„Власта не дава предвремени избори и не прифаќа уцени, премиерот Димитар Ковачевски категоричен дека редовните ќе се одржат во регуларниот термин во 2024 година – опозицијата обвинува за партизација на Владата“, пишува во информацијата на РСЕ како сублимат на препукувањата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дали опозицискиот протест бил успешен или дебакл според бројот на посетители и колку пари биле потрошени за него.
Илија Колев кратко коментира: „Страв лозје чува“, а Бранко Трајчевски смета: „Проблемот не е во уцена, проблемот е во нелегитимноста на оној што се жали дека е уценет!?“
Во врска со тврдењето на премиерот Ковачевски по средбата со коалициските партнери дека коалицијата е стабилна, Ружа Малиновска со мислење: „Коалицијата е стабилна во крадењето и уништувањето на Македонија“, а Панде Спасов напишал: „Народот ќе одлучи дали ќе има или ќе нема предвремени избори“. На протестниот митинг првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го отфрли францускиот предлог, кој инаку сè уште не официјализиран од страна на сите членки на ЕУ, и актуелната власт ја нарече „разуздана, криминална и предавничка“ и побара „избори за спас на Македонија“. Потпишан со Рамбо Давид бара „не само пораз на СДСМ, туку и на ДУИ, доста е од нив“, но Трајче Мојсов со помнење па ги потсетува опозиционерите: „Ве видовме и вас, бетер сте, што понудивте кога и вие бевте на власт, криминал и арамилак, што сте подобри“. Анна Јакимова смета: „Мицкоски треба да понуди нешто повеќе од барање да дојде на власт по секоја цена. И да покаже зрелост и одговорност, а не да подрива влада постојано само со една единствена цел: тој да владее. Нема ниту програма ниту решение за кој било проблем“. Едо Лисичани коментирал: „Доста беше ВМРО, и никогаш више на власт“. Блажо Хогар Страшниот со прашање до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ: „Абе Мицко, кога ќе се ослободиш од Милошоски и другата оставштина од Грујо и Мијалков?“ РСЕ, вообичаено, прави директен пренос на митинзите и собирите, без разлика дали ги организира опозицијата или некоја партија од власта. Верица Јаковчевска со поддршка за протестниот собир: „Само напред, долу влада проклета, нè изедоа со давачки“, а Игор Саздов со порака: „Многу филозофии, народот бара конкретни решенија за енергетсјата криза, инфлацијата...“. Љубчо Данилов смета дека говорот на Мицкоски е слаб и потсетува: „Љубчо и Грујо многу громогласно држеа говори на митинзи и беа лидеришта, а ти си слаб, ѝ треба друг лидер на Партијата“.
Војната во Украина продолжува да го задржува вниманието на нашите читатели на веб страницата, па коментираат на ФБ.
Генсекот на НАТО Столтенберг предупеди дека војната во Украина може да трае со години и побара снабдување со најмодерно оружје за Киев, дури и ако „трошоците се високи“. Трајковски Далибор коменрирал дека „цел свет ја плаќа војната за гордоста на НАТО...“, а Димитар Митровски го потсетува: „Цел свет не гледа така на ова. Во Македонија и Србија луѓето мислат дека е крив Зеленски... Во појќето западни земји луѓето сметаат дека Путин е крив и мислат дека војната треба да застани за да не се прошири низ други земји. И единствен начин за тоа е да се донира оружје и помош на Украина“. Сали Зекир со реторичко прашање: „Луѓе, дали Русија се бори против Украина или против Америка, НАТО или Европа?“ Горан Блажевски смета дека „целава работа ја подбуцнаа НАТО и Европа“, но Благица Имлер му реплицира: „Војната е против Европа и НАТО“. Блажо Хогар Страшниот и овде со коментар: „Овие двајца погоре си направија муабет и ја решија војната. Све експерти до еден. Уста ги болела“. Ружди Нурединовски коментирал: „Некој што се богати од интерес за војни сигурно не поклонува оружје. А кој го плаќат, кој ако не ние, народот, со зголемени даноци, зголемени цени на артиклите...“