Достапни линкови

Штрајкот во училиштата и градинките почна со многу прашалници


Илустрација
Илустрација

Наместо во училница, голем дел од наставниците денеска останаа во канцелариите. Штрајкот на СОНК и официјално почна денеска. Просветните работници бараат повисоки плати, Министерот за образование се надева на брзо решение. Родителите до последен момент немаа информации што да прават со своите деца

Во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ наставниците наместо во училница работниот ден го започнаа во спортската сала, со што го означија стартот на претходно најавениот штрајк. Барањата се повисоки плати и подобри услови за работа.

Директорот на училиштето, Марјан Јовановски вели дека училиштето е отворено за учениците, но бројката на ученици кои дошле е мала. Оние кои се во училиште ги згрижуваат наставниците кои не штрајкуваат или пак не се членови на Синдикатот.

„Имаше мала бројка, максимум 50-тина ученици од прво до петто одделение дојдоа. Учениците се организирани од наставниците кои не се членови на синдикатот или не штрајкуваат. Оние родители кои што ги донесоа своите деца, не ги вративме, тие се во училиштето, тече наставата. Втора смена е од 13 часот за учениците од шесто до деветто одделение, но и таму имаме исто така наставници кои не штрајкуваат и со нив ќе се организираме за наставата“, вели директорот Јовановски.

Јовановски: Учениците кои дојдоа ги згрижија наставници кои не штрајкуваат
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:05 0:00
Директен линк

Неделков: Со ука, наука и култура заедно сме во секоја бура

Стартот на денешниот штрајк го означи првиот синдикалец, Јаким Неделков кој на својот Фејсбук напиша:

„Добро утро, добар ден почитувани колешки и колеги. Денес е денот „Д”, ден кога ја започнуваме синдикалната борба за остварување на својте социјални права, за себе, за семејството, за дејноста, за учениците и родителите, за општеството….. Да бидеме храбри како што сме, сплотени и единствени и да стасаме што побрзо до посакуваната цел.

„Со ука, наука и култура заедно сме во секоја бура. Среќно!“ напиша Неделков.


Дел од родителите се солидаризираа со наставниците

Во скопското основно училиште „Димитар Македонски“ пак ниту еден ученик не дошол на настава. Директорката Јулијана Тодоровска за РСЕ вели дека тоа го толкува како поддршка од страна на родителите.

„Ученици нема дојдено воопшто ниту едно дете, најголем дел од наставниците штрајкуваат, има мала бројка која што го поддржуваат штрајкот, но тие се подготвени да згрижат ученици доколку има потреба“, вели директорката Тодоровска.

Сепак директорите велат дека се надеваат на брзо решение бидејќи во интерес на сите е да не се нарушува воспитно образовниот процес, но и да се исполнат барањата на СОНК.

Но најавите за штрајкот, кој што е законско право не поминаа без притисоци. Дел од наставниците пак кои се на определено работно време за РСЕ раскажуваат дека имале притисоци од директорите да не се придржуваат на штрајкот и да влезат во училница.

Илустрација - Училишен двор во Скопје на 11 април 2022
Илустрација - Училишен двор во Скопје на 11 април 2022

Наставничка во основно училиште, чие име и e познато на редакцијата, вели дека директорот ја условил со решение за трајно вработување.

„Знаеш ли колку чекаат за вработување, ти си на неопределено какво штрајкување, ми нареди да се симнам од канцеларија бидејќи сметал на мене да ги покривам децата“, сведочи наставничка за РСЕ која сакаше да остане анонимна.

Претходно и од синдикатот изјавија дека вработените се соочуваат со притисоци поради штрајкот, за што најавија и жалби до меѓународните трудови организации.

Состојбата е и иста и во градинките каде дел од воспитувачите штрајкуваат, а оние кои не штрајкуваат ги згрижуваат децата.

Директорката на детската градинка „Весели Цветови“ вели дека сите деца кои дошле во градинка се згрижени од воспитувачите кои не штрајкуваат или не се членови на Синдикатот.


Родителите до последен момент во забуна – Што да прават со децата

Штрајкот предизвика контрадикторни информации и направи хаос кај родителите.

Во текот на вчерашниот ден од синдикатот порачаа дека нема да држат настава, Министерството за образование истовремено излезе со соопштение дека настава мора да има.

Дел од родителите со кои разговараше РСЕ велат дека до последен момент не знаеле што да прават со своите деца.

„Вчера на вести едните велат настава ќе има другите велат ќе штрајкуваат, не знаевме до последен момент што ќе се случува, на крај се снајдовме за чување, но не знам до кога ќе трае штрајкот и што понатаму“, вели родителка на дете што оди во градинка.

На некои од нив кои ги однеле децата во училиште одговорните им рекле „На ваша одговорност ги оставате децата“, по што ги вратиле дома.

Други пак велат биле известени од училиштето и воопшто не ги пратиле децата на училиште.

„Наставничката ни испрати порака дека ќе остварат своето законско право на штрајк и детето го оставивме дома“, вели родител на ученик во петто одделение.

Шаќири : Последниот чекор треба да е штрајкот

Министерството за образование засега нема точни податоци колку од наставниот кадар штрајкува и дали и каде има прекин на наставата. Министерот Јетон Шакири вели дека очекува средба со СОНК и се надева на брзо решение.

„Јас го почитувам синдикалното право на штрајк, но социјалниот дијалог продолжува и мислам дека за брзо време ќе најдеме решение. Како Влада од првиот ден сме влезени во процесот да постигнеме договор. И СОНК беше вклучен во преговорите за минимална плата. Имаме во законот минимум шест месеци за усогласување со другите плати. Мислам дека во текот на неделата ќе имаме други состаноци и сакам разбирање. Требаше последниот чекор да биде генералниот штрајк, сега доаѓаме во ситуација тие одлучуваат да штрајкуват со настава, но тоа ќе мора да се надомести за децата, заради што ќе повикам во најбрз можен рок да најдеме заеднички одговор на сите овие проблеми“, изјави министерот за образование.

Штрајк на СОНК, детска градинка во Скопје
Штрајк на СОНК, детска градинка во Скопје

Битиќи: СОНК не им даде доволно шанса на преговорите

Според закон настава мора да има

Законот за основно образование предвидува во случај на прекин на воспитно образовната работа заради штрајк директорот на основното училиште по претходна согласност од градоначалникот, а за државните основни училишта од министерот, е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно образовната работа со замена на вработени кои штрајкуваат, додека трае штрајкот.

Што бара СОНК ?

Барањата на СОНК се зголемување на платите за 18,5% односно нивно усогласување со минималната плата која од март се зголеми на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.

Ивана Стојкова

XS
SM
MD
LG