Достапни линкови

Словенија гласаше за арбитража со Хрватска


Словенците го поддржаа договорот што нивната влада го направи со Хрватска, а со кој граничниот спор меѓу двете држави ќе се решава со меѓународна арбитража. Со тоа, тие го расчистија патот на интеграцијата на нивниот сосед во Европската унија.

На вчерашниот референдум во Словенија, според неофицијалните резултати, за спогодбата гласале 51,48 насто од избирачите, а против биле 48,52 насто.

Одѕивот на околу милион и 700 илјади словенечки граѓани со право на глас бил нешто над 42 процента. Тесниот исход на референдумот прв го поздрави претседателот на Словенија Данило Тирк:

,,Со оваа одлука Словенија ја потврди својата приврзаност кон арбитража, што, според нашето мислење, е најдоброто решение за мирно решение на спорот.,,

Изјави Тирк кој додаде дека Словенија од арбитражата очекува праведно решение без уцени.

Резултатите беа поздравени и од премиерот Борут Пахор, но имаше и многу критичари.

Поранешниот премиер и лидер на опозицијата Јанез Јанша изјави дека исходот не е победа на владата, туку пораз на Словенија, бидејќи гласачите за такво важно прашање биле поделени.

Тој го повтори уверувањето дека арбитражното решавање на спорот не одговора на словенечките интереси. ,,Резултатот од овој рефендум ќе го платиме сите,, изјави Јанша:

,,Ние нема да гласаме за ратификација на пристапната спогодба на Хрватска во Европската унија се додека нема да ни биде познато решението на Арбитражниот суд за граничниот спор.,,
Со оваа одлука Словенија ја потврди својата приврзаност кон арбитража, што, според нашето мислење, е најдоброто решение за мирно решение на спорот.



Позитивниот резултат на словенечкиот референдум за претседателот на Хрватска Иво Јосиповиќ, претставува победа за двете земји и за Европската унија и придонес кон концептот на ширењето на Унијата кој, како што рече, ги опфаќа сите земји од југоисточна Европа.

Словенија која од 2004 година е членка на Европската унија, во 2008 годината го употреби правото на вето за да го блокира пристапувањето на Хрватска во Унијата.

Пречката беше отстранета во декември минатата година, набргу откако премиерите Борут Пахор и Јадранка Косор во Стокхолм потпишаа спогодба за арбитража која потоа беше ратификувана и во парламентите на двете земји.

Сепак, Пахор притиснат од опозицијата во март годинава се согласи да го тестира договорот на референдум па, вчерашното гласање на своевиден начин беше и гласање за доверба на неговиот кабинет.

Пиран


Хрватска сега очекува забрзување на преговорите со Брисел што би требало да резултира со покана за влез во Унијата во идната година. Спорот околу пританишето Пиран на Јадранско море се појави во 1991 година кога Словенија и Хрватска се отцепија од поранешна Југославија.

Имено, целото словенечко крајбрежје се наоѓа кај Пиран, со тоа што северниот влез е во Италија, а јужниот во Хрватска. Според Загреб, словенечките бродови минувале низ хрватските територијални води и затоа треба да бидат контролирани, што пак за Словенија претставува кршење на меѓународното право.

Резултатот од референдумот во Словенија беше поздравен и од Брисел кој има намера арбитражата да ја примени и во решавањето на другите отворени гранични прашања во Западен Балкан.

Исходот, според новинските агенции, е позитивен сигнал и за другите западнобалкански држави: Македонија, Србија, Босна, Црна Гора, Албанија и Косово особено откако Европската унија им упати критики за недоволната регионална соработка.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG