Со 200 илјади кинески вакцини „Синофарм“ кои пристигнаа денеска се очекува да стартува имунизацијата на населението и во вакциналните пунктови во шест градови во државата. Вакциналните пунктови во Тетово, Куманово, Штип, Кавадарци, Битола и Охрид, согласно најавите, ќе започнат да функционираат по празникот.
Вакцините беа набавени во директни преговори со производителот од Кина. Тие во Скопје пристигнаа со специјални камиони од Белград. Пред поликлиникаа „Јане Сандански“ во Аеродром беа пречекани од министерот за здравство, Венко Филипче и амбасадорот на Народна Република Кина во нашата земја, Џанг Ѕуо.
Филипче рече дека овие вакцини коишто се веќе пакувани во шприцеви и игли и спремни за апликација ќе бидат распределни во сите вакцинални пунктови согласно бројот на пријавени граѓани според возраста. Вакцинација, како што најави, ќе почне во вторник, пунктовите се спремни и бројката на граѓани која ќе се вакцинира дневно ќе биде помеѓу 10 до 15 илјади.
„Акцент ќе се стави на граѓаните кои веќе се пријавени и кои веќе чекаат и според возраста и според приоритетот на пријавување, односно оние кои први се пријавиле и веќе чекаат да бидат повикани. Ако досега не биле повикани ќе бидат според возраста. И тоа ќе се одвива насекаде во државата“, рече Филипче.
Амбасадорот Ѕуо рече дека испораката на вакцините не е само знак на солидарност, туку со нив се отвора ново поглавје во односите меѓу двата народа. Според амбасадорот, соработката во вакцинација е важен чекор во спречување, контролирање и справување со пандемијата.
„Кина наоѓа начини да им помогне на земјите кои имаат потреба меѓу кои и Северна Македонија и со тоа ги штити животите на граѓаните и нивното здравје во сите земји. Додека пандемијата се уште трае и во услови на вакциналниот национализам, ние работиме да го премостиме јазот во имунизацијата. Драго ние што кинеските вакцини може да придонесат за вакцинација на народот во Северна Македонија. Поддршката од сите земји е потребна за вакцинацијата во оваа држава. Кина сака да ја ја зајакне соработката со Северна Македонија во борбата против пандемијата и заеднички да го промовира економското опоравување со цел да се оствари бенефит за двата народи“, рече тој.
Филипче додаде дека има капацитети да се сместат и кинеските вакцини и оние од „Фајзер“ во сите пунктови. Тој порача дека сите вакцини се безбедни.
„Меѓутоа мислам дека нема потреба да се става акцент на тоа да се бира вакцина. Сите се со еднаков квалитет. Нема никаква контраиндикација. Каква вакцина има во пунктот во тие часови кога е предвидено да се вакцинираат граѓаните може комотно да ја примат без да бидат загрижени и да размислуваат дали има предност да се вакцинираат со една или друга вакцина“, рече Филипче.
Филипче додаде дека верува оти до почетокот на летото висок процент на населението ќе биде вакцинирано што ќе придонесе за промена на сликата на пандемијата во земјата. Овој месец, според него, се очекува да стигнат околу 500 илјади дози на кинеската вакцина „Синовак“. Потоа уште 100 илјади дози „Синофарм“ кои ќе бидат донација од Кина, како и 26 илјади дози „Фајзер“. Филипче наведе дека се уште нема точен термин колкава количина и кога ќе стигнат руските вакцини, а станува понеизвесно за вакцината „Астразенека“ поради случувањата во Индија каде пандемијатаа зема голем замав.
Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат треба да се пријават на официјалниот сајт и ќе добијат мејл или смс порака и потоа ќе бидат распределни за вакцинација.
Вакцинацијата започна на 17 февруари со здравствените работници кои работат во модуларната болница на Инфективната клиника. Досега се вакцинираа 60 илјади граѓани. Најпрвин здравствените работници, потоа повозрасните над 70 години и лицата од државната критична инфраструктура. Заинтересираност за вакцинација на официјалната веб страна за пријавување искажале над 200 илјади граѓани.