Достапни линкови

Солидарноста во Битола на дело - се дарува крвна плазма за болните од ковид-19


Илустрација
Илустрација

Секоја среда од раните утрински часови битолчаните кои прележале коронавирус чекаат ред за да ја отпочнат процедурата и да ги направат потребните анализи, со кои ќе се утврди дали можат да бидат дарители на крвна плазма.

Голема солидарност покажаа битолчани кои веќе прележаа коронавирус дарувајќи ковалесцентна плазма за другите болни на кои здравствената состојба им е влошена за време на третиот бран со ковид-19 кога Битола, од градовите во внатрешноста, неколку недели со ред имаше највисока бројка на новозаболени. Секоја среда од раните утрински часови чекаат ред за да ја отпочнат процедурата и да ги направат потребните анализи, со кои ќе се утврди дали можат да бидат дарители.

„Апел до сите кои прележаа коронавирус да даруваат крв, да спасат нечиј живот.“

„Тука сме да помогнеме колку што можеме.“

„Како крводарител уште пет пати имам дарувано крв, а сега должност ми е да помогнам за оние кои се борат со болеста. Лоши времиња се, па да помогнеме.“

„Прележав коронавирус и сега дојдов да проверам колку имам антитела, доколку има потреба на некој би му подарила крвна плазма“, велат битолчани кои чекаат ред да испитаат дали може да донираат крвна плазма.

Од Службата за трансфузиологија потврдуваат дека со недели е голем интересот кај битолчани да даруваат ковалесцентна плазма, а и од ковид-центарот се големи побарувањата. Организирани се неколку тимови за да им излезат во пресрет на дарителите да ги направат потребните анализи.

Ковалесцентната плазма е богата со антитела и кога таа се дава на пациент кој што боледува од ковид 19, се врзува за вирусот и го неутрализираат целосно или делумно неговото дејство. Досега крвна плазма примиле неколку десетици пациенти од ковид центарот во Битола.

„Таа плазма ја даваме на болните кои се хоспитализирани во нашата болница. Досега сме дале кај повеќе пациенти и искуствата се позитивни. По примената ковалесцентна плазма самиот пациент кажува дека многу подобро се чувствува, има подобрување на клиничката слика, секако со онаа терапија што колегите ја даваат во ковид центарот“, вели доктор Златка Стојановска, раководител на Служба за трансфузиона медицина Битола.

Од таму потенцираат дека крвната плазма помага при болеста, но не е лек. Важно е да се даде на почетокот на болеста. Плазма може да даруваат лица кои прележале ковид-19, поранешни заболени кои се вакцинирале, но не и лица кои примиле само вакцина.

Службата за трансфузиологија е регионален центар и дарители има и од други градови. Оваа служба дава крв и крвна плазма за осум болници во државата.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG