Достапни линкови

„Жените за жените“ - уметнички потраги по родовата рамноправност


Плакатот за изложбата
Плакатот за изложбата

Дела од 25 уметнички од регионот се претставени на изложбата „Women about women“, што од 14 до 30 мај се одвива во „Мала станица“ во Скопје. Поставката е дел дел од проектот „The Rise of women in culture in Western Balkan“ кој е поддржан од Европската унија, а чиј куратор е Билјана Јотиќ.

Замислена како вовед во двегодишното истражување на практиките и териториите на уметниците од Западен Балкан, изложбата „Women about women“, што од 14 до 30 мај се одвива во Национална галерија, Мултимедијален центар „Мала станица“ во Скопје, обединува дела на 25 визуелни уметнички од Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и од Македонија. Од нашава земја, на неа се прикажани оние на докажани уметници кои творат во различни медиуми како Тања Балаќ, Марија Милошевска, Ана Лазаревска, Христина Зафировска и Шќипе Мехмети.

WO-MAN - дело на уметницата Кристина Зафировска

Почнувајќи од 10-ти јануари, поставката и беше прикажана на ликовната публика и на културната јавност во Белград, Подгорица, Самобор, Ајдовшчина и еве на крајот на мај стаса и во Скопје.

Проектот „The Rise of women in culture in Western Balkan“, чиј гласноговорник е кураторката Билјана Јотиќ, е поддржан од Европската унија и се спроведува од неколку невладини организации и здруженија како Феномена и BeoArt Contemporary од Србија, Спејс од Црна Гора, Удруга Призма од Хрватска, Локарјева галерија од Словенија и Сенсус од Македонија.

Говорејќи за изложбата како вовед во проектот Билјана Јотиќ забележува дека „Подемот на жената на Западен Балкан“ има за цел да ги собере на едно место различните експерти од општествената стварност од женски род. Дека започнува од творештвото, од уметноста и говори за родовата рамноправност.

Во дијалог со генерацииите на 21-от век, овој проект ќе се обиде подолгорочно да прикаже како жените ја обликуваат современата балканска културна стварност и како таа стварност ја трансформира жената. Проектот цели кон тоа да ги опфати и одреди најпровокативните прашања на диверзитетот на нашето време, смета кураторката.

SILENCE - дело на уметницата Шќипе Мехмети

Таа појаснува дека од гледна точка на уметничката вредност, организаторите би сакале да нагласат дека концептуално, овој проект е потпрен на идејата за жената како субјект во процесот на креирање и објект во процесот на набљудување.

Фокусот е на сегашниот момент и сведочи за внатрешното битие на жената во однос на поединечното наспроти колективното и обратно. Блискоста на соработката помеѓу уметничките и жените кустоси е специфичноста во однос на аголот на набљудување и на пренесување на пораката. Појдовна точка е соработката и вмрежувањето во регионот и пошироко, смета Јотиќ

Прашана, пак, за тоа како е планирано да се одвива овој проект и како ќе кулминираат активностите за него, Билјана со информација дека во основа станува збор за патувачка изложба, но и за низа други пропратни многу значајни активности, предавања и тематски работилници.

Генералните активности на проектот се патувачката изложба по државите од Западен Балкан за која селекторките однапред одбраа уметници со препознатливи и различни идентитети на жени во визуелната уметност. Резиденцијалната програма во Задар, Хрватска, ќе собере околу себе нова и млада енергија по пат на отворен конкурс. Делата што ќе произлезат од тој собир ќе бидат претставени на резиденцијалната изложба што ќе биде во Стразбур или во Брисел.

AD INFINITUM - дело на уметницата Марија Милошевска

Современите технологии вклучуваат нови облици на изложбени практики и глобална комуникација. Истражувањето се бави со прашањето на идентитетот на жената во современата визуелна уметност и подеднакво ги опфаќа институционалните и вонинституционалните кустоски практики. Документарната серија ги бележи мисловните и творечките процеси и на жените кустоси и на уметничките. Таа мрежа на жените кустоси тематски организирани околу поимот на жената во уметноста, покрај се, во проектот опфаќа и бројни предавања и тематски работилници, истакнува Билјана Јотиќ.

XS
SM
MD
LG