Достапни линкови

Симовски - Пописот треба да ја регистрира реалноста, а дали ќе се допадне некому не ме интересира


Симовски - Ќе имаме голема црна дупка од иселените од државата
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:04 0:00

Симовски - Ќе имаме голема црна дупка од иселените од државата

Секогаш ќе има незадоволни каков и попис да направите, но статистика не ја прави реалноста, статистика ја регистрира реалноста. Сигурен сум дека на многумина нема да им се бендисуваат резултатите од пописот, ама не ме интересира, вели директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Господине Симовски, како течат подготовките за пописот и дали по скоро 19 години ќе имаме успешно спроведена статистичка операција?

Ќе почнам со одговор на последното прашање. Оваа операција мораме да ја спроведеме како што треба, тоа е многу битно да се потенцира, и тоа од многу аспекти. Прво на оваа држава ѝ требаат, неопходни се, нужни, екстра потребни сите овие информации околу пописот и ние мораме таа обврска да си ја исполниме. Втората работа е она што како институција којашто потфрли во 2011 година и не успеа да спроведе попис, да си го вратиме своето реноме. Да покажеме дека тоа било момент, не е тоа нешто што е пракса во институцијата, дека се враќаме на она да си го задржиме вистинското место кое го заслужуваме во општеството како институција. И на крајот на краиштата да си ги завршиме сите обврски како држава, членка кандидат сме, сакаме да одиме во Европа, имаме обврски, поглавјето статистика е едно од поглавјата, имаме посебно поглавје кое е во првиот кластер, значи важноста на тоа поглавје е исклучително висока, затоа е ставено во тој кластер, а првиот бенчмарк, првиот наш приоритет е да спроведеме попис. Како и да го поставиме прашањето, ние мораме овој попис да го спроведеме и она што е до нас ќе го спроведеме, да течат подготовките и она што е врзано со нашата активност си одат подготовките без никаков проблем соодветно на програмата, на тајмингот којшто ние сме си го поставиле како институција, и тука до сега немаме никаков проблем.

Амандманите на опозицијата не беа прифатени, а ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да ги признае резултатите од пописот доколку не бидат земени предвид нивните забелешки. Како ги коментирате овие најави и според Вас, која е суштината и целта на нивниот предлог да се земаат отпечатоци?

Најновата и најголемата забелешка беше околу тоа земање на отисок од прст на тие што ќе се попишуваат. Прво, по мене, тука имаме четири моменти што се многу битни и поради кои не може да се прифати вакво барање. Прво е правниот момент, значи имаме Закон за правна статистика, имаме Закон за заштита на лични податоци и имаме Закон за полиција, овие три закони даваат можност дали вакво нешто може или не може да се спроведе и сите три закони велат не може. Зошто? Единствената институција овластена да прибира отисок од прст и да го користи е МВР, и тоа еден сегмент од МВР, мислам дека тоа е Управата каде што даваме податоци кога вадиме лични карти и пасоши. А другиот сегмент што може да ги користи, дури овие не можат да го користат и тие се строго класифицирани податоци кој може да ги користи со посебни уредби, одобренија, на лична основа кој може да ги користи. Ние како институција немаме право да ги користиме тие податоци. Ние како институција, согласно Законот за државна статистика и Законот за заштита на лични податоци не смееме да ги дадеме податоците од кое било статистичко истражување на друга институција, значи тие можат да се користат само за статистички цели, јас не можам да ги дадам на МВР проверете ми ги сега овие дали овој отисок е на тоа лице кое што се попишало. И да сакам не можам, тоа е законскиот дел. Втората работа е околу техничкиот дел, ние имаме лица, единици на попис коишто немаат отисок во МВР. Тука се прво лицата кое се надвор од државата, не може да дадат, не може физички да остават отисок. Имаме малолетни деца кои немаат лични документи, не сите деца имаат пасоши, а лични карти може да вадите после 16 години, и трето имаме странци кои се дел од пописот, а немаат отисок во МВР. И сега тука се поставува прашањето дали некои ќе бидат повластени да не остават отисок, а некои дискриминирани да оставаат. И на крајот четвртата компонента е што ние веќе имаме подготвено апликација за попис. Допрва ако вградуваме и отисок, мене ќе ми треба уште најмалку година дена да се работи таа апликација да и тој отисок влезе во шемата на таа апликација, што апсолутно нема шанси да го дозволам.

Како ќе се одвива пописот во услови на пандемија? Стравувате ли дека луѓето нема да ги отвораат вратите од своите домови за пописничарите и дека тоа после нема да даде реални бројки?

Стравувам исклучително многу. Се надевам дека овој тренд којшто го имаме во моментот ќе се задржи. Во овие две недели да ги видиме ефектите од Нова година и Божиќ какви ќе бидат врз движењето на бројката на заболените, меѓутоа не очекувам дека на пролет ќе има раст, бидејќи на крајот на краишта се менуваат временските услови, веќе излегуваме надвор како население, нема да бидеме затворени по домовите. Меѓутоа нашите подготовки се базираат на тоа како беше пред две-три недели, кога го имавме најголемиот пик и кога имавме по илјада и кусур заболени луѓе дневно, значи нашите подготовки ги правиме на таков начин. Сите учесници на пописот ќе ги имаат апсолутно строго, најстрого да ги применуваат мерките коишто ги пропишала Комисијата, ама и уште построго од тоа, значи секој мора да носи маска, да има средство за дезинфекција пред да влезе во домаќинството и откако ќе излезе и секој треба да овозможи услови лицата што се попишуваат да знаат што е запишано за нив, значи се од тоа ќе биде регулирано на начин, со протокол, кој независно од состојбите, ќе го спроведуваме.

Споменавте дека ние веќе имавме еден неуспешен обид за попис во 2011, кога, како што рековте, институцијата потфрли. Очекувате ли оспорување на бројките од одредени политички структури во земјава во зависност од резултатите на пописот?

Јас знам една работа, дека секогаш ќе има незадоволни во државата каков и попис да направите. Значи да дојдат и најреномираните светски стручњаци да спроведат попис, дури како попишувачи да ги собереме од цел свет, пак некој ќе има на кој нема да му се допаѓаа. Лично на мене нема да ми се допаѓаат податоците на пописот, бидејќи јас знам дека ќе имаме голема црна дупка на оние кои се иселиле од државата, но ние не сме ги регистрирале со тековните регистрации, значи далеку ќе бидеме од тоа дека имаме раст на населението или што било, значи јас ќе бидам прв ќе бидам незадоволен од податокот, но тоа не значи дека нема да го прифатам. Треба да погледнеме, да отвориме очи, да си ја прифатиме реалноста каква ни е. Статистика не ја прави реалноста, статистика ја регистрира реалноста, тоа е нашата обврска и тоа мора да го направиме. Сигурен сум дека на многумина нема да им се бендисуваат резултатите од пописот, ама не ме интересира, ама буквално не ме интересира дали некој, а особено на политички субјекти дали им се бендисуваат податоците. Битната работа е да обезбедиме здрава основа за оние што сме тука и оние кои треба да го планираат развојот на оваа држава во позитивна, добра насока да имаат добра основа, тоа мора да го овозможи пописот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG