Достапни линкови

Ќе ни треба половина век за жените да станат рамноправни во власта


Влада на Република Северна Македонија, 2022-2024
Влада на Република Северна Македонија, 2022-2024

Жените во политиката малку ги има. Не е исклучок ниту последната влада која има 21 член, но само четири жени. Од осамостојувањето на Македонија, бројката на жени во влада се движи од нула до четири. Бројни се причините за слабата застапеност на жените во високата политика.

Со 62 гласа „за“, Собранието на 18 Јануари ја изгласа новата Влада на Република Северна Македонија на премиерот Димитар Ковачевски, со мандат до 2024 година. Но и покрај декларативните заложби за родова рамноправност, новата извршна власт ќе има 21 член, ама само 4 од нив се жени. Ова не е ништо ново, според Билјана Котевска, истражувачка во Институтот за европски политики ЕПИ. Таа потсетува дека од осамостојувањето на Македонија и првата Влада на Никола Кљусев во која немаше ниту една жена, во 2022 година успеавме да напреднеме само до 4 жени на највисоките владини позиции.

„Ако ја следиме оваа прогресија, тоа значи дека нас ќе ни требаат уште некаде 45 до 52,5 години за ние да стигнеме до неков паритет во владата што е само по себе страшно. Така што се чини дека многу бавно напредуваме. Некој магичен број ни е во последнава декада четири, претходно ни беше два и се вртиме само околу таа бројка и никако да напреднеме, повеќе од 4 жени министерки“, вели Котевска.

Жените во новата влада се Славица Грковска, која е назначена за вицепремиерка за борба против корупцијата. Славјанка Петровска е нова министерка за одбрана, Јована Тренчевска за труд и социјална политика, додека Бисера Костадиновска застана на чело на Министерството за култура. Гледано по партии, во новата Влада 11 членови има СДСМ, 6 членови ДУИ, 3 Алтернатива и 1 ЛДП. Сепак, ако се гледа низ призмата на родовата застапеност тогаш сите четири жени доаѓаат од СДСМ. Тоа ,според Котевска од ЕПИ, е позитивен знак, но недоволен за прогрес. Затоа и смета дека потребни се порадикални промени.

„Самиот премиер е премиер на целата влада, значи тој ги поставува и е одговорен за составот на целата влада и сите министри. Ако постоеше вистинска политичка волја или заложба за оваа влада да биде родово рамноправна, во тој случај можеше некоја од политичките партии која има поголема свесност, или коалиција, да ги жртвува овие неколку години, како што ги жртвува жените сите овие децении, и да ги предложи министерките да бидат во многу поголем број. Или пак сите жени. Во тој случај другите кандидати, сега за сега, и да не предлагаа жени за министерки, ќе стигневме до некаков напредок. Вака сме повторно во истата ситуација“, вели Котевска која е свесна дека пристапот е поекстремен, но смета дека е реален ако се има јасна политичка заложба дека ова е сериозно прашање.

Партиите не ги „фермаат“ жените

Македонија заостанува во родовата рамноправност во извршната власт во однос и на светскиот и на европскиот просек. Така, ако во сега во владата имаме 19% жени, европскиот просек според „UN Woman“ изнесува 34% жени министерки. За Тања Иванова, претседателка на здружението Реактор-истражување во акција, проблемот тргнува од тоа што самите партии забораваат да ги вклучат жените како во своите редови така и на кандидатските листи.

„Податоците од Државната изборна комисија ни укажуваат на многу силна корелација помеѓу бројот на жени кандидати и бројот на избрани жени. За жал ако ги погледнете листите, и на претходните избори, ќе забележите дека воопшто немало жени на листите за да бидат понатаму избрани. Ограничениот број на предложени кандидатки од претходно, правел да имаме и потесен список на потенцијални кандидатки , а со самото тоа и оваа нова влада што е избрана не земала во предвид да вклучи поголем број жени“, анализира Иванова.

Во прилог на тоа одат и резултатите од локалните избори. Податоците покажуваат дека од 1996 година, кога за прв пат се одржале локални избори, па се до 2021 година, биле избрани вкупно 660 градоначалници. Од нив само 18 жени градоначалнички и 642 мажи градоначалници. И на овогодинешните локални избори беа избрани само две жени градоначалнички, во општините Старо Нагоричане и Град Скопје, што е само 2,5% од вкупниот број на градоначалници и 4 градоначалнички помалку во однос на претходните локални избори.

Осврнувајќи се на истражувањата на кои работеле од Реактор, Иванова укажува дека патот за жените во политиката е трнлив и исполнет со пречки. Појаснува дека жените мора многу повеќе да се докажуваат за разлика од своите машки колеги, како и дека општеството се уште ги препознава како „главни чуварки на домот“. За неа е сериозен проблем тоа што половина од населението во земјава е несоодветно застапено во највисоките ешалони на власта.

„Факт е дека жените се заборавени, а вклучувањето на жените во политиката е клучно за унапредување на општеството бидејќи едноставно со невклучување нивно, ние забораваме на 50% од популацијата и нивните потреби и ставови не се застапени во рамки на високите политики. Ова особено важи за високите политики. Иако во парламентот на пример воведувањето на квоти можеби не се гледа како практично решение, мегутоа не само во нашата земја, туку и пошироко во светот с е покажало дека само со воведување на квоти за жал можеме да поработиме на ова прашање и да имаме поголема застапеност на жени. Притоа не зборувам за паритет по секоја цена туку паритет кој подразбира и соодветност во однос на изборот на самите кандидати“, децидна е Иванова.

Каде се жените од помалите етнички заедници

Сите четири жени во последната влада доаѓаат од македонскиот политички блок. Од осамостојувањето на земјата, па се до денес, само две жени од албанскиот политички блок застанале на челни позиции во Владата. Од останатите етнички заедници ниту една. Така, во 1998 година, кога премиер е Љубчо Георгиевски, за министерка за наука е назначена Мерие Рушани од Демократската партија на Албанците ДПА. Повеќе од една деценија подоцна, во Владата од 2011 година на премиерот Никола Груевски, Теута Арифи станува вицепремиерка за европски прашања. Сепак, во 2013 година поднесува оставка од оваа позиција поради кандидатура за градоначалничка на Општина Тетово, па на нејзиното место доаѓа Фатмир Бесими.

Беса Кадриу, професорка на Универзитетот на Југоисточна Европа, вели дека се уште сме во стадиум кога учеството на жените во политиката е главно декларативно и базирано на бројки и квоти, наместо жената навистина да добие значајна улога во политиката. Смета дека системот на едукација е важен дел од овој проблем, при што нагласува дека жените од малцинствата како албанското, долго време ја немале можноста да бидат едуцирани на мајчиниот јазик.

„Во последните 20 години, не само нашиот менталитет, туку и другите околности, политичките околности, не помагаа доволно за таа (жената) да биде претставувана во институциите на системот и присутна во процесот на политичкиот систем. Така што, не е само економскиот фактор, не е само политичкиот фактор, туку влијаеле и огромни проблеми коишто за жал, придонесувале ние да имаме и ден денеска лошо искуство на недостаток на пристапот на жената во политиката“, забележува Кадриу.

Таа укажува дека е неопходно да се работи на едукација на жените и промена на менталитетот. Вели дека младите полека ги менуваат наративите, се школуваат во земјава и странство, па оттука и ги кршат стреотипите за еманципацијата на жените. Сепак, додава, има уште многу работа пред нас.

„Што треба да направиме ние како жени? Секако дека треба да бидеме поактивни , да ги бараме нашите права, да покажеме дека и ние сме фактор кои би можеле да придонесуваме многу во нашето општество, и тоа подеднакво, без разлика дека сме жени. Дури и повеќе може да создаваме. Затоа што, нема никој друг како жените кои можат да создаваат стратегии, одлуки, политики од јавен интерес на социјален аспект, затоа што ние ги знаеме и корените на проблемите, почнувајќи од семејството, социјалниот аспект, но и проблематики од повисоко ниво или ранг“, додава Кадриу.

Како до повеќе жени во високата политика

Исто како Кадриу, и Иванова и Котевска се согласуваат дека за жените политичарки има уште многу работа. Но и за системот. Иванова смета дека извесно подбрување може да има со носење повеќе закони, како законот за работни односи со кој се бара споделено родителско отсуство. Исто така бара носење на законот за родова еднаквост и закон за заштита од вознемирување на работно место. Предлага , дражвата да размисли за мотивација за финансиски мерки за политичките партии за да вклучат повеќе жени.

Котевска пак укажува дека општеството губи многу со невклучувањето на жените во високата политика, но според неа, најсериозната последица е нарушувањето на демократскиот легитимитет. Смета дека е погубно тоа што за 30 години независност, ниту една влада не ја одразила плуралнста на групите во општеството.

„Клучно, во земја како што е Македонија, како што е македонското општество, каде што толку многу ставаме акцент на тоа колку е важна застапеноста, правична застапеност, мислам дека е крајно време да одиме, да ја дополниме правичната застапеност на која толку многу работевме во етничка смисла, со застапеност во родова смисла. Така што мислам дека може да се искористи нашиот позитивен став како држава во однос на квотите и на другите мерки афирмативни или слични мерки и да почнеме малку посериозно да се занимаваме со родовата застапеност во владата“, завршува Котевска.

Родовата рамноправност се споменува во повеќе сегменти и во новата програмата на Владата за периодот 2022-2024 година. Оттаму уверуваат дека посветено ќе работат на оваа тема.

„Владата преку низа мерки и политики ќе дејствува за воспоставување на ефективен и ефикасен систем за унапредување на родовата еднаквост на централно и локално ниво, за подобрување на положбата на жените во сите области на јавниот и приватниот живот, како и за сузбивање на родовите стереотипи и градење култура на ненасилство и недискриминација врз основа на пол, род и родов идентитет“, стои во новата владина програма.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG