Достапни линкови

Децентрализацијата напредува бавно


Градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски.
Градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски.

Во Македонија се уште нема целосна децентрализација, но е важен напредокот што досега е постигнат, велат градоначалниците.

Процесот на децентрализација во Македонија сè уште се соочува со проблеми, вели првиот човек на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски. Според него, електронското одобрение за градба и останатите е-сервиси што ги дава ЗЕЛС биле едни од главните достигнувања.

И понатаму останува да се бориме за појака децентрализација, за повеќе финансиски средства, повеќе надлежности, усогласување на законските прописи согласно потребите и она што општините го чувствуваат како проблем.
Коце Трајановски, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје.

„Сигурно дека имаме уште многу проблеми кои треба да се решаваат бидејки ова е процес. Многу е важен напредокот кој го има. И понатаму останува да се бориме за појака децентрализација, за повеќе финансиски средства, повеќе надлежности, усогласување на законските прописи согласно потребите и она што општините го чувствуваат како проблем“, рече Трајановски.

За заменик министерот за локална самоуправа Љупчо Пренџов, Македонија била високо децентрализирана држава, а финансискиот дел на општините се зголемувал од година во година.

„Во 2005 година, општините оствариле вкупен приход од 5,9 милијарди денари, а во 2013 година вкупниот приход на општините во Македонија е 28,3 милијарди денари, што значи дека е за пет пати зголемен. Исто така и учеството на општините во вкупниот БДП е зголемен неколку пати, како и наплатата на даноците е зголемена за три пати“, истакна Пренџов.

Она што значи целосна децентрализација сè уште се нема случено во Македонија, вели градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезоски.

„Полека ги решаваме проблемите околу недостигот на форми и степен на децентрализација. Но, она што значи целосна децентрализација целосно се нема случено во нашата држава кога се општините во прашање. Но, мислам дека сме на добар пат. Полека фискалната децентрализација преоѓа во рамките на општините. Децентрализацијата веќе се чувствува на полето на образованието, на полето на управувањето со градежното земјиште“, вели Стрезоски.

Во неможност сами да се справат со проблемот на мигранти кои секој ден доаѓаат на нивна територија, градоначалникот на Гевгелија, Илија Франгов бара помош од другите општини, но и од ЗЕЛС.

„Во месец септември ако во Гевгелија се подигаат 1900 контејнери, само од пунктот имавме подигања на 790 контејнери. Нашите капацитети треба да работат уште 50 отсто плус за да може да ги задоволиме потребите и на граѓаните и на мигрантите. Ќе имаме дополнителна потреба од обезбедување и на електрична енергија во зимскиот период. Имаме потреба и од дополнителна механизација, градежна механизација, бидејќи треба да се уредува просторот и да се затрупа ѓубрето“, вели Франгов.

За овие проблеми се разговараше на заедничкиот состанок на комитетот на региони на ЕУ и Македонија кој се одржа во Охрид.

XS
SM
MD
LG