Достапни линкови

Собранието чека одговори од Димовски за контроверзниот Украинец


Олександр Онишченко - поранешен украински пратеник. Киев 29-ти јуни 2016
Олександр Онишченко - поранешен украински пратеник. Киев 29-ти јуни 2016

Дали потфрлила Агенцијата за национална безбедност во проверка на Украинецот Олександр Онишченко, кој добил македонски пасош и покрај тоа што е на црната листа на САД, ќе се знае за два дена. По втор пат земјава се соочува со скандал на издавање пасоши на „непогодни“ личности.

Зошто украинецот Олександар Онишченко добил македонско државјанство и покрај тоа што неговото име е на црната листа на САД, одговор во среда на собраниската Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) ќе треба да даде првиот човек на институцијата Виктор Димовски.

Порталот Призма во петокот објави дека Владата на крајот на мај годинава му дала македонско државјанство на Онишченко, кој е поранешен пратеник во украинското Собрание, а по него има распишана потерница и е осомничен за перење пари. АНБ и покрај сето ова дала позитивно мислење Онишченко да добие македонско државјанство.

„Директорот Димовски да ни објасни како е можно секој втор белосветски хохштаплер и криминалец да има македонски пасош и државјанство“, напиша на својот Фејсбук профил претседателот на собраниската Комисија, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов.

Ќе го загуби ли Димовски амбасадорското место?

Директорот на АНБ, Димовски досега воопшто не се огласи за случајот со Онишченко. Димовски пред Собранието, во Комисијата за надворешна политика, наместо да ја образложува неговата кандидатура за амбасадор во француската престолнина Париз, сега ќе мора да ја објасни улогата на АНБ во безбедносната проверка на лицето Онишченко.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Министерството за надворешни работи кое го предложи Димовски за амбасадор по скандалите во АНБ, мора да ја преиспита одлуката и истата да биде повлечена.

„Доколку МНР не ја повлече одлуката за номинирање на се уште актуелниот директор на АНБ за амбасадор во Франција, на потег ќе биде претседателот Пендаровски“, соопштија од опозициската партија.

И премиерот Димитар Ковачевски за расчистување на дилемите во случајот Онишчеко изјави дека очекува извештај од сите четири институции кои дале позитивно мислење за издавање државјанство. Одговори за улогата на едната од нив, Агенцијата за национална безбедност и како тоа ќе влијае на амбасадорската кандидатура на Димовски, рече дека најдобро би било одговор да се даде исто така во Собранието, но во Комисијата за надворешни работи во Парламентот.

„Комисијата ја води опозицијата. Значи уште потранспарентно и подобро. Го повикувам претседателот на комисијата за надворешни работи да свика комисија каде што директорот на АНБ и предлог за амбасадор во Франција ќе може да ги даде одговорите на сите прашања кои ќе му бидат поставени“, рече премиерот на денешната прес-конференција во Владата.

Префрлање на топката

Ковачевски и денеска го повтори ставот, кој притоа и самиот потврди дека е идентичен со оној на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, дека Владата ја донела одлуката врз основа на мислењата на четири надлежни институции.

Иницијативата да му се даде македонско државјанство на 53-годишниот Украинец, Онишченко кој инаку има и руски пасош, дошла од македонската Федерација за коњички спортови. Позитивно мислење дал и Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт. Онишченко сега е македонски репрезентативец во коњички скокови.

Во однос на тоа како е дојдено до тие позитивни мислења, премиерот информира дека побарал од дел од институциите да достават извештај за да види Владата како е спроведена процедурата. Притоа Ковачевски се правдаше дека секој министер и премиерот не можат да ги знаат процедурите во детали во скеоја институција.

„Јас очекувам таков извештај да биде доставен до Владата за да може да видиме на кој начин биле изготвени тие мислења“, рече Ковачевски.

Спасовски наведе дека три институции, Агенцијата за национална безбедност, Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт биле надлежни и доволни да се прифати барањето за државјанство.

„На крајот се носи на Влада, Владата има дискрециско право да даде или да одбие државјанство на кој било, којшто аплицирал во овој дел. Сите проверки кои што се од сите четири институции се позитивни“, изјави Спасовски.

Владата без расправа на седницата во мај му доделила државјанство на Онишченко.

Кој е Онишченко?

Она што останува нејасно за јавноста е како ниту една од овие институции не проверила барем на Интернет кој е украинскиот репрезентативец со руски пасош, каде што има бројни информации за него.

Оничшенко станал пратеник во Украина во 2012 година, како дел од „Партијата на регионите“ на поранешниот проруски претседател Виктор Јанукович. По промената на власта во 2014 година, тој станува бизнис-партнер со новиот претседател Петро Порошенко сѐ до 2016 година, кога украинската Антикорупциска комисија отвора предмет против него.

Тој, како заменик-претседател на комисијата за енергенси на Врховната рада, е осомничен дека направил шема за користење на државните средства за набавка на гас во која биле инволвирани голем број лица, меѓу кои и неговата 72-годишна мајка. Осомничен е дека преку државната компанија за производство и дистрибуција на гас „Нафтогаз“ бил оштетен буџетот за над 100 милиони евра.

Тогаш украинското собрание му го одзема пратеничкиот имунитет, а Онишченко му станува најголем непријател на Порошенко. Онишченко избегал, прво во Велика Британија, а потоа во Шпанија, од каде што требало да биде екстрадиран во Украина. Од Шпанија заминал во Германија, но тие одлучиле да не го екстрадираат. Германскиот суд ја укинува потерницата по него и тој е ослободен, меѓутоа Украина сѐ уште го бара.

Во јануари 2021 година, САД воведуваат санкции против него поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори што се одржаа претходната 2020 година“.

Повторно скандал со издавање пасоши

И минатата година земјава ја тресеше сличен скандал за издавање на пасоши, но со лажен идентитет на 214 странски државјани, од кои многумина и познати криминалци. Во аферата наречена „Двојник“, обвинетите, вработени во МВР добија од условни казни до 3 години затвор, како и забрана за вршење дејност и должност од десет години.

ВМРО-ДПМНЕ тогаш случајот го нарече „Мафија" и тврдеше дека цела јавност знае дека не може обични полициски службеници да фалсификуваат патни исправи.

Од опозициската партија притоа набројаа неколку имиња, на како што соопштија, познати криминалци од регионот- Турчинот Седат Пекер, Албанецот Флорјан Мусај, Црногорците Стефан Џукиќ и Јован Вукотиќ, потоа Валид Иса Хмаис за кој тврдат дека е главен соработник на италијанската мафија.

Од споменатите се огласи само турскиот државјанин Седат Пекер кој преку адвокати демантираше дека поседува македонски пасош со негова фотографија, но со туѓ идентитет и побара јавно извинување од медиумите.

Иако беше најавено дека истрагата ќе биде проширена за да се види кој бил вмешан во случајот од повисоката хиерархија на МВР новости нема до денес.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG