Се повеќе случаи на родосквернавење

Драги Змијанац, Директор на Првата детска амбасада ,,Меѓаши"

Нема сигурност дали е резултат само на дојави или на зголемен број на злоупотреби, но во едно сме сигурни дека се повеќе има случаи на родосквернавење, вели Драги Змијанац извршен директор на Првата детска амбасада Меѓаши.



Годинава бевме сведоци на повеќе случаи на сексуално малтретирање на деца. Имам впечаток дека се зголемува бројот на вакви случаи, зошто?


Секогаш сме со дилемата дали се зголемува бројот на дојави, дали децата и родителите се охрабрени или имаме зголемен број на сексуални насилници кои ги злоупотребуваат децата, посебно под 14 години и не сте сигурни дали е резултат само на дојава, или на зголемен број на злоупотреба, но во едно сме сигурни дека се повеќе има случаи на родосквернавење.

Како функционира системот, колку државните институции се подготвени да се справат со ваквите случаеви и натаму да дејствуваат превентивно за да не дојде до нови?



Државните институции треба да разберат дека нема секогаш, во сите семејства одговорни родители. Значи треба да ја преземат одговорноста секогаш кога децата се во опасност по нивната безбедност, здравје и живот и мора да вршат социјален надзор посебно врз семејства во ризик и дисфункционални семејства. Одземеањето на родителското право откако ќе настане тешка траума или трајни последици кај децата е задоцнето. Затоа тоа го потенцираме. Тие се правдаат дека очекуваат дојава од граѓаните кои солидарно ќе пријават дека во неговото соседство се врши насилство. Центрите за социјална работа имаат законска обврска покрај давање на социјална помош да вршат набљудување на однесувањето на родителите со децата, да вршат строг надзор, ако треба превентивно да го одземат родителското право.

Можно ли е овие деца да се ресоцијализираат?

Има можност, процес на рехабилитација, ресоцијализација и интеграција каде што мора темелно да се работи да се следи детето жртва, секако многу е важно детето да даде само една изјава за да не поминува низ дополнителни трауми во процесот на докажување на вината од страна на осомничениот и никако не смее на главен претрес судијата да дозволи детето жртва да биде соочено на инсистирање на одбраната, со сторителот туку се залагаме за светските модели, скрин соба каде што судијата ќе посвети максимално внимание, ќе обезбеди сите можни помагала, видео и друг запис, каде што ќе му бидат доволни показателите за да може на главниот претрес да ја води постапката, а детето да не биде трауматизирано.

Што станува, најверојатно имате некаква бројка, со злосторниците? Како се постапува со нив, дали е некој санкциониран?

Во Македонија најголеми казни кои се досудија беа неколку случаеви до 15 години за неколку педофили. Она што нас не загрижува како амбасада за одбрана на правата на децата, е со педофилите нема сигурен третман во затворот додека ја издржуваат казната и нема сигурно следење и набљудување кога ќе излезат од казнената институција. Светските покзатели покажуваат дека во најголем број случаи педофилите го повторуваат делото и дека треба да се работи паралелно и со строг надзор и со терапија на примање на медикаменти, со намера да е контролира нагонот за да не се повтори делото, односно сторителот на ова тешко кривично дело да биде под сигурен надзор на полицијата и на центрите за социјална работа.