Достапни линкови

Што ќе значи за граѓаните енергетската криза


РЕК Битола
РЕК Битола

Прашањето за воведување на енеретска криза, според најавите, ќе се најде на владина седница во вторник. Во донесената владина уредба се предвидуваат рестрикции во кроистењето на струјата, но, не и за домаќинствата.

Извесно е дека земјата ќе прогласи енергетска криза откако тоа го најави министерот за економија Крешник Бектеши. Тој рече дека прашањето ќе се најде на наредната владина седница во вторник. Според него, рестрикции на струја нема да има, а целта на кризната состојба е да може да се вбризгаат буџетски средства директно во енергетските компании. Кризна состојба во делот на енергиката прогласува Владата на предлог на Комисијата за електроенергетска кризна состојба, со која раководи Бектеши.

Владината уредба донесена на 30 октомври и која веќе е објавена во Службен весник предвидува обезбедување на непречено префрлање на пари од буџетот, како и на други извори за покривање на загубите кои се направија со дисбалансот во енергетскиот систем. Уредбата предвидува и рестрикции, но, не и за домаќинствата.

Ограничувања со воведувањето енергетска криза

-Исклучување на сите светлечки реклами,

-Осветлението на улиците, плоштадите и другите објекти се намалува до минимален сигурносен обем на осветлување,

-Осветлението на излозите се ограничува до минимален сигурносен обем на осветлување и/или

-Забрана за употреба на електрична енергија за додатно загревање на деловни и службени простории.

Поскапување на струјата

Од Министерството за економија соопштија дека во уредбата се се определени и правата и обврските на учесниците на пазарот во услови на кризна состојба и се вклучени сите учесници на пазарот, а не како претходно само државните енергетски компании. Оттаму уверуваат дека до крјаот на годината цената на струјата нема да се покачи.

„Претходната Уредба беше донесена во 2012 година и во неа не беа усогласени новите одредби за пазарите на електрична енергија. Континуирано ја следиме состојбата во електроенергетскиот сектор, во моментов има доволно количество на електрична енергија, до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата“, соопштија од Министерството за економија.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски пред еден месец изјави дека не гледа причина за поскапување на електричната енергија и порача дека актуелната цена ќе остане најмалку до крајот на декември.

Но, министерот Бектеши не ја исклучи можноста струјата да се покачи од 1 јануари, наредната година, изјавувајќи дека покачувањето нема да биде големо.

Како настана проблемот?

Проблемот со фирмите кои тргуваат со струја е настанат бидејќи, на пример, некоја од нив склучила договор да снабди со струја други фирми, а во моментот не располага со потребните количини според договореното и за тоа пријавува дебаланс во МЕПСО кој треба да го покрие недостатокот, а на тој начин МЕПСО ги троши резервите. Минатиот месец Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) соопшти дека забележува дека некои компании за снабдување незаконски ги откажуваат договорите со своите клиенти, а се случи и инцидент во кој Аријанит Џафери - синот на поранешниот функционер Муса Џафери физички го нападна директорот на РКЕ Марко Бислимовски поради започната постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма „У Пауер“, откако МЕПСО пријавиле дека ја нарушува стабилноста на системот за електрична енергија и неоправдано троши резерви на струја за сопствен профит.

Долг од 15 милиони евра

Во соопштение од 25 октомври Владата наведува дека фирмите трговци со струја се одговорни за настанатата ситуација и дека тие ќе треба да ги подмират трошоците за настанатата состојба, но исто така посочува дека е можно да им даде помош на овие компании со пари од Буџетот. Од владиното соопштение беше посочено дека додека трае изборниот период Владата не може да носи мерки со кои е предвидено финансиски зафаќања од Буџетот.

„Таквите мерки, доколку се усвојат, ќе бидат донесени после изборите, во секој случај ќе им биде излезено во пресрет на енергетските компании со цел одржување на сигурноста со снабдување во идниот период“, наведоа од Владата.

Се уште не се знае колку пари би издвоила Владата за помош на енергетските компании. Инаку, МЕПСО четири пати добиле опомени за ненајавено преземање на струја од европската енергетска мрежа, поради што, според директорот Куштрим Рамадани, дистрибутерот веќе има долг од 10 милиони евра и ако продолжи ваквиот тренд во ноември ќе треба да плати 15 милиони евра.

Планови за решение на кризата

Владата на почетокот на октомври донесе одлука за интервентен увоз на јаглен за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј за да се избегне увоз на струја по високи цени. Девет компании се јавија на повторениот повик за набавка на јаглен за третиот блок на РЕК Битола за дополнително производство на електрична енергија наменето за стопанството и државните институции. Понудите ги исполнуваат бараните количини од 900 илјади тони јаглен, информира АД ЕСМ.

„Што се однесува до јагленот за ТЕЦ Осломеј од првиот повик за набавка, се очекува во понеделник да се официјализира изборот на понудувачот на 300 илјади тони јаглен и да се потпише договор, по што веднаш ќе започне испораката со динамика предвидена во договорот“, посочуваат од АД ЕСМ.

Тие нагласуваат дека се во постојана комуникација со Владата и со ТЕЦ Неготино со цел стартување на термоелектраната, со поддршка на АД ЕСМ.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG