Интервjу - Гордана Јанкулоска

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи

Безбедносната состојба во Македонија веќе подолг период е непроменета, непроменета во позитивна смисла на зборот, бидејќи таа е мирна. МВР не се двоуми и не лови само „ситни риби“ во борбата против криминалот, вели министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.




Г-ѓице Јанкулоска како ја оценувате безбедносната состојба по неколкуте брутални убиства што се случија за кусо време?


Безбедносната состојба во Македонија веќе подолг период е непроменета, непроменета во позитивна смисла на зборот, бидејќи таа е мирна, без никакви индикатори кои би значеле сериозна закана за безбедносната состојба во Македонија. Факт е дека имаше настани кои од една страна го привлекоа вниманието на јавноста и сосема легитимно создадоа загриженост во смисла на тоа како институциите ќе се справат со овие настани, меѓутоа ние како Министерство за внатрешни работи во рамките на нашите професионални обврски и активности по однос на овие настани, реагиравме соодветно, брзо и тие веќе добиваат една институционална завршница онака како што тоа е случај кога нешто слично ќе се случи во било која земја, ако сакате Западно европските земји или било која друга земја во светот.

Гледате ли причина за зголемена вознемиреност или некаква загриженост, со оглед на тоа дека овие убиства се случија на фрекфентни локации во фрекфентни термини?

Овие настани секако дека се вознемирувачки за грaѓаните и создаваат легитимна грижа, односно легитимни прашања на граѓаните околу актуелната состојба, меѓутоа исто така ако објективно ги гледаме работите не постои земја во светот каде што нема настани од ваков тип. Вистинското прашање во момент кога ќе се случи убиство или нарушување на јавниот ред и мир од пошироки размери, посебно во термини или на локации каде што има поголема фрекфенција на луѓе, е дали институциите имаат капацитет да ги разрешат ваквите ситуации, односно соодветно да реагираат. Република Македонија, ако ја видиме статистиката, бележи значителен напредок на овој план и гледано од аспект на бројот на расчистени убиства, разбојништва, расчистени посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, но бележи напредок и во смисла на превенцијата, односно нешто што преставува поширока општествена активност, бидејќи една работа се причините и мотивите за ваквите настани, а друга работа е дејствување на институциите во смисла на нивно расчистување. Ако зборуваме за расчистување на кривичните дела на насилство или ако сакате конкретно, ако зборуваме за моментот на расчистеност на убиствата или обидите за убиства, тогаш гледано од 2007 година до сега, бидејќи тоа е перодот за кој јас должам отчет пред граѓаните, нашата ефикасност на расчистување на убиствата е 8 отсто, односно расчистување на обиди за убиства 89 отсто или вкупно 88 отсто ефикасност.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Гордана Јанкуловска



Од друга страна, експертите велат дека криминалот не е возможен без негова поврзаност со луѓе од институциите. Мислите ли дека ги имате сите механизми за откривање на ваквата поврзаност?


Како министерство надлежно за откривање на кривичните дела од секаков тип, секако дека мора да се фокусираме и на гонење на криминалот доколку тој се појави во редовите на институциите вклучително и во МВР. Ако се анализира периодот, 2007, 2008, 2009, па и првите шест месеци ов 2010 година, евидентно е дека се поднесени 435 кривични пријави против вработени во МВР односно 1948 дисциплински постапки, што значи системот на контрола во полицијата се зајакнува, односно се зголемува ефикасноста и продуктивноста од работењето на Секторот за внатрешна контрола. Натаму ако сакате, дали вработени од МВР понекогаш доаѓаат во судир со законот, јас ќе речам дека не постои држава каде што нема такви случаи, но бројките одат во прилог на тоа дека ние најдовме вистински начин да се бориме против оваа појава дури и тогаш кога таа се јавува во редовите на МВР и со резултатите од изминативе четири години покажавме дека сме решени во оваа битка да опстоиме до крај.

Од друга страна, може да се забележи дека се „ловат ситни риби“ во криминалот, меѓутоа недоставува поодлучна борба со криминалните банди, со мафијата, со подземјето. Зошто?

Јас сум ја слушнала оваа констатација и морам да кажам дека воопшто не се согласувам со неа од прости причини што не е поткрепена со аргументи. Значи ако зборуваме за поединечен впечаток тоа е легитимно, но незначи дека е аргументирано и издржано, но ако зборуваме за фактите тие зборуваат за нешто сосема друго. Имено фактите говорат дека МВР во било која област што сакаме да ја анализираме бележи подобрени резултати во изминативе четири години. Во борбата против недозволена трговија со наркотици растат бројот на откриени дела и количините што се запленети. Јас ќе споменам само една единствена акција, операцијата „Босфор“ која ја работевме во соработка со турската полиција е акција во која беа запленети поголеми количини на хероин и стигнавме до бројката од 346 кг хероин само во една оперативна акција. Исто така имаме ред други активности каде што се боревме токму против криминалот во сопствените редови. Акцијата „Бумеранг“, ќе се сетите на операцијата „Змиско око“ и ред други кои се навистина многу за да ги набројувам во оваа прилика, меѓутоа јасно посочуваат и демонстираат дека МВР нема да се двоуми дали да поднесе кривична пријава без разлика дали се работи за поранешни, сегашни високи функционери, од владеачкото мнозинство, функционери од партиите кои во минатото биле на власт, овластени службени лица или било кој друг граѓанин кој ги пречекорил законите. Впрочем веќе и бројните случаи што добиваат судска завршница само ја потврдуваат борбата против криминалот која во континуитет ја водиме.

Има бројни поплаки на бруталноста на полицијата, тоа беше долго време и една од забелешките наведена во извештајот на ЕК, исто така меѓународните организации апелираат на забрзување на процесот на професионализација и департизација на полицијата. До каде сте со овие реформи?

Кога зборуваме за полициските злоуптреби секако дека оваа тема н еможе да ја одвоиме од професионалниот однос и стандарди. Бројот на претставки поднесени заради пречекорување на овластувањата може да се гледа од два аспекти. Тогаш кога тој се зголемува не секогаш значи дека се зголемува бројот на злоупотреби и пречекорувања, тоа исто така е индикатор дека расте довербата кај граѓаните и тие се повеќе се охрабруваат, но тоа би било беспредметно доколку ние не најдеме механизам за ефикасно да се справуваме со ваквите злоупотреби. Пред да завршам со одговорот на ова прашање ќе споменам уште еден многу значаен проект, а тоа е првиот ИПА проектот кој беше воопшто реализиран во регионот. Тоа е ИПА проектот за стратегијата за реформи во полицијата, односно за јакнење на капацитетот на полицијата. Низ овој проект ние успеавме да го промовираме системот на кариера, да го промовираме она што значи содржина на законот за полицијата што предизвика своевремено голема дебата во јавноста. Значи, за разлика од некои минати периоди кога имало многу субјективизам, многу дискрециони права, условно кажано ние свесно се откажавме од сите овие дискрециони права во интерес на една повисока цел, а тоа е професионална, стручна и компетентна полиција. За прв пат системот на кариера функционира и за прв пат речиси нема начин да се влијае на овој систем на кариера.