Достапни линкови

Се гине од импровизации во градежништвото


Изградба на згради во Скопје
Изградба на згради во Скопје

Во спомен на жртвите од разорните земјотреси во Турција и Сирија во државава денеска е ден на жалост. Скопјани се сеќаваат на солидарноста со која Скопје беше повторно изградено, но и со сомнеж гледаат во новите градби за кои градежниците и сеизмолозите не можат да кажат дека сите се безбедни.

Страшните слики од урнатините во земјотресот во Турција и Сирија ги потсетија Скопјани на катастрофата со која се соочи главниот во 1963 година. На Денот на жалост за жртвите во Турција и Сирија тие си споменуваат како е во еден миг катастрофата може се да земе. Во земјотресот во Скопје беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош, па така Скопје стана град на меѓународна солидарност. До земјотресот во Скопје, на територијата на тогашна Југославија се градеше без проекти за сеизмичка заштита. Што е променето оттогаш?

За безбедноста на градбите во Македонија во случај на природна непогода, како што беше земјотресот во Турција не може генерално да се каже. Државата има закони кои предвидуваат строги стандарди за сеизмичка заштита при градење, но прашање е дали и колку се почитуваат, вели деканот на Градежниот Факултет, професор Горан Марковски.

„Законите во Македонија се почитуваат, но не целосно, исто како и процедурите кои што се пропишани во областа на градежништвото. Би кажал дека има одредени недоречености односно одредени пропусти во процедурите што може да резултираат и со послаб квалитет на градба од што би требало да биде“, вели Марковски.

Во однос на квалитетот на градбата професорот вели дека во последниве децении е далеку поквалитетна отколку онаа што била пред скопскиот земјотрес во 63 година, но може да биде и уште подобра преку почитувањето на сите стандарди и внесувајќи што повеќе знаења во сите чинители на градбата .

„Ако сепак се обидам да направам еден осврт на тоа каква е градбата во Македонија не би можел да кажам дека градиме лошо, напротив има квалитетна градба но има простор за нејзино подобрување и она на што треба да делуваме е девијантните појави навреме ги спречуваме за да не станат пракса во градежништвото.

Дали и колку се почитуваат законите?

Додава дека граджеништвото е сериозна работа која што носи голема одговорност и чија цел е да ги намалува ризиците од природни катастрофи.

„Оттука секаков обид за импровизација или реалтивизирање на нештата треба да се спречува во неговиот зародиш за да имаме сигурни градби и да бидеме мирни“, вели професорот.

Директорот на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени, Михаил Гаревски пак, тврди дека контролите се ригорозни во однос на безбедноста на градбите, особено за зградите.

„При земјотрес ние гарантираме дека објектот е изграден спрема важечките прописи во Македонија, но најчесто и граѓаните а и генерално луѓето не знаат дека проектирањето се прави на тој начин што за почести земјотреси објектот така се проектира спрема прописите, да нема никакви оштетувања на носивата конструкција, може да се случат оштетувања на преградни ѕидови, но граѓаните треба да знаат дека за земјотреси кои што се јавуваат многу поретко, дека за нив се гарантира објектот да не падне, но не може да се гарантира дека делови дури и од носивата конструкција нема да бидат оштетени, но филозофијата на проектирањето е објектот да не падне за да не дојде и до човечки жртви“, вели Гаревски.

После земјотресот во 63-та донесени се безбедносни прописи и се прави надзор и ревизија на градбите, а во 2014-та направени се и измени во законот за градба според кои за добивање на градежна дозвола мора да се добие позитивно мислење од Институтот кој што се занимава со сеизмички отпорни градби и тогаш тоа позитивно мислење се приложува во општината која издава дозвола за градба.

„Исто така за објекти кои што се поголеми од 300 квадратни метри дури е пропишано со закон дека за да се изврши технички прием мора институтот два пати на терен да направи контрола на бетонот, дали арматурата е поставена како што треба и на тој начин сметам дека ние во моментот имаме една од најсилните контроли по однос на градбите особено за зградите“, вели тој.

Дивоградбите - „црна дупка“ во градежништвото

Но, сериозен проблем се дивоградбите, кои според професорот Марковски се посебно поглавје и црна дупка во градежништвото. Бидејќи се дивоградби никој нема увид дали и како се градени и проектирани, па никој не може да гарантира колку од дивоградбите се изведени според прописите и стандардите.

„Во нивниот квалитет практично нема никој увид така што дури не можеме ниту да цениме, но штом станува збор за дивоградба тешко дека тие во себе поседуваат и некаква добра конструкција, можеби има исклучоци но она што е најзагрижувачко е што никој стручен нема увид во нивниот квалитет, така што тука да ви дадам одговор навистина не би можел“, вели професорот.

Дали и колку се почитуваат законите и безбедносните прописи? РСЕ праша во државниот инспекторат за градежништво какви нерегуларности се откриени во изминатиов период?

Оттаму велат дека надлежност на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам е да ја контролира постапката на издавање на одобрение за градење со сите чекори за сеизмичка заштита, како и контрола на работата на надзорот, за објекти од значење на Република Северна Македонија. Овластените градежни инспектори кои работата во Локалната самоуправа ја вршат истата контрола врз објектите од локално значање и одговараат за истата пред Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Но регулативата не важи за дивоградбите или објектите кои се легализираа преку Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Државниот инспекторат за градежништво постојано апелираше да не се дозволи легализација само со Геодетски елаборат, со напомена дека статиката односно сеизмичката стабилност е од огромна важност на долгорочен план.

„Односно не смее да се дозволи новиот закон за Легализација повторно да содржи членови спротивни на Законот за градење, во поглед на механичката отпорност, стабилност и сеизмичка заштита. Да не дозволиме сликите од Турција и Сирија да ги гледаме во Република Северна Македонија“, велат од инспекторатот.

Според професорот Марковски треба при нивната легализација да постои нешто што ќе претставува барем некаква скромна проценка за нивниот капацитет од аспект на конструкција.

„За жал остануваат една вселенска црна дупка во нашето градежништво или градежна црна дупка во Македонија, значи нема никој информација за нивниот квалитет“, вели тој.

Како е во регионот?

Денес, регулативите постојат во секоја од земјите од Западен Балкан. Марко Маринковиќ, доцент на Градежниот факултет во Белград проценува дека во Србија има околу десет милиони згради, од кои некои се изградени пред 1963 година.

„За новите згради е задолжителен соодветен градежен проект. Изведувачот треба да биде искусен и компетентен. Мора да има надзор и градежна инспекција при изградбата. Ниту еден од овие актери не смее да пропадне“, вели Маринковиќ.

Статистичарот Исак Медиќ вели дека, во случајот со Босна и Херцеговина, државата малку ја изгубила контролата врз изградбата на станови.

„Државата пред војната се грижеше за колективна станбена изградба. Наспроти нас проектантите беа нашите колеги кои водат станбена изградба, а денес спроти нас се инвеститори со пари и мислат дека знаат подобро од нас“, вели Медиќ.

Тој вели и дека, според него, контролата не е на нивото на кое треба да биде.

„Затоа што контролата ја назначува инвеститорот и потоа контролата не е на ниво на проектната документација и она што го цртаме, малку е послаба отколку што треба“, вели тој.

Слична е ситуацијата и во Црна Гора, каде во последните години владее урбан хаос, во кој приматот се дава на економскиот бенефит, а не на квалитетот на градбата, вели архитектката и членка на организацијата КАНА (Ко ак не архитекта) Јелена Рабреновиќ.

„Градежниот „бум“ е проследен со економичност и затоа се прилагодени сите услови за приватните инвеститори. Контролните механизми се ослабени, а со тоа и брзината на градба се зголеми. Како резултат на тоа добивме илјадници непланирани згради и оние за кои не знаеме каков е нивниот квалитет“, вели Рабреновиќ.

Во Македонија во 2016 имаше низа земјотреси кои се чувствуваа во повеќе делови од земјата, а последниот најсилен во серијата беше во Скопје со Рихтерова магнитуда од 5,3 степени по што во околината на главниот град настанаа извесни оштетувања на постарите градби. Тогаш ИЗИИС на терен вршеше проценка на десетици објекти, главно зградите на училишта, факултети, здравствени установи и административни згради. Отаму беше соопштено дека од земјотресите не била нарушена стабилноста на посетените објекти.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG