Достапни линкови

Вести

НСРР: Повеќе жени во власта за родова рамноправност

Илустрација
Илустрација

Национален Совет за родова рамноправност бара од мандатарот за Влада, Зоран Заев, да има повеќе жени во структурите на одлучување и во извршната власт.

„Во духот на еднакво општество за сите, Националниот совет за родова рамноправност како мрежа на повеќе од сто женски локални организации во државата од вас бараме при составување на членови/ки на Владата биде исполнета и една од нашите основцни цели: повеќе жени во структурите на одлучување и извршната власт. Вие досега докажавте, поставувајќи 50 проценти жени на кандидатските листи на коалицијата 'Можеме' на изборите 2020, дека за вас тоа е водечки принцип и истото го очекуваме и при составувањето на оваа влада“, велат од Сојузот во нивното обраќање.

Тие како пример ја посочуваат Франција, каде од 31 министерства, 17 ги водат жени.

„Успешните држави во кои владее рамноправноста гарантираат благосостојба на сите граѓани/ки, каква што во иднина сакаме да биде Република Северна Македонија“, стои во соопштението на Савка Тодоровска, претседателка на Сојузот.

види ги сите денешни вести

Преговарачите на Србија и Косово во Брисел

Еден од разговорите за косовско-српскиот дијалог меѓу Петар Петковиќ, Мирослав Лајчак и Бесник Бислими
Еден од разговорите за косовско-српскиот дијалог меѓу Петар Петковиќ, Мирослав Лајчак и Бесник Бислими

Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) Мирослав Лајчак ќе се обиде да организира нова рунда дијалог меѓу Србија и Косово на ниво на главните преговарачи.

Петар Петковиќ од Белград и Бесник Бислими од Приштина се во европската престолнина и ќе имаат одвоени разговори со европскиот пратеник за дијалог, додека се уште не е сигурно дали ќе се сретнат заедно.

Според агендата, најпрво ќе се одржат одвоени средби со делегациите, а српската делегација прво ќе разговара со европската страна.

Одделните средби ќе зависат од тоа дали овојпат ќе има таканаречена трилатерална средба, односно средба на која ќе учествуваат ЕУ, Србија и Косово.

Портапролот на ЕУ Петер Стано еден ден претходно изјави дека одржувањето на трилатералната „во голема мера зависи од подготвеноста на двете страни да се сретнат во таков формат“.

Портпаролот на Брисел, исто така, нагласи дека на агендата на средбите е потенцирање на неопходноста од напредок во дијалогот и итно започнување на имплементацијата на договорениот договор од Брисел и Охрид.

Последен пат Мирослав Лајчак свика рунда дијалог на ниво на главните преговарачи на 17 септември. И Бислими и Петковиќ тогаш имаа одвоени средби со европскиот пратеник за дијалог, но заедничка средба немаше.

Дијалогот меѓу Косово и Србија е во застој повеќе од една година.

Во февруари 2023 година, лидерите постигнаа договор за патот кон нормализација на односите. Во март истата година беше договорен Анексот за имплементација. Но, договорите не беа потпишани поради одбивањето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

На секоја средба на лидерите доминираа тензии. Последен пат се сретнаа на 14 септември 2023 година. Десет дена подоцна се случи напад во Бањска, што дополнително ги затегна односите. Во последната година во неколку наврати во Брисел доаѓаа главните преговарачи, но средбите суштински не ја променија ситуацијата.

Често се случува да нема заедничка средба и рундите да завршат само со одвоени разговори со европската страна. Последен пат заедно со посредство на ЕУ се сретнаа на 2 јули.

Стануваше збор за средба која се одржа неколку дена по доаѓањето на лидерите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, кога немаше заедничка средба бидејќи косовскиот премиер одби.

Лидерите на Србија и Косово последен пат се сретнаа во рамките на дијалогот, на 14 септември 2023 година. Конструктивниот пристап на страните во процесот на нормализирање на односите сега е услов и Косово и Србија да добијат финансиски средства од Планот за раст за Западен Балкан.

Од 24 октомври поевтини катастарски услуги за граѓаните

илустрација
илустрација

Агенцијата за катастар на недвижности соопшти дека од денеска стапуваат во сила новите намалени цени за голем дел од нејзините услуги. Минатата недела во Службен весник беа објавени измените и дополнувањата на тарифниците, со кои се врши промена и намалување на цените на најкористените услуги на Агенцијата за дури 75 отсто.

Досега, граѓаните при купопродажба на стан и паркинг простор плаќаа за четири имотни листови вкупно 5000 денари. Со новите промени, таа услуга ќе чини само 1250 денари, без разлика на бројот на имотни листови, по правен основ, во една катастарска општина. Ова претставува намалување за цели 75 отсто.

Дополнително, со ова намалување се опфатени и наследните решенија и договорите за дар каде отсега ќе се наплаќа по правен основ во една катастарска општина во износ од 1250 денари, а не како досега за секој имотен лист по 1250 денари.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски посочува дека со намалувањето на цените се завршува процес на кој активно се работеше во изминатите два месеци.

Во следниот период, фокусот ќе биде ставен на дигитализацијата на катастарот, со цел услугите да бидат уште подостапни за граѓаните и правните лица

Украина собори 40 руски дронови во 11 региони

илустрација
илустрација

Украинската воздушна одбрана собори 40 од 50-те беспилотни летала лансирани од Русија во 11 нејзини региони рано на 24 октомври, додека други седум го загубија патот поради електронско заглавување на нивните навигациски системи, се наведува во соопштението на украинските воздухопловни сили.

„Беспилотните летала се соборени во регионите Одеса, Миколајев, Днепропетровск, Винње, Житомир, Хмелницки, Черкаси, Кироворад, Киев, Полтава и Чернихив“, се вели во соопштението на украинското воздухопловство.

Оттаму додаваат дека едно беспилотно летало сè уште се наоѓа во украинскиот воздушен простор, додека уште две се вратиле во правец на Русија и Белорусија.

Русија, исто така, лансираше две наведувани ракети и две крстосувачки ракети, кои ги промашија своите цели, соопшти војската.

Состанок на Комисијата за историски и образовни прашања меѓу македонските и бугарските историчари

илустрација
илустрација

По подолг период, новиот состав во македонскиот тим во заедничката Комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија, денеска (24 октомври) одржува прва средба со нивните колеги од бугарска страна.

Последната средба на мешовитата комисија за историски прашања беше одржана на 30 и 31 мај во Софија, а состанокот планиран во Скопје на 18 и 19 септември годинава беше одложен на барање на македонската страна.

Историчарот Митко Панов, кој е дел од новиот состав што Владата го назначи минатиот месец, синоќа во интервју за ТВ Сител изјави дека не може предвреме да каже за очекувањата од средбата, но, рече, оптимист е доколку се постигнат начелата на слободно изразување на ставовите за историјата.

„За моите очекувања не можам ништо да кажам сега, пред време, бидејќи треба да се запознаеме, треба да ја запознаеме методологијата на работа, концептот на работа, принципите на делување... Доколку се држиме до современите принципи на работа, европските практики на работа на ваков тип комисии, можам да кажам дека сум оптимист, не дека нешто ќе се постигне, сега ќе видиме, но доколку ги постигнеме тие начела на работа, мислам дека ќе можеме слободно да ги изразуваме своите ставови и, впрочем, тоа е и целта и моето разбирање на комисијата – да ги изразиме сопствените ставови, ставовите на македонската историографија и да видиме кои се тие проблематични точки коишто едната страна ги смета за некакви конфликтни проблеми“, истакна Панов.

Тој посочи дека претходно многупати кажал дека не се согласува со концептот на работа на претходната Комисија, и нагласи дека ќе работат „растоварени од какви било политички влијанија“ затоа што, рече, комисијата треба да работи во таква атмосфера за да дискутира.

Новиот состав на македонскиот тим од заедничката комисија беше избран од Владата на 10 септември. Нов претседател на македонскиот тим во заедничката комисија е Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а покрај Митко Панов, членови во Комисијата се и Александар Литовски, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

Досега комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто оделение во Македонија и за пети клас во Бугарија.

Најмалку 11 повредени во експлозија на преполн пазар во Кабул

илустрација
илустрација

Најмалку 11 лица се повредени вчера (23 октомври), меѓу кои и деца во експлозија што се случи на преполн пазар во Кабул, главниот град на Авганистан, соопшти меѓународна невладина организација.

Засега не е познато што ја предизвикало експлозијата, а никој од талибанските власти не бил достапен за коментар.

Експлозијата се случила на пазар каде што се продава половна облека во градската општина Памир Синема, објави организацијата за итни случаи, која управува со хируршката болница во Кабул.

Заменик-директорот на локалниот огранок на организацијата Стефано Џенаро Смирнов изјави дека меѓу повредените има тригодишно и четиригодишно дете, а еден маж е во критична состојба.

Екстремистите во Авганистан ги засилија своите активности откако Талибанците се вратија на власт во 2021 година, соборувајќи ја претходната, прозападна влада на крајот од повлекувањето на американските трупи и нивните НАТО сојузници од земјата.

Цел на екстремистите по правило се Талибанците и припадниците на шиитското муслиманско малцинство.

Холандија воведува построги мерки за азилот и контроли на границите

илустрација
илустрација

Холандија почнува да ги заострува законите за азил и планира во ноември да воведе гранични контроли, но нема да прогласи вонредна состојба за која се залага десничарскиот лидер Герт Вилдерс.

Вилдерс, чија партија освои најмногу гласови на изборите во ноември 2023 година, својот поостар став го објави вчера преку соопштение на мрежата X.

„Нема да има вонредна состојба, но веднаш ќе има построги мерки. Навистина сум среќен поради тоа“, објави Вилдерс на X.

Коалициските партнери со месеци дебатираат за построги правила за добивање азил во земјава. Вилдерс се надеваше дека ќе прогласи вонредна состојба за да спроведе строги мерки без одобрение од парламентот. Другите партии не се согласија, тврдејќи дека нема правна основа за тоа.

Според предложените мерки, статусот на барател на азил ќе важи најмногу три години во иднина. Коалицијата си постави за цел да ги врати сириските бегалци и да прогласи барем делови од Сирија за безбедни.

Оние кои добиле статус на бегалец во Холандија ќе имаат помалку права во врска со сместувањето.

Бројот на баратели на азил во земјата се стабилизира на околу 40.000 годишно. Но, тешко им е да најдат сместување, што делумно е резултат на кратењето на буџетот, а делумно и општата намалена понуда за сместување во Холандија

Фон дер Лајен во посета на Скопје

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лaјен
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лaјен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лaјен во рамки на нејзината четиридневна турнеја низ шесте земји од Западниот Балкан, денеска (24 октомври) ќе престојува во Скопје.

Според најавите, за време на посетата на земјава Фон дер Лајен ќе има средби со претседателката Гордана Сиљановска Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.

Во пресрет на посетата на Фин дер Лајен на регионот, Европската комисија вчера ги одобри реформските агенди на Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија и Црна Гора, поврзани со Планот за раст на Западниот Балкан, со кои ти се обврзуваат на социо-економски и фундаментални реформи што ќе ги спроведат во периодот од 2024 до 2027 година за да поттикнат раст и поврзување со ЕУ. Одобрувањето на реформските агенди беше клучен чекор за да се овозможат исплати на средства во рамки на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, чија вкупна вредност е шест милијарди евра.

Како што информира вчера заменичката на главниот портпарол на ЕК, Аријана Подеста, токму Планот за раст, како и напредокот на европски пат на земјите од Западниот Балкон ќе бидат главни теми на средбите на Фон дер Лајен со нејзините домаќини за време на турнејата низ регионот.

Својата балканска турнеја таа ја започна од Тирана, каде вчера имаше средба со албанскиот премиер Еди Рама и се обрати на свеченоста по повод стартот на академската година на тиранскиот Колеџ на Европа. По средбата со Рама, Фон дер Лајен најави дека Европската комисија следната недела ќе ги објави извештаите за напредокот на европскиот пат на земјите кандидати за членство во ЕУ.

Фон дер Лајен од Скопје попладнево ќе отапува за босанскиот град Јабланица, каде ќе ги посети подрачјата што неодамна беа погодени од поплави. В сабота Фон дер Лајен ќе престојува во Приштина, по што ќе отпатува за Подгорица.

Овонеделната посета на Фон дер Лајен доаѓа по онаа од пред година кога во регионот го промовираше Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан. Во меѓувреме таа во неколку наврати имаше средби со лидерите од земјите од регионот, од кои последните се одржаа минатата недела на Самитот на Берлинскиот процес во Берлин и на Бледскиот стратешки форум на почетокот на септември.

На овие средби Фон дер Лајен го истакнуваше значењето на регионот за Европската Унија и на посветеноста на блокот за поддршка на земјите од Западниот Балкан во спроведувањето на реформите и трасирањето на патот кон членство во Унијата.

Фон дер Лајен од Тирана: Проширувањето на ЕУ е приоритет во мојот втор мандат

Претседателката на ЕК од Тирана ја започна турнејата низ земјите од Западен Балкан.
Претседателката на ЕК од Тирана ја започна турнејата низ земјите од Западен Балкан.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска (23 октомври) од Тирана ја започна нејзината турнеја низ Западен Балпан, порачувајќи дека проширувањето на Европската унија е нејзин приоритет во нејзиниот втор мандат како шефица на извршното тело на ЕУ.

„Проширувањето е голем приоритет и во мојот следен мандат. Тоа се однесува на нашиот план за раст за Западен Балкан, за ова разговаравме во Берлин. Ја отвораме вратата на заедничкиот пазар со партнерите од Западен Балкан“, рече Фон дер Лaјен на прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.

Фон дер Лајен утре (24 октомври) ќе престојува во Северна Македонија, а во рамки на турнејата ќе ги посети и Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.

За време на нејзината посета на Европскиот колеџ во Тирана, фон дер Лајен рече дека сега „ветрот на промени дува во Западен Балкан“.

„Може ли некој да го запре ветерот на промените? Денес овој ветер на промени дува не само во Западен Балкан, туку и во Украина и Молдавија. Но, има и други ветрови кои дуваат во спротивни насоки, кон национализам или угнетување. Русија влезе во Украина токму затоа што Украина сакаше да стане дел од ЕУ“, рече таа.

Таа посочи дека за време на изборите минатиот викенд во Молдавија била забележана „голема руска интервенција на референдумот за европската иднина“.

„Овие сили работат на дестабилизација на земјите кои ја избираат Европа. Секогаш кога има напредок кон помирување или интеграција, тие се оние кои го свртуваат вниманието кон старите конфликти. Ова е реалноста денес. Ова е она со што ќе треба да се справи вашата генерација млади Европејци. Не смееме да седиме со скрстени раце“, им порача фон дер Лајен на студентите на Европскиот колеџ.

Шефицата на Европската комисија најави дека Албанија во наредните месеци ќе ја добие првата исплата од 64 милиони евра од Планот за раст на ЕУ, од вкупно 920 милиони евра, што се очекува да ги добие во следните три години.

ЕУ го одобри Планот за раст за Западен Балкан, кој предвидува помош од шест милијарди евра за земјите од регионот.

„Помина една година од почетокот на работата и повеќето од нив имаат подготвена реформска агенда. Вие и тимот завршивте одлична работа со реформската агенда“, му рече претседателката на ЕК на премиерот Рама.

На прашањето дали има датум кога Албанија ќе може да стане членка на ЕУ, Фон дер Лајен рече дека тоа зависи од „работата и заслугите“.

На 15 октомври Албанија го отвори првото поглавје од пристапните преговори со ЕУ, точно 10 години по добивањето на статусот земја-кандидат.

Рама рече дека Албанија е „решена“ да ги исполни своите обврски на патот кон ЕУ.

„Многу сме решени да успееме. Има голем број задачи, ги има илјадници! Задачи кои мора да се преточат во закони, подзаконски акти, но и во докази за нивно спроведување“, рече Рама.

Во рамки на посетата на главниот град на Албанија, претседателката на Европската комисија утре претпладне треба да се сретне со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај по што ќе отпатува за Скопје.

Според најавите на Европската комисија, Фон дер Лајен за време на посетата на регионот најмногу ќе се фокусира на помошта што ЕУ им ја дава на земјите од регионот за забрзување на реформите и подготовките за побрз напредок во евроинтеграциите.

Утре, Фон дер Лајен од Северна Македонија ќе замине за Босна и Херцеговина.

Во петокот ќе престојува во Србија каде ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Во сабота ќе биде во Косово, каде ќе се сретне со претседателката Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти. Посетата на регионот ќе ја заврши со средби со лидерите на Црна Гора во Подгорица.

Гаши на средба со Стефанчук изразил недвосмислена поддршка за Украина

Претседателот на Собранието на Северна Македонија Африм Гаши и претседателот на Врховната рада на Украина Руслан Стефанчук на средба во Рига.
Претседателот на Собранието на Северна Македонија Африм Гаши и претседателот на Врховната рада на Украина Руслан Стефанчук на средба во Рига.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на билатерална средба со својот хомолог, претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук, ја нагласил недвосмислената поддршка од Северна Македонија за Киев, соопштија од собраниската прес-служба.

Гаши и Стефанчук оствариле билатерална средба на маргините на Третиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, што се одржува во Рига, Летонија.

„Гаши ја нагласи недвосмислената и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинските институции и украинскиот народ во бруталната, неоправдана и непредизвикана воена агресија на Русија врз Украина и во борбата против агресорот, што истовремено претставува борба за демократските вредности и заштита на меѓународниот поредок“, соопштија од Собранието.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Гаши истакнал дека Собранието на Република Северна Македонија трет пат е претставено на највисоко ниво на парламентарните самити на Меѓународната кримска платформа, што, нагласил тој, е „јасен показател на нашата посветеност кон овој форум, како и цврстата поддршка за Украина, на секое поле“.

Според соопштението од парламентот на Северна Македонија, Стефанчук искажал благодарност за постојаната поддршка што ја добива Украина од Скопје.

„Сите порачуваат оваа војна да заврши, но важно е и како ќе заврши војната. Претседателот Стефанчук нагласи дека на Украина во моментов и се повеќе од потребни поддржувачи и гласноговорници на сите меѓународни форуми особено земји членки на НАТО“, велат од Собранието.

Оттаму потсетуваат дека Северна Македонија досега била ко-спонзор на повеќе резолуции и иницијативи за Украина, а го поддржала и суспендирањето на Русија од Советот на Европа. На 31 јануари, земјава и официјално се приклучи кон „Меѓународната коалиција за олеснување на враќањето на украинските деца депортирани или присилно раселени од привремено окупираните територии на Украина“, а изрази и поддршка за „Формулата за мир“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Третиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа во Рига годинава се одржува на 23 и 24 октомври 2024.

Во делегацијата на Северна Македонија, со Гаши е и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.

Инаугуративниот самит на Кримската платформа се одржа во Киев на 23 август 2021 година на ниво на шефови на држави и влади. Првиот самит на парламентарно ниво се одржа во 2022 година во Загреб, а вториот во 2023 во Прага.

update

Терористички напад на воена фабрика во Турција, има жртви и ранети

Полиција и Брза помош во близина на местото на настанот.
Полиција и Брза помош во близина на местото на настанот.

Пет лица загинаа, а 22 се ранети во терористички напад на турската воздухопловна и одбранбена компанија ТУСАС изведен денеска (23 октомври), соопшти турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

„Извршен е терористички напад врз ТУСАС. За жал, по нападот имаме жртви и повредени“, објави Јерликаја на мрежата Икс на 23 октомври.

Тој рече дека двајца осомничени за нападот - еден маж и една жена, се неутрализирани. Додаде дека тројца од повредените се во критична состојба.

Турските власти сметаат дека нападот најверојатно е поврзан со Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција, како и САД и ЕУ, ја сметаат за терористичка организација.

„Според начинот на кој беше извршена оваа акција многу е веројатно дека таа е поврзана со ПКК“, рече Јерликаја, додавајќи дека напорите за идентификување на сторителите се во тек.

И министерот за одбрана Јасар Ѓулер го впери прстот кон „негативците на ПКК“.

Напад на фабриката ТУСАС кај Анкара.
Напад на фабриката ТУСАС кај Анкара.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на состанокот со рускиот претседател Владимир Путин на маргините на самитот на земјите од БРИКС, го осуди терористичкиот напад и прими сочувство од Путин.

НАТО, САД и ЕУ исто така го осудија нападот.

ТУСАС е фабриката која, меѓу другото, го произведува и првиот турски борбен авион KAAN, но и цивилни авиони, беспилотни летала и други одбранбени и индустриски системи. Оваа фабрика, исто така, е овластена и за производство на борбените авиони Ф16, дизајнирани во САД. Исто така, се занимава и со модернизација на старите авиони на турската војска.

Два главни сопственици на ТУСАС се турските вооружени сили и цивилниот огранок на турската влада задолжен за подобрување на одбранбените способности и за управување со воените набавки.

Приватната телевизија НТВ објави дека група напаѓачи пристигнале на влезот од комплексот со такси во период кога се менувала смената на персоналот од обезбедување. Најмалку еден од напаѓачите активирал бомба, додека останатите успеале да влезат во фабриката.

Претходно медиумите објавија дека во комплексот се слушнала експлозија. Исто така, известуваа и за размена на оган што траело подолго од еден час.

Чад, спасувачки екипи и полицајци на местото на експлозијата кај Анкара, 23 октомври 2024 година.
Чад, спасувачки екипи и полицајци на местото на експлозијата кај Анкара, 23 октомври 2024 година.

На местото на настанот беа испратени безбедносните сили, брза помош и пожарникари.

Канцеларијата на главниот јавен обвинител на Анкара отвори истрага за нападот, соопшти турскиот министер за правда, Јилмаз Тунч.

Во соопштението објавено на мрежата Икс се наведува дека на случајот работи и заменик-јавниот обвинител заедно со уште осум обвинители.

Генералниот секретар на Северноатлантскиот алијанса, Марк Руте, порача „НАТО стои до нашиот сојузник Турција“.

„Силно го осудуваме тероризмот во сите негови форми и внимателно го следиме развојот на настаните“, рече Руте.

ЕУ го осуди смртоносниот напад од, како што наведе, „терористите“ врз воената фабрика во близина на турскиот главен град Анкара, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.

„Денес терористите го нападнаа седиштето на турската фабрика во Анкара, што резултираше со смртни случаи и повредени. Силно го осудуваме тероризмот во сите негови форми. ЕУ ја изразува својата солидарност со Турција во овој тежок момент“, напиша Борел на мрежата Икс.

И Белата куќа соопшти дека САД го осудуваат смртоносниот напад врз турска одбранбена компанија.

„Иако сè уште не го знаеме мотивот или кој точно стои зад него, ние силно го осудуваме овој чин на насилство“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби.

Портпаролката на германското Министерство за надворешни работи го опиша нападот како „длабоко шокантен“ и рече дека Германија ги осудува „сите форми на тероризам на најсилен можен начин“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG