Шест лица загинаа, а 81 се повредени во експлозија која одекна попладнево во пешачка зона во центарот на Истанбул.
Потпретседателот на Турција Фуат Октај и министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу го посетија местото на експлозијата. Октај рече дека бројот на повредени пораснал на 81 и наведе дека ситуацијата со експлозијата „многу брзо ќе биде решена“.
Експлозијата одекна нешто по 16 часот по локално време, кога улицата Истиклал е полна со луѓе. Се работи за популарна улица меѓу туристите и локалното население, затоа што полна со дуќани и кафеани.
Полицијата отвори истрага.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во денешното телевизиско обраќање ја оцени експлозијата како „подмолен напад“ за кој одговорните ќе бидат казнети.
„Би било погрешно да се каже дека ова е несомнено терористички напад, но почетниот развој на настаните и разузнавачките сознанија се дека ‘смрди’ на тероризам“, рече Ердоган.
Тој додаде дека, според првичните информации, била „вмешана една жена“, не наведувајќи други детали.
Почетно беше соопштено дека има 4 загинати и 38 повредени.
Турските медиуми објавија снимки од моментот на експлозијата на кои се гледа како луѓе бегаат, како и возила на итна помош и полиција.
Полицијата ги блокираше влезовите и излезите од Булеварот Истиклал, а населението се евакуира од блиските улици, наведоа очевидци.
„Одеднаш се зачу силна експлозија. Луѓето трчаа во паника. Буката беше огромна. Имаше црн чад“, рече 57-годишниот Кемал Денизци за АФП.
После првите извештаи на медиумите, турската агенција за надзор на медиумите воведе привремена забрана за известување за експлозијата, потег кој ги спречува медиумите да пренесуваат видеоснимки од моментот на експлозијата или од нејзините последици.
Таа агенција и во минатото воведуваше слични забрана после напади, несреќи, но и некои политички настани.
Турција беше мета на бомбашки напади меѓу 2015 и 2017 година од џихадисти од Исламската држава и од забранетите курдски организации.
Ниту еден македонски државјанин не побарал помош од МНР по експлозијата во Истанбул
Досега не се пријавени наши државјани кои побарале помош по експлозијата во Истанбул, информира Министерството за надворешни работи (МНР).
„Министерството за надворешни работи со крајно загриженост ја следи ситуацијата по последната трагична експлозија во Истанбул и во вонредна функција се ставени Генералниот конзулат во Истанбул како и Амбасадата во Анкара. При евентуална потреба за помош нашите државјани може да нѐ контактираат на дежурните телефонски броеви: +905456149777 во Истанбул и +38975273732 во Скопје, велат од МНР.
Сочувство од премиерот Ковачевски за загинатите во експлозијата во Истанбул
Премиерот Димитар Ковачевски упати сочувство до турскиот народ за загинатите во денешната експлозија во Истанбул.
„Упатувам длабоко сочувство до братскиот турски народ, до семејствата на загинатите, до градоначалникот на Истанбул и до турскиот претседател по денешната експлозија во срцето на Истанбул“, напиша Ковачевски на Твитер.