Достапни линкови

Обвинителството ги проверува обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за „изборни злоупотреби“ на полицајци


Гласање на локалните избори
Гласање на локалните избори

Наместо во име на законот, 40 полицајци делувале во име на партијата на власт, обвини ВМРО-ДПМНЕ. Од МВР пак, велат дека оваа партија шири невистини. Од ОЈО додаваат дека информациите за случајот им се доставени и оти се дадени насоки за нивна проверка.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека полицајци блиски до СДСМ договарале малтретирање на граѓани за изборите, МВР негира, но, отворило внатрешна истрага, а истражува и обвинителството.

Наместо во име на законот 40 полицајци делувале во име на партијата на власт со тоа што правеле црни списоци на автомобили за нивно отстранување од сообраќај, физичко следење на неистомисленици, списоци за гласање на СДСМ и наредби за измислување на прекршоци, обвинува опозицската партија ВМРО-ДПМНЕ. Како доказ, членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки објави комуникација од вибер група, каде, според него, полицајците се координирале.

Тој рече дека ваквата параполициска партиска формација во служба на СДСМ вршела брутална злоупотреба, а освен раководството и командирите на Прилепската полиција, во нејзе учествувале и лица од најблиското опкружување на Оливер Спасовски.

Групата, како што порача Ковачки, според тоа што партијата го има на увид, била под команда на Кире Китаноски од МВР, човек на Оливер Лукароски, кој е советник на Спасовски. Ковачки обвини и дека полицајците биле претворени и во агитатори на власта со собирање на гласови за СДСМ во Прилеп. Ковачки го посочи Дарко Цуцулоски, командир на ОВР Прилеп кој бил вмешан, според ВМРО-ДПМНЕ во собирањето гласови.

„Од ова се гледа дека станува збор за злосторничко здружение кое работело за потребите на СДСМ во целост, од следење, малтретирање, шиканирање и тепање. ЈО да постапи веднаш и да го истражи случајот. Очекуваме истрага која ќе резултира со конкретни обвиненија. Институциите не смее да се користат за партиски притисоци“, рече Ковачки.

Ковачки во неделата првично ја информираше јавноста за случајот без да посочи конкретни имиња и притоа рече дека информациите им ги доставиле загрижени полицајци, вработени во МВР кои не сакале да учествуваат повеќе во истата злостoрничка група.

Од МВР велат дека се гарант за сите слободни избори од 2017 до денес.

Од министерството како и вчера, така и денеска ги отфрлија обвинувањата како невистинити и повторуваат дека во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на било кој начин е дел од таква наводна операција, ниту пак дека тоа реално се случувало.

„Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во било кој друг град не се координираат преку вибер групи. На денот на изборите, 17 октомври, во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле“, велат од МВР.

Од МВР додаваат дека почнала внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого, и имајќи предвид дека до МВР не е пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејствија во Прилеп на денот на изборите какви што беа презентирани на прес-конференцијата.

Од обвинитителството за РСЕ велат дека Комисијата за следење на изборни нерегуларности постапува по сите примени поднесоци, пријави, како и сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведувањето на изборите.

„Информациите во врска со дадените наводи за кој прашувате се доставени до надлежното основно јавно обвинителство со насоки истите да се проверат и доколку се утврдат елементи на сторени кривични дела да се постапи согласно законските надлежности“, велат од обвинителството за РСЕ на прашањето дали е отворена истрага за случајот.

Од СДСМ претходно соопштија дека се оградуваат од какви било нерегуларности или конструкции за нерегуларности за овие избори.

Во вториот круг од изборната кампања во полиција е пријавен физички напад во Василево поврзан со изборите. Луѓе од СДСМ кои агитирале за изборите биле физички нападнати од други две лица, еден од нив бил кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ. И од штабот на кандидатот за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски наведуваат дека нивен кандидати за советник бил нападнат од страна на кандидат за советник од редовите на СДСМ. Случајот го пријавиле во МВР.

На денот на изборите, Основното јавно Обвинителство соопшти дека примиле многу пријави и известувања за нерегуларности, но по анализата, но мал дел од нив биле основани. Од поспецифичните случи издвоија пукање на митинг, гласање во пијана состојба, поткуп, агитирање. Во текот на изборниот ден Обвинителство соопшти и дека добиле известување од американска амбасада во кое известуваат дека едно лице од политичка партија се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела и се на слобода, добиле огнено оружје со цел, како што се наведува, попречување на изборниот процес.

Од МВР изјавија дека податоците биле веднаш проверени и дека се без основа. Полицијата презела мерки во координација со Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање и биле испитани сите наводи. Првиот круг од гласањето на 17 октомври помина мирно, оцени МВР. По завршувањето на изборите министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на изборниот процес.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG