Достапни линкови

Рамковниот договор - за вработувања и избори


Конференција посветена на Рамковниот договор во Скопје. Вицепремиерот задолжен за Рамковниот договор, Муса Џафери и Питер Фејт од Институтот за мир.
Конференција посветена на Рамковниот договор во Скопје. Вицепремиерот задолжен за Рамковниот договор, Муса Џафери и Питер Фејт од Институтот за мир.

Се подготвува анализа за спроведувањето на Рамковниот договор. Вицепремиерот задолжен за договорот вели дека меѓуетничките односи се на минимално ниво. Од ОБСЕ велат дека веруваат оти отворениот процес на ревизија на охридскиот договор е добро за почеток.

ОБСЕ, владиниот секретаријат за спроведување на Рамковниот договор и Европскиот институтот за мир од каде доаѓа Питер Фејт, подготвуваат анализа за спроведување на договорот од Охрид, која треба да биде готова во следниве месеци, а ќе ја презентирале на меѓународна конференција што ќе се одржела во декември. На прес-конференција на која беа амбасадорката на ОБСЕ Нина Соумалаинен, американскиот дипломат Фејт и вицепремиерот за рамковен Муса Џафери беше прецизирано дека анализата ќе опфаќа неколку области односно правична застапеност, децентрализација, употреба на јазици, образование, недискриминација и застапеност на помалите етнички заедници.

Како и да е ние сакаме да видиме јасни политики за помирување, рехабилитација и повторна интеграцијата во поделеното оштество за да се изгради мулитиетничка кохезија и модерна европска држава.
Нина Соумалаинен, амбасадорка на ОБСЕ.

„Како и да е ние сакаме да видиме јасни политики за помирување, рехабилитација и повторна интеграцијата во поделеното оштество за да се изгради мулитиетничка кохезија и модерна европска држава. Ова круцијална инеграциска политика се уште има потреба да биде развиена и спроведена и ние веруваме дека отворениот процес на ревизија на охридскиот договор е добро за почеток“, рече Соумалаинен.

Џафери, пак, посочи дека довербата во инстутуциите не е на посакуваното ниво, а етничката соработка е кршлива.

„Меѓуетничките односи се на минимално ниво и треба да постои загриженост затоа што во такви ситуаци тешко се обезбедува стабилност“, рече Џафери.

По настанот пак во неофицијалниот разговор со новинарите беше нагласено дека во Македонија немало единство од политичките партии за Рамковниот договор и, како што велат, која партија ќе вработела повеќе луѓе, таа победувала на избори.

Меѓуетничките односи се на минимално ниво и треба да постои загриженост затоа што во такви ситуаци тешко се обезбедува стабилност.
Муса Џафери, вицепремиер за рамковен договор.

„Зборовите „слободни и фер избори“ изгубиле значење во оваа земја”, беше нагласено на брифингот со новинари. Неофицијално, беше речено дека едната заедница не покажувала доволно посветеност во исполнувањето на договорот, а меѓу Македонците се сметало дека таа партија што ќе го исполни е предавничка.

Инаку вчера на изненадување на партиите кои имаат претставници во работната група која ги спроведува договорите од Пржино присуствуваше и Фејт, кој самиот учествуваше во разговорите со кои се надмина кризата во 2001 година. Четиринаесет години по носењето на Рамковниот тој се уште се споменува како важен за напредокот на земјава, па е опфатен и во договорот постигнат на 2 јуни со кој се надмина актуелната криза. Во точката четири се наведува дека „партиите се согласуваат дека треба да дејствуваат во интерес на сите граѓани, за решавање на критичните предизвици и без преседан со кои се соочува државата, консолидирање на економскиот и демократскиот развој, зајакнување на меѓуетничките односи, да се обезбеди целосно спроведување на Охридскиот Договор“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG