Достапни линкови

Русија подготвува „референдум“ во окупираната јужна Украина


Руските сили го окупираа украинскиот град Херсон од почетокот на март. (фотографија од датотека)
Руските сили го окупираа украинскиот град Херсон од почетокот на март. (фотографија од датотека)

Руските сили кои ја контролираат територијата на југот на Украина ги оживуваат дискусиите за одржување референдум за интегрирање на окупираните области во Русија. Алексеј Александров

Руските сили кои ја контролираат територијата на југот на Украина продолжуваат со плановите за одржување референдум за интегрирање на окупираните области во Русија, изјави градоначалникот на јужниот град Херсон.

Ихор Колихаев, кој продолжува со секојдневната работа во градот и покрај напорите на окупаторските сили да назначат свој градоначалник, вели дека неодамна се одржал состанок во градот каде што руските претставници и локалните администратори, назначени од нив, разговарале кога да одржат гласање за тоа дали регионот ќе ѝ се приклучи на Русија.

Самопрогласената Република Доњецк размислува за приклучување кон Русија

„Не бев на овој состанок, но повеќе од 70 луѓе беа собрани во административната зграда. Разбрав дека фокусот на состанокот било прашањето за референдум и кога да се одржи“, изјави Колихаев за Current Time, каналот на руски јазик кој го води РСЕ во соработка со Гласот на Америка.

градоначалникот на Херсон Ихор Колихаев,
градоначалникот на Херсон Ихор Колихаев,

Тој вели дека сè уште не била донесена одлука, но станало збор или за септември или за кон крајот на годината.

Обновен притисок

Извештаите дека Москва ги спроведува плановите за одржување референдум за отсекување на делови од областите Запорожје и Херсон под контрола на Русија најпрво се појавија во пролетта, но исчезнаа по контранападите на украинските сили.

Зошто руската војска сè уште има придобивки во Украина

Се чини дека тие планови повторно добиваат на интензитет, при што руските пратеници ја поддржуваат идејата за нов федерален округ во Русија, кој ќе ги опфаќа украинските административни региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје.

„Приемот на Херсонската област во Русија ќе биде целосен, слично на Крим [во 2014 година]“, изјави членот на Државната дума Игор Кастјукевич на 7 јуни, по посетата на градот на Сергеј Кириенко, заменик началникот на кабинетот на руската претседателска администрација.

Украинското воено разузнавање, исто така, соопшти дека Русија ги терала украинските училишта да се префрлат на руската образовна програма и делела руски СИМ-картички за поврзување на украинските мобилни телефони со руската мрежа.

Руските сили, исто така, почнале да им делат пасоши на некои луѓе во окупирана Украина, нешто на што Колихаев изјави дека бил сведок.

Тој вели дека, иако е јасно дека има обновен притисок за да се смислат планови за референдум, неизвесната временска рамка е показател за продолжување на борбите, кои ги оставија руските сили само во делумна контрола на пошироката област.

„Станува збор за комплициран процес и веројатно затоа тие го одложуваат таканаречениот референдум за септември или дури за крајот на годината“, изјави Колихаев.

Јужен фронт

Иван Федоров, градоначалникот на Мелитопол во украинската област Запорожје, кој беше киднапиран од руските сили во почетокот на војната, а подоцна ослободен како дел од размената на затвореници, вели дека слични разговори за референдум биле во тек меѓу локалните власти назначени од Русија во градот, но оти несигурноста предизвикана од континуираните борби го кочат договорот за точен датум.

„Проблемот број еден е што регионот Запорожје не е целосно окупиран од нив. Одредени области се заземени, но ова не е доволно да се каже дека Запорожје ќе биде дел од некој вид руски округ“, вели Федоров.

градоначалникот на Мелитопол Иван Федеров
градоначалникот на Мелитопол Иван Федеров

Украинските одбранбени претставници на 10 јуни рекоа дека руските трупи ја зајакнуваат одбраната откако започнаа успешен контранапад околу Херсон и вратија дел од територијата што претходно ја изгубија во таа јужна област.

Институтот за проучување на војната, тинк-тенк со седиште во Вашингтон, неодамна соопшти дека Москва ги засилува своите операции во делови од Херсонската област.

Исто така, има извештаи за украински партизани кои извршиле некои напади на југот окупиран од Русија, при што на 7 јуни било бомбардирано кафуле блиску до седиштето на новата локална влада во Херсон, поддржана од Русија.

Украинско разузнавање- Путин се обидува да ја подели Украина како Северна и Јужна Кореја

Најмалку четири лица биле повредени, а руските власти ја опишаа експлозијата како „терористички напад“ на територијата во Украина, која е под контрола на Русија.

Претставник на украинската војска изјави дека кафулето го посетувале руски лидери во Херсон.

Украинската јужна оперативна команда, исто така, тврди дека руските војници имаат наредба да пукаат во цивили и да уништат возила на контролните пунктови под сомнение дека се дел од организираниот украински отпор.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG