Достапни линкови

Кого мотивира Заев со изјавата за оставка вмровците или сдсмовците?


Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на предизборен собир на кандидатот за градоначалник на Скопје Петре Шилегов
Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на предизборен собир на кандидатот за градоначалник на Скопје Петре Шилегов

Играта веќе е поставена и изјавата на премиерот Заев дека ако го изгуби Скопје ќе се повлече од позицијата нема да има којзнае какво влијание врз гласачите, вели професорот Ненад Марковиќ. Аналитичарот Алберт Муслиу пак смета дека е одговор на најавите за ново мнозинство.

Една недела по изјавата на премиерот Зоран Заев дека ако го изгуби Скопје не може да предводи влада, тој ја прецизираше дека не значи и пад на владата на СДСМ. Рече дека тоа значи дека тој ќе се повлече од позицијата прв човек, а владата ќе остане да ја предводи кадар од СДСМ и дека нема потреба од предвремени парламентарни избори.

Но, прашањето што се поставува е каков ефект ќе има оваа најава, дали ќе мотивира или демотивира граѓани да гласаат за Петре Шилегов, кандидатот на неговата партија. Според универзитетскиот професор Ненад Марковиќ, не треба да се предимензионира влијанието на оваа изјава која додава дека прави привид за демократска одговорност за поразот.

Марковиќ: Изјавата на Заев нема да смени ништо драматично
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:02 0:00
Директен линк

„Не мислам дека може нешто драматично да смени ниту кај едната, ниту кај другата група луѓе, особено што мислам дека е маневар во последен момент. Играта веќе е поставена и мислам дека нема да има којзнае какво влијание ниту врз провладините, ниту врз проопозициските гласачи“, вели Марковиќ.

Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократските иницијативи АДИ пак на најавата на Заев за повлекување од премиерското столче ако не победи Шилегов гледа како на порака до ВМРО-ДПМНЕ чии претставници по локалните избори најавуваат и паѓање на актуелната влада.

„Ова е одговор на кампањата што ја води Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за ново мнозинство, за да ги обесхрабри дел од гласачите да не излезат. Мислам дека тоа е целта со тоа што премиерот кажа дека две ипол години ќе има стабилно владејачко мнозинство, мислам дека опонира на тие изјави“, вели Муслиу.

Според него, сите тие кои Заев ги мотивирал да бидат по вклучени во политичките процеси, би биле и помотивирани в недела да излезат на избори.

Инаку, ова не би било првпат на политичката сцена во независна Македонија да се повлече премиер, а владата да продолжи да функционира со друг прв човек. Таков беше случајот во 2004 година кога тогашниот премиер Бранко Црвенковски одлучи да се кандидира за претседател, па со владата на СДСМ продолжи да раководи банкарот Хари Костов. Тој на функцијата не остана долго. Ја извршуваше околу половина година по што си даде оставка, а по него премиер во Владата на СДСМ стана Владо Бучковски.

Актуелен во Европа сличен пример е во Австрија, каде што премиерот Себастиан Курц се повлече од позицијата поради истрага за коруцпија. Долгогодишниот дипломат од неговата партија Александар Шаленберг продолжи да ја води владата како канцелар, а Курц остана шеф на Австриската народна партија и најави дела ќе стане водач на парламентарната група.

Во меѓувреме, партиите изгледа како да подзаборавија на програмите и ветувањата за локалните единици што ги даваа во првиот круг. Пред конечното гласање в недела, на вториот круг избори секој повикува да се гласа за секого, без да образложи дали програмски се согласуваат. Па така владиниот партнер Беса повика да се гласа за кандидатите на опозициската Алијанса за Албанците, која е во соработка со ВМРО-ДПМНЕ. И од Алијанса за Албанците побараа од нивните поддржувачи да гласаат за кандидатите на владината Беса. Целта како што објаснија и двете страни е да се урнат ДУИ и ДПА, кои се дел од владата.

Во македонскиот блок, ВМРО-ДПМНЕ го поддржа независниот кандидат за Куманово, Максим Димитриевски кој во првиот мандат дојде како кадар на СДСМ. Тој, кога беше од СДСМ жестоко го критикуваше ВМРО-ДПМНЕ предводено од поранешниот премиер Никола Груевски, а тие пак го нарекуваа насилник. Сега СДСМ прави контракампања за Димитриевски наведувајќи дека ништо не сработел од тоа што ветил во 2017 година.

Професорот Марковиќ на прашањето дали исчезнаа принципите при поддршката што си ја даваат партиите и кандидатите во вториот круг вели- за да исчезнат треба и некогаш да постоеле.

„Тие ниту постоеле ниту постојат во политика. Во политиката постои само политички есап. Тоа во принцип ги интересира политичките партии и не мислам дека ова е некаква нова пракса на коалицирање на различни партии на локално ниво со цел да го оптимизираат својот изборен резултат“, вели Марковиќ.

Инаку в недела според податоците од Државната изборна комисија ќе се гласа во 44 општини за градоначалници, а првиот круг ќе се прегласува на по едно избирачко место во Дебар за градоначалник и во Шуто Оризари за членови на совет. Покрај за градот Скопје, градоначалници во втор круг ќе се бира во скопските општини Центар, Карпош, Шуто Оризари, а се уште е неизвесно дали во Кисела Вода ќе има втор круг бидејќи се чека одлуката од Управниот суд. Првично таму се соопшти дека победил кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG