Достапни линкови

Црвенковска - Немаме стратегија за културни содржини за деца


Црвенковска - Децата ни растат без да се описменат
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:43 0:00

Црвенковска - Децата ни растат без да се описменат

Ние немаме никаква државна стратегија за финансирање на содржини за деца - ни за литература, ни за филмови или серии, ни за образование, вели во неделното интервју за Радио Слободна Европа, Билјана С. Црвенковска, писателка и уредник за литература за деца и млади.

Билјана С. Црвенковска е дипломиран филозоф, кој преку театарот, новинарството, маркетингот, преводите и уредувањето на повеќе весници и интернет портали, низ годиниве стигна да биде респектирана писателка и уредник на литература за деца и млади. Таа зад себе има два романа - „Што сонуваше Дедо Мраз“ и „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“, повеќе сликовници, книги со активности, раскази и песни за деца и за млади, серија на графички новели во најава, а во јавноста е позната и по коавторството во „Пет +“ и штотуку започнатата со снимање телевизиска серија „Зоки Поки“. Сепак, некако се чини дека во мигов нејзиното име најтесно е врзано со мега-успешниот проект „Биби“ и со работилниците за креативно пишување што се одржуваат во Младинскиот културен центар – Скопје.

Барем надворешно, се чини дека долг беше патот од филозоф, преку театарот, новинарството да стигнеш до писателка и уредник на литература за деца и млади. Зошто? Ѝ требаше ли на Билјана искуството за конечно да сфати дека токму таму е како риба во вода? Дека е време да го пушти да се распалави детето во себе?

Детето во мене секогаш беше присутно и тоа е добро, затоа што тоа дете не ми даде простор да се помирам и да ги прифатам оние конвенционални начини на работење, да прифатам професија којашто ќе биде од девет до пет итн. Оти тој немир што ми го создаваше тоа дете во мене беше постојано присутен. Недопирлив. За да можеш да пишуваш за деца, оти тоа е најтешката работа кога е пишувањето во прашање, мора да созрееш на одреден начин. Мислам дека е многу полесно да пишуваш за возрасни и дека сите оние други пишувања на различни работи што јас ги правев во мојот живот, сето она што го пишував, беше тоа што се билдаше за да дојдам да пишувам за деца.

Се има впечаток дека како да си постави мисија пред себе – да се твори литература за деца и млади која ќе му прилега на времево во кое живееме. Што имаше притоа постојано на ум пред себе – тоа дека децата се најискрената и најстрогата публика или?

Да се биде писател за деца можеби е најтешката, но и најблагородната работа што постои. Затоа што нели зборуваме за пишување од различен тип – од книги, преку телевизиски серии, и можеби до филмови понатаму. Тоа е генерално гледано можеби во светски рамки бидејќи со тоа што го пишуваш ти треба да создаваш квалитетни, добри и успешни генерации понатаму. Односно да им ги посочиш вистинските вредности, а на начин на којшто тие би сакале да го прифатат.

Од друга страна, мислам дека во Македонија тоа е уште потешко, затоа што целата наша култура и нашето образование е на она ниво на коешто е. Знаеме како е. Буквално не може да биде полошо и понеопфатено тоа што се работи за деца. И мислам дека тоа е дури невозможна мисија во Македонија. Не сум спортист, не сум спремна за тоа, меѓутоа тој предизвик ми е она што ме води напред. Исто е и за книжевноста. Тоа е слично како за било кој спортски предизвик. Она што е потешко е она што сакаш да го освоиш, односно нели сакаш да го освоиш врвот кој не си го освоил.

Тоа секако е едната причина, меѓутоа мислам дека начинот на којшто дојдов до ова беше сплет на случајности. Целиот мој живот е сплет на случајности. Никогаш не сум сигурна што ќе дојде следно, односно авантурата е некаде тука, на два чекори, само треба да решам да отидам натаму. Дефинитивно е една авантура. Почна сосема случајно. Имав неколку драмски текстови за деца. Во тоа време работев во Арс Ламина како уредник, меѓутоа сè уште не беше дефинирано дека ќе бидам уредник за литература за деца и за млади. Само што беше распишан Годишниот конкурс на Министерство за култура и ме прашаа дали можеби имам нешто напишано со кое би сакала да аплицираме. Мене ми текна дека ги имам тие драмски текстови, ми текна на еден од нив којшто ми беше многу драг. Тоа беше „Соништата на Дедо Мраз“, кој во некое време беше и претстава што самата ја режирав. И, решив да го проверам тој текст. Да се потсетам на него и да видам што може од него да се направи. Дали би бил податлив за објавување. Како што го фатив, почнав да го средувам во прозна форма и од таму излезе роман, односно излезе романот „Што сонуваше Дедо Мраз?“ којшто е сосема различен од драмскиот текст на почетокот. Само Дедо Мраз што е тука како некаков главен лик. Така почна сè. Од тој момент сфатив дека детето во мене сака да го прави тоа и така се пронајдов себе си во литературата за деца.

Така полека доаѓаме до ликот на Биби, до Боби, она што веќе како вистински социјално-културен бренд го потпишавте со Тхе Мичо. Од каде идејата, инспирацијата, конечно потребата за Биби?

Факултети.мк, којшто е портал и за кој знаеме колку е следен и колку награди има освоено, беа решиле да го направат Деца.мк. Од проста причина што оцениле дека тие нивни текстови за деца се едни од оние најчитаните, коишто будат најголем интерес, родителите ги посетуваат и ги сакаат и имаа потреба за промоција на порталот Деца.мк да креираат лик. Кога јас дојдов да се видам со нив, тоа беше и нашето прво запознавање, ние не се познававме претходно, дури и не знаев зошто ме викаат, отидов таму и Биби веќе беше нацртана од Мичо и имаше име. Знаевме дека има лик којшто се вика Биби. Сосема случајно. И јас почнав да се смеам зошто еве сега ќе речат луѓево дека си го крстила ликот по себе, но не - тоа беше име кое тимот на Факултети.мк го беа дале на тој лик. И тоа беше толку. Она што понатаму тие го побараа од мене како автор беше да го осмислам ликот. Да му дадам карактер. Да му дадам некој живот, односно да ги формирам и приказните коишто би биле за Биби. Тие веќе знаеја, имаа концепт дека еден дел од содржините ќе биде едукативен, како што е азбуката на Биби, бои и дека ќе има и други едукативни видеа понатаму, меѓутоа сакаа и еден дел којшто, да речеме, ќе биде наративен, односно сказновит, бајковит.

На што во основа е базиран нејзиниот лик? На потребата за знаење во времево на незнаење, на развивањето на емпатија? Колку Биби е Билјана С. Црвенковска?

Јас секогаш сите ликови ги базирам на себе. И тоа е она што е интересно. Јас не ги црпам од надвор, туку ги барам во себе. Дури и машките ликови, негативните ликови, сите ликови. Стари, млади, кучиња, мачиња, сето тоа го барам и наоѓам во себе. Не знам како тоа да го објаснам и дали некој што не е автор би можел тоа да го разбере – да ти сите искуства ги црпиш од надвор, сретнуваш деца, имаш деца околу себе, живееш со одредени деца, меѓутоа тоа е само некоја дополнителна инспирација, а она што го наоѓаш како карактер го наоѓаш во себе. Затоа најверојатно тие главни карактери често личат на мене или на она што јас ви сакала да бидам. Затоа неколку пати реков дека Биби личи на мене, ама е многу повеќе од тоа што бев јас. На пример таа е многу похрабра од мене. Јас би сакала да сум толку храбра да бев дете, нели. Или таа е многу попаметна. Знае некој работи кои не ги знаев јас. На пример Биби е добра и по математика, јас бев „дрво“. Да не се лажеме. Затоа и запишав филозофија, меѓутоа некои работи кај Биби дефинитивно се инспирирани од моето детство. Не е лесно да се креира лик што повеќе деца ќе го сакаат. Навистина 90 отсто од девојчињата сакаат розова боја. Или ги сакаат сите оние работи што навистина се да речам стереотипни, меѓутоа има многу девојчиња коишто играат фудбал. Јас во мојата група, каде што држам часови по креативно пишување, имам пет – шест девојчиња коишто играат фудбал. Има многу девојчиња коишто одат на карате, коишто не сакаат да бидат „принцези“, сакаат друга боја, а не розовата и така. Одевме на тоа Биби да не биде баш таков стереотипен женски лик, а од друга страна таа не е некој екстремен карактер. Не е девојче - момче. Таа си е девојче – девојче.

Со кој јазик притоа како автор се реши да говориш за да им бидеш поблиска на своите читатели, на децата?

Со Факултети.мк заедно одлучивме дека Биби ќе зборува литературен македонски, но дека ќе користи колоквијални изрази коишто се во Правописот. На почетокот кога излегоа првите видеа имавме доста забелешки дека некои одредени зборови не биле македонски или биле премногу „скопски“. Не е точно. Ние одиме по Речник. Сето она што го има во Речникот ние го користиме, а знаеме дека колоквијализмите се присутни таму. Бидејќи знаеме дека Биби е девојче кое живее некаде, ние не го дефинираме тоа, туку претпоставуваме дека еве да речеме тоа е Скопје. Иако таму има волшебна шума. Значи малку е фиктивна приказната. И некои зборови што ги користиме не се скопски, туку се баш колоквијални од овој дел на Македонија. Доколку решевме да живее во Битола или Охрид можеби ќе искористевме некои колоквијализми од тие региони. Сепак, мислиме дека јазикот треба да се сочува и да се зборува на литературен македонски.

Појавата на Биби и другите објави на автори како Ване Костуранов, Бистра Георгиевска и пред сè интересот за нив, ќе може ли да ја сменат постојната не толку розова слика за литературата за деца и млади во земјава?

Дефинитивно почнаа млади луѓе да се охрабруваат. Тоа се млади луѓе кои ги следат светските трендови и да прават нешто што е различно од она што се правеше досега тука. Тоа нешто во светот се прави постојано. За жал ние немаме многу допир со таквата практика. И не само ние, туку и во земјите од регионот. Еве на пример во Србија каде што се издаваат многу повеќе книги за деца. Или во Бугарија. Сепак целиот наш регион е по малку традиционален. Малку по на север ако отидеме, па и во некои азиски земји, а да не зборуваме за Америка, ќе видиме дека имаат многу многу помодерен израз во литературата за деца. Што значи тоа? Тоа значи дека прво темите се многу подлабоки. Дури и за деца од три до шест години. За нив литературата за деца третира теми коишто не се толку лесни, весели, туку коишто завлегуваат малку подлабоко во внатрешниот свет на детето. Ние знаеме дека децата денес уште од најмала возраст се соочуваат со секакви работи во нивниот живот коишто не се баш среќни. Има деца коишто живеат во дисфункционални семејства, деца коишто се жртви на некакво семејно насилство, деца кои живеат во сиромаштија, деца – мигранти од одредени причини... Сето тоа е дел од нашиот модерен свет. И затоа на Запад уште од мали нозе во литературата за деца третираат такви теми. Секако на начин на којшто нема детето да биде загрозено или истрауматизирано преку книгата што би ја прочитало, но да може детето да се идентификува со ситуацијата или со главниот лик во самата приказна. Тоа е во однос на темите. Во однос на начинот на којшто се пишува текстот, и да не зборуваме за илустрацијата којашто е пресудна, зборуваме за многу сериозни дела. Илустрациите се можеби направени од најдобрите ликовни уметници од земјите од кадешто потекнуваат. На пример има холандски сликовници, шведски, норвешки, каде што илустраторите се врвните ликовни уметници. Во Норвешка, Шведска, Белгија, тоа е трендот. Токму и затоа еден Ване Костуранов се решава да прави такво нешто. Затоа што гледа дека има потреба, дека недостасува и дека тоа е тоа што е тренд секаде во светот. Зошто да не го направиме и овде?

Конечно каков третманот на детето во нашето општество? Во овие транзициски времиња, со поинакви светогледи и купишта афери на дневна основа, како потполно да заборавивме на нивните потреби, на нивното детство.

Мислам дека е алармантна ситуацијата. Не зборувам само за образованието, зборувам за онаа едукација преку забава и игра и нормално за културата којашто треба да ги опфаќа и децата, а не само возрасните. Ние немаме никаква државна стратегија за финансирање на содржини за деца, пред сè. Без разлика што постојано зборуваат од Министерството за култура дека ќе се посвети поголемо внимание на содржините за деца и за младинци, безмалку истото. Еве на пример за издаваштво да земеме. Кај изданијата за деца и за млади речиси секогаш има двајца автори. Автор на текстот и автор на илустрациите. Секогаш треба таа да биде во боја, многу често во тврд повез, мора да биде во тврд повез бидејќи лесно се кине. И повторно книгите за деца добиваат или исто или помалку финансиски средства од кој било роман или збирка поезија за возрасни, а зборуваме за реномирани автори и во едната и во другата област.

Тоа е буквално немање никаква стратегија како да се финансираат тие детски производи. Тоа е за издаваштво. Да не зборуваме за телевизиски, за анимирани серии. Еве проектот „Биби“ е самоодржлив во моментов. Генерации, генерации деца растат без едукативен производ на македонски јазик. „Биби“ беше првиот анимиран филм, анимирана сериичка на македонски јазик и поради тоа е успехот толкав. Тоа беше прв пат на Јутуб да се најде бесплатна содржина на македонски. Дотогаш децата гледаа на англиски, гледаа на српски, на кој било, само не на нашиот јазик. На страна сите овие работи.

Образованието ни е на најниска можна точка. Ние немаме никаква стратегија и за тоа. Ајде што не се направени програмите. Ајде што ништо не се знае за лектирите, бидејќи секоја година се менува програмата. Нема финална програма којашто би била на македонски јазик во основно образование и затоа лектирите ќе се менуваат секоја година сè додека не се финализира таа. Е, сега дел од нив се сменија, тоа е точно, но поголемиот дел од нив децата не сакаат да ги читаат. Не го разбираат јазикот на којшто се напишани. Или преводите се лоши. Дури некои од нив не се лекторирани. Темите се толку многу застарени што тие буквално не можат да се пронајдат во таа книга и да се идентификуваат. И милион такви работи коишто никој од нас не ги мисли. И не мисли дека децата ни растат без да се описменат.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG