Достапни линкови

Скопје се полни, општините се празнат


Куќи во градот Велес
Куќи во градот Велес

Иако во државата постои закон за рамномерен регионален развој, реалноста е дека се е концентрирано во главниот град и дека општините постојано се празнат, велат упатените. Младите заминуваат во главниот град, а локалните татковци бараат повеќе пари за да ги задржат во локалните единици

Александар Варела од Гевгелија е еден од многуте млади луѓе кои решиле својата иднина да ја живеат во главниот град. По вокација е адвокат и вели дека за разлика од Гевгелија, главниот град нуди повеќе предности за неговата професија.

“Скопје има повеќе шанси за успех, тука на пример, има поголем број на клиенти. Иако има околу 1500 адвокати во Скопје, квантитетот на луѓе доведува до тоа да имаш поголем број на клиенти, да имаш предмети во поголемите судови и можност да научиш од повеќе луѓе”, вели Варела.

Сепак истакнува дека и малиот град има свои предности, но дека нѐ секоја професија е погодна за професионален напредок во мали општини како Гевгелија.

“Стварната надлежност на гевгелискиот суд е намалена, сега стопанските предмети кои опфаќаат над три милиони денари се префрлени во други судови, па тоа значи дека за конкретен предмет треба да се патува до судот во Велес, а од друга страна и патните трошоци ни се намалени. Ние можеме да работиме секаде, но има разлика поради “стварната надлежност”. Гевгелија е добра за да работите во царина, шпедиција, транспорт и слично, но не и за адвокатура,” вели Варела.

Иако во државата постои закон за рамномерен регионален развој, кој треба да овозможи рамноправни услови за живот и работа во сите општини, реалноста е многу поразлична, а тоа е дека се е концентрирано во главниот град и дека општините постојано се празнат, вели градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

“Најголем дел од финансиите се сконцентрирани во Скопје и неколку скопски општини кои имаат над 40 проценти повеќе приходи и расходи во споредба со националниот просек. Тоа не е добро и во наредниот период тоа треба да се промени. За жал и со ова сега што ни се случува со концентрирање на странските инвестиции главно во индустриските зони “Бунарџик 1” и “Бунарџик 2”, ние уште повеќе создаваме претпоставки младите и другите граѓани од земјава да се апсорбираат во Скопје, наместо да ги поттикнуваме странските инвеститори да инвестираат со квалитетни индустриски зони и во други градови, а не само во Скопје”, вели велешкиот градоначалник Коцевски.

Најголемата причина поради која не можеме да ја спречиме внатрешната миграција кон метрополата се парите, вели гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари. Во текот на минатата година од државната каса во Гостивар биле префрлени само 35 000 евра кои биле искористени за отворање на фитнес центар, вели Таравари.

“Доколку децентрализацијата би била добра и парите од буџетот би се поделиле или би се вратиле во општините, би имале подобар развој на општините, а доброцелната децентрализација значи дека економскиот развој на градовите би зависел од локалната власт. Тогаш би се отвориле нови работни места, нови инвестиции итн. Меѓутоа ние како општини и да имаме фантастични идеи, повторно зависиме од парите на владата”, заклучува гостиварскиот градоначалник Таравари.

Во недостиг на финансиски средства поголемиот дел од општините во државата се финансираат од донации, најчесто од странски организации.

“Ако денеска во Гостивар дојдат Фолксваген или Мерцедес и сакаат да инвестираат кај нас, јас треба да ги пратам кај премиерот или министрите. Значи има повеќе инвеститори кои дошле од Турција, од Албанија и од Бугарија, коишто сакаат нешто да отворат во Гостивар и ние не можеме ништо, врзани ни се рацете. Ние сме со еден збор - обезвластена локална власт”, изјави Таравари.

Коцевски пак посочува дека локалните власти мора да работат на подобрување на бизнис климата со цел да привлечат нови инвестиции, а тие пак да отворат нови работни места.

“Велес во рамките на своите финансиски можности се труди да издвои средства од својот буџет за да градат инфраструктура во постоечките индустриски зони или да изградат нови, но морам да потенцирам дека општината нема доволно пари за да направи квалитетна инфраструктура во индустриските зони затоа што тоа чини многу пари. Други области во кои општините може да инвестираат за да ги попишманат своите сограѓани да не заминуваат во Скопје, се секако културата, спортот, квалитетно образование, преквалификација, доквалификација на кадар и сл. за да можат побрзо да дојдат до работно место во родниот крај”, вели Коцевски.

Според локалните татковци добар пример за децентрализација е словенечкиот модел, каде што Љубљана како главен град остана со 200 илјади жители, а за сметка на тоа другите помали градови во Словенија се добро развиени урбани центри. Кај нас некои работи се веќе неповратно изгубени, велат упатените додавајќи дека за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, децентрализацијата десеттина години била заборавена тема, но состојбата не се променила многу и за време на мандатот на актуелната влада.

Во меѓувреме владата најави дека со директна финансиска помош од Европската Унија ќе се подобрува локалниот и регионалниот развој во земјава. Во пресрет на преговорите за членство, со парите од европските фондови, Владата ќе ја подобрува работата на општините, чии услуги треба да ги задоволуваат европските стандарди. Вкупниот буџет на проектот е планиран на седум милиони евра, од кои шест се обезбедени од ИПА инструментот. Од вкупната финансиска помош од ЕУ во Македонија, 37 отсто оди токму во општините, а парите се насочени за потребните реформи на локално ниво.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG