Нов вид Балканска драма

Даниел Сервер

Во јунската анализа под овој наслов, Даниел Сервер од Институтот за мир во Вашингтон предупредува дека Балканот ќе се соочи со нови проблеми на Косово и во Босна и Херцеговина, доколку САД и ЕУ не преземат драматични чекори да ги вратат на патот кон Европската унија. Според него, балканските земји веќе не треба да губат време за постигнување на таа цел.
Американскиот аналитичар Даниел Сервер смета дека земјите на Балканот треба паметно да го искористат времето за да се подготват за влез во Европската унија. Тоа не е процес што трае две или три години, туку цела декада па и повеќе, вели Сервер.

„Неоспорно е дека моментално постои проблем со политичката волја на Европската унија за натамошно ширење, но исто така, е неоспорно дека земјите кои влегоа во нејзините редови бележат спектакуларни резултати. Погледајте каде се Полска и Унгарија и каде беа пред 15 години. Значи не смее веќе да се губи време.“

Сервер прецизира дека некои од земјите на Балканот, како Македонија, Албанија и БиХ во последниве пет години, како што вели, допуштиле да загубат многу време. Тој во интервјуто со новинарот на Радио Слободна Европа Бранка Тривиќ, ја повикува Меѓународната заедница да го редефинира ангажманот во Босна и Херцеговина, односно воспоставување едно силно претставништво на Европската унија во кое би имало и американски претставници кои ќе помогнат во усвојувањето на неопходните уставни реформи за влез во Унијата:
Постои проблем со политичката воља на ЕУ, но земјите кои влегоа претходно постигнаа спектакуларни резултати. Значи дека не треба да се губи
време.

„Мене не ме интересира повторното пишување на босанскиот устав, туку ме интересира што е тоа што Босна треба да го направи за да ги исполни европските стандарди. Јасно е дека не ги исполнува и тоа нема да го стори се додека нема да има централна влада која ќе биде носител на преговорите со Унијата.“

Во врска со односите меѓу Белград и Приштина, американскиот аналитичар Даниел Сервер нуди дипломатска иницијатива. Имено тој предлага, претседателот на Косово Фатмир Сејдиу да упати куртоазна покана до Претседателот на Србија Борис Тадиќ да ја посети Приштина, по што би можело да се отворат разговори за натамошните односи.


„Тое е интересно прашање. Што се однесува до Тадиќ, зависи како таа посета маркетиншки ќе ја претстави. Ако објасни дека тоа е за доброто на косовските Срби и за зацврстување на српскиот територијален интегритет, тогаш таа политички ќе му користи. Сметам дека тоа ќе биде чекор напред во односите меѓу Приштина и Белград.“

Сервер наведува дека многумина негови соговорници од Белград се на став оти признавањата на Косово се неповратни, па затоа, како што се додава, можеби дошло време да се признае дека тој факт постои и оти нема да се менува.