Нема индиции дека ракетниот напад врз полската територија е намерен напад од Русија и дека нема индиции ни дека Русија планира напади врз земјите членки на НАТО, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг. Ова го изјави по состанокот во седиштето во Бисел на амбасадорите на НАТО по барање на членката на Алијансата, Полска, а со него претседаваше генералниот секретар Јенс Столтенберг.
Тој изјави дека истрагата се уште трае но дека нивните прелиминарни воени анализи покажуваат дека инциденнтот најверојатно настанал кога укриански воздушен проектил бил истрелан од украинска територија за да пресретне руски проектил, со цел одбрана.
„Но да бидам јасен, ова не е вина на Украина. Русија ја сноси крајната одговорност бидејќи ја продолжува својата нелегална војна против Украина“, изјави Столтенберг.
Тој посочи дека на состанокот денеска, НАТО сојузниците изразиле сочуство за трагичните човечки загуби и солидарност кон Полска. Тие ќе продолжат да ја поддржуваат Украина и нејзиното право на одбрана.
„Русија мора да ја прекине оваа бесмислена војна“ вели Столтенберг.
Тој синоќа разговарал со полскиот претседател Анжеј Дуда и американскиот претседател Џо Бајден и се согласиле дека мора да останат мирни и одблиску да соработуваат, како и да ја следат ситуација.
На новинарското прашање каков ќе биде одговорот на ризикот да се повтори ваква ситуација во земјите кои што граничат со Украина, Столтенберг изјави дека Алијансата го зголеми своето присуство со своите трупи во земјите кои што граничат со ризичната зона.
Претходно, полското Министерство за надворешни работи соопшти дека ракета од руско производство паднала врз селото Пжеводов, село во источна Полска на околу шест километри од границата со Украина, убивајќи две лица, по еднодневното масовно руско гранатирање на Украина.
Русија негираше дека нејзините проектили погодиле полска територија, велејќи дека извештаите се „намерна провокација“ за ескалација на ситуацијата.
Руското Министерство за одбрана на 16 ноември соопшти дека нејзините напади врз Украина претходниот ден биле на не поблиску од 35 километри од полската граница, пренесува новинската агенција РИА.
Бајден на 16 ноември рече дека е „малку веројатно“ проектилот да бил истрелан од Русија.
„Не сакам дефинитивно да кажам додека не заврши целосна истрага. Но, поради траекторијата на проектилите малку веројатно е дека се истрелани од Русија. Сепак ќе видиме што ќе донесе истрагата. Иако првичните информации зборуваа дека Русија е поврзана, прелиминарните истражувања го оспоруваат тоа тврдење“, истакна американскиот претседател Џо Бајден за CNN.
Говорејќи по свикувањето вонредни разговори со лидерите на западните сојузници во Индонезија на маргините на самитот на Г20, Бајден вети поддршка за истрагата на Полска за, како што ја нарече, ракета „произведена од Русија“.
Состанокот во Брисел се одржува врз основа на членот 4 на алијансата според кој членките можат да покренат кое било прашање загрижувачко кога која било членка на НАТО чувствува дека се загрозени нејзиниот „територијален интегритет, политичка независност или безбедност“.
Бајден истакна дека истрагите за инцидентот се уште се во тек, но рече дека постои „тотално едногласност“ меѓу светските лидери во поддршката на Полска во нејзините напори да ја утврди околноста на инцидентот.
Украина тврдеше - руски се ракетите што ја погодија Полска
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руски ракети ја погодиле Полска во „значителна ескалација“ на конфликтот. Тој не достави докази за вмешаноста на Русија.
Полскиот претседател Анджеј Дуда претходно им изјави на новинарите дека „најверојатно станува збор за проектил од руско производство“, но нема конкретни докази за тоа кој ја истрелал, а инцидентот бил еднократен.
Бајден телефонски разговарал со Дуда, нудејќи „целосна поддршка и помош на САД за истрагата на Полска“, соопшти Белата куќа.
Лидери на земјите членки на НАТО изразија солидарност со Полска.
Полска е заштитена со посветеноста на НАТО за колективна одбрана, содржана во член 5 од нејзиниот основачки договор, но одговорот на алијансата најверојатно ќе биде под големо влијание од тоа дали инцидентот бил случаен или намерен.
Амбасадорот на Русија во Полска е повикан да даде „веднаш детални објаснувања“, а војската е ставена во зголемена готовност по вонредниот состанок на Советот за национална безбедност, соопштија полските власти.
„Донесена е одлука да се подигне состојбата на готовност на некои борбени единици и други униформирани служби“, изјави владиниот портпарол Пјотр Мулер за новинарите по состанокот во Варшава, додавајќи дека „нашите служби се на терен во моментот и разработуваат што се случило.
Инцидентот се случи кога Русија го изврши еден од најтешките ракетни напади од почетокот на војната на локации низ Украина, чија цел беше да ја онеспособи енергетската инфраструктура на земјата. Украинските власти соопштија дека во нападите биле истрелани повеќе од 90 проектили.