Достапни линкови

„Црна кампања“ за гласачите на противникот да останат дома


Локални избори 2021
Локални избори 2021

На само четири дена пред вториот изборен круг се вжешти „црната кампања“ во битката за градоначалничкото столче. Политичките аналитичари велат дека целата на негативната кампања е да се намали излесноста на гласачкото тело на противникот. Клучното прашање е колку ќе го намали одзивот на гласачи.

Дали кандидатката за градоначалника на Скопје се вика Данела или Даниeла и дали има бугарско државјанство и пасош или не се прашања кои ги наметна владејачката СДСМ во јавноста на само неколку дена пред вториот изборен круг. Опозицијата во изминатава недела обвинува за параполициски структури во Битола и Прилеп. Полиција интервенирала затоа што партиски активист не дозволил да се снима видео обраќање на општинска советничка пред салата во Кисела Вода - Расадник. Дополнително обвинувањата за поткуп и насилство од сите партии не стивнуваат.

Во изминатава недела како се приближува денот на изборите така правопропорционално почна да се шири црната кампања на политичарите во битката за градначалничкото столче. Медиумите, а особено социјалните мрежи, се преплавени со спонзорирани објави за оцрнување на противникот.

Во вториот изборен круг ќе се гласа во 44 општини и Градот Скопје, откако во првиот, кој се одржа на 17 октомври, се избраа 34 градоначалници.

Политичарите очекуваат битка на локалните избори да донесе и домино ефект на централно ниво. Премиерот Зоран Заев најави дека ако Петре Шилегов не добие втор мандат за градоначалник на Град Скопје, тој ќе се повлече од премиерската позиција. Од друга страна,пак, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски локалната трка ја преставува во јавноста како борба за централна власт, алудирајќи на можноста за ново паралментарно мнозинство.

Политичките аналитичари велат дека црната кампања вообичаено служи за пасивизирање на неопределените гласачи и намалување на излезноста на изборите, со што битката би се водела само меѓу партиските поддржувачи. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека целта на негативната кампања не е да донесе гласови за партијата која ја пласира.

„Нејзината цел е да ги супресира гласовите, да ги намали гласовите на партијата која е нападната со таква негативна кампања. И во таа смисла последните обвинувања за бугарско државјанство на Данела Арсовска имаат за цел да го намалат одзивот, односно бројот на гласови што таа би го добила од нејзините подржувачи. Евентуално можат да имаат секундарен ефект на мобилизиција на подржувачите на СДСМ спроти неа“ вели Арсовски.

Тој објаснува дека генералниот ефект на негативните кампањи е да се намали одзивот, затоа што негативниот наратив ги тера гласачите да се разочараат од политиката воопшто и да станат апатични.

Во првиот изборен круг одзивот на гласачите изнесуваше 51 процент односно гласале 938.631 луѓе. Според Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања негативната кампања ќе одземе дел од гласовите, но помалку од очекуваното.

„Но, со оглед на слабата излезност во првиот круг мислам дека сега влијанието на црната кампања ќе биде помало, затоа што генерално кога излезеноста е помала, тогаш тие што излегуваат да гласаат се повеќе од убедени во исправноста на својата одлука за да го дадат гласот за еден од понудените кандидати. Така што мислам дека нема да има поголемо влијание негативната кампања ни кај едните ни кај другите.“ вели Божиновски.

Арсовски вели дека ако има помала излезност во вториот круг, тоа нема да го смени легитимитетот на тие што ќе бидат избрани.

„Бидејќи за локалните избори прагот на одзивот е ставен релативно ниско, 30 проценти, а еве сега има најави и тој прагот да може да се укине. Така што на крајот гласаат тие што се заинтересирани за гласање. Тие кои не се заинтересирани за гласање со останувањето дома кажуваат дека се согласни други да одлучуваат во нивно име“ објаснува тој.

Божиновски пак, вели дека е вообичаено вториот круг на локални избори да има помала изленост, но не очекуваа на овие избори таа да биде драстично помала од првиот круг.

„Од една страна, тие што во првиот круг не излегле да гласат тешко дека ќе ги натерате во вториот да излеза, но ,од друга страна, на првиот круг на овие избори специфично беше гласањето со фингер принт па имаше луѓе кои не успеаа да гласаат, па дел од нив се враќаа да гласаат и тоа влијаеше на излезност во првиот круг, но затоа може да се случи сега излезноста да не биде толку помала како што е очекувано. Во најдобар случај излеснота очекувам да биде како во првиот круг“ објаснува тој.

Ова се седми локални избори кои се одржуваат во земјава по прогласување на независноста. Првиот круг се одржа на 17 октомври, а вториот круг ќе се одржи на 31 октомври.

Во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се повтори гласањето, бидејќи не е исполнет законскиот цензус на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. На локалните избори што се одржаа на 17 октомври 2021, градоначалници беа избрани во вкупно 34 општини.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG