој е следниот чекор на ваквата патриотско-преродбеничка сеанса, првата помисла на авторот на текстот во ,,Фокус,, била дека овие анонимни ликови со качулки на глава, во стилот на Кју Клукс Клан, на даден знак, со огромна света должност, ќе тргнеле во казнување на 'расата' предавници! Во прилог на оваа атмосфера, ,,Фокус ги потсетува читателите како преку МТВ со ткн. Македонска молитва, секојдневно во гебелсовски стил во мозоците на граѓаните се пенетрираше конструкцијата дека белата раса Господ ја создал од Македонците!

„Глобус“ - „Војна со анкети помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, или како власта ја губи популарноста“

Во најновиот број ,,Глобус,, се занимава со интересната појава на различни резултати на анкети за расположението на македонските граѓани, карактеристична особено во последно време.,, Војна со анкети помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, или како власта ја губи популарноста“ пишува, покрај другото неделникот, забележувајќи дека, цитирам, ,, возот на преродбата почна да забавува,, како што вели во насловот на статијата. Неделникот пишува дека три анкети покажуваат различен резултат, од кои две се загрижувачки за позициите на Груевски и за неговата партија, а дека една и натаму го уверувала премиерот дека е најдобар. ,,Глобус,, прашува уште колку време Груевски ќе може да го пренасочува народното незадоволство кон Грција и ЕУ и дека колку и да постојат сомневања околу веродостојноста на овие мерења на расположението на граѓаните, во 'воздухот' веќе можело да се почувствува чувството на разочараност кај граѓаните, зашто Владата има свој дел од одговорноста за се' што се случува на планот на надворешната и внатрешната политика на земјава, заклучува ,,Глобус,,.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG