Достапни линкови

Брзо решение за името


Сенаторот Воинович
Сенаторот Воинович

Ова од Премиерот Никола Груевски го побараа американските сенатори Џорџ Војнович и Џин Шахин. Тие изјавија дека Премиерот на Грција Јоргос Папандреу во Атина им рекол дека има искрена желба за компромис за проблемот со името. Сенаторите и со благодарност до Македонија за подршката на НАТО во Ирак, Авганистан и Босна и Херцеговина.

“Преговорите за името се многу важни за иднината на Македонија и „релативно брзо“ треба да се направи нешто во таа насока поради економската ситуација во Грција“,

изјави американскиот сенатор Џорџ Војнович по денешната средба со премиерот Никола Груевски во Скопје.

„Јас и неколкумина други сенатори се сретнавме со премиерот Папандреу во Атина, веднаш откако тој беше избран. Тој ми посочи дека има искрена желба да се потруди и да работи на постигнување компромис за името, за Македонија да може да стане членка на НАТО и на ЕУ. Треба да се направат сите потребни напори што е можно поскоро“,

додаде Војнович. Tој рече дека му се заблагодарил на премиерот за подршката што Македонија му ја дава на НАТО во Ирак, Авганистан и во Босна. Сенаторката Џин Шахин рече дека се заинтересирани да дадат што е можно поголема подршка за „помрднување на ова прашање“.

„Ние сме тука зашто Македонија ни е битна, овој дел од Европа и Западниот Балкан ни е битен. Јасно ни е дека ова се големи предизвици. Важно е луѓето со добра волја да преговараат, да се потрудат да ги надминат разликите, за Македонија да продолжи напред и да стане членка на НАТО и на ЕУ“,

рече сенаторката Шахин. Републиканскиот сенатор Војнович од Охајо и демократската сенаторка Шахин од Њу Хемпшир, неделава се на балканска турнеја.

Македонско американски односи

Сенаторката Шахин е член на Комитетот за надворешни односи и на Поткомитетот за европски прашања на Конгресот, и поранешен директор на Харвардскиот институт за политика. На интернет страницата на Сенатот стои дека таа е задолжена за прашања поврзани со НАТО, ЕУ, Балканот, Русија, Турција и Косово.
Сметам дека при ваква политичка ситуација на актуелната власт кон евро атлантските интеграции, Америка е се уште најголем подржувач и би рекол, се уште, наш стратешки партнер.

Сенаторот Војнович, пак, е добар познавач на состојбите на Балканот и силен поддржувач на евроатлантските аспирации на земјите од регионот. Како член на Комитетот за надворешни односи во Сенатот, Војнович одигра клучна улога во проширувањето на НАТО и приемот на Бугарија, Романија, Естонија, Латвија, Литванија, Словенија и Словачка во северноатлантската алијанса.

Домашните аналитичари оценуваат дека односите меѓу Македонија и САД се традиционално добри и дека тоа не се променило ниту по промената на американската администрација.

Поранешниот македонски амбасадор во САД, Љупчо Јордановски вели дека Македонија ја смени политиката кон САД, но оти Обама и натаму останува подржувач на земјата.

„Сметам дека при ваква политичка ситуација на актуелната власт кон евро атлантските интеграции, Америка е се уште најголем подржувач и би рекол, се уште, наш стратегиски партнер.“

Македонија учестувува во мировните мисии предводени од САД со завиден број војници, иако не е членка на НАТО.

Пред десетина дена, на Молитвениот појадок што го организираше американскиот претседател Барак Обама присуствуваше и македонска делегација, предводена од вицепремерот за европски прашања Васко Наумовски. Него, во Вашингтон го придружуваа и пратениците Александар Спасеновски, Андреј Петров и Сулејман Рушити.

Аналитичарите тогаш оценија дека Молитвениот појадок е добра можност да се излобира подршка и помош за одредени прашања, но нагласија дека дипломатијата треба да биде активна преку целата година.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG