Достапни линкови

Сите коментираат политика, за фрлањето храна ниту збор


Илустрација
Илустрација

Несогласувањата на најголемите политички партии за Законот со кој треба да се реши судбината на СЈО е најкоментирана тема од нашите читатели. Во исто време, нема ниту збор за темата дека во земјава има гладни, а се фрла една третина од храната.

Дека сме затрупани во ѓубре знаеме и гледаме, и ние и странците кои доаѓаат да ја видат Македонија. Шампиони сме и во нешто друго: во фрлањето храна. Додека милиони луѓе гладуваат во светот и во земјава, кај нас се фрла една третина од произведената храна. „Да нема расипништво, храна ќе има за сите“ беше посветена една Тема на неделата на РСЕ, но за жал, по неа нема ниту една, ама баш ниту една реакција.

Затоа, за политичките работи посетителите на нашата ФБ страница „истураат“ постови со коментари. Двете најголеми партии, владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вообичаено се во постојан клинч. Најновата причина е новиот предлог-закон за Јавно обвинителство. СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ со потезите и однесувањето сака да биде контролор на обвинителството, а Елена Ѓурческа кратко напишала: „Нема да биде“, а Менче Ристова вели: „во нашата држава е направена растурена сарма“.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека префрлањето на материјалите од СЈО во Јавното обвинителство е незаконско, а процесот го оцени како „рушење на правната држава со цел Зоран Заев да создаде нова Катица на местото на Катица Јанева“. Ѓорѓе Поп-Кочев напишал дека „ДПМНЕ со ваквите соопштенија ја открива својата намера“, а Здравко Благовец: „И што понатаму, пу-пу не важи, кркајте ги украдените пари - е мало морген, ќе си одговарате, правда мора да има“. Петар Димовски вели: „Сакаа СЈО да нема – еве нема. Сега предметите да не се пренесувале. Ај, ќе прави кој што сака, ќе лапаме тендери и ќе крадеме“.

Сторијата на РСЕ „Растот и падот на СЈО“ е исто така провокација за посетителите на нашата ФБ страница. „Ката велеше ’Ауу, ви се молам, како може мене да ме сменат‘“, коментира Петре Николоски и додава: „Ама, виде, од СДСМ гласаа за разрешување, значи се наполнија пари и сега не им треба“. И Владо Митев со алузии на Јанева и СДСМ: „Кате, како те збутаа овие твоите од СДСМ“. Сашо Јаневски како да знае: „Сега ќе оди во куќен притвор и ќе се заташка, не се секирајте“. Димитар Станковски со неверба во двете партии: „Заедно се двете партии, и ВМРО и СДСМ, си играат со народот“.

За тоа дека Советот на јавни обвинители ќе решава за статусот на обвинителите во СЈО, Марјанчо Ангеловски со подолг коментар: „Едно е сигурно и видливо. Ниту еден политички чинител во РМ не сака да има независна институција за гонење високопрофилна корупција, како што беше духот на СЈО“, па додава дека обвинителите ќе останеле ако се именувал нов СЈО, и завршува со своето мислење дека „Најголемите промотори со чија помош дојде на власт СДСМ - Заев, (покрај 35% од неопределените), сега е најголем промотор за гаснење на институцијата“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG