Госпоѓо Ивановска, за некој ден се навршуваат четири години од работата на овој состав на Антикорупциската комисија. Колку сте задоволни од ефектите од вашата работa?
Кога се мери успешноста на работењето на некоја институција, обично се гледаат трите Е - економичност, ефикасност и ефективност. Јас можам да кажам дека ние многу економично и многу ефикасно си ја сработивме нашата работа, а крајните ефекти, не можам да кажам дека сум целосно задоволна, затоа што не зависат само од нас. Значи, она што е надлежност на Комисијата, пропишана со Законот за спречување на корупција и судир на интереси, ние во целост го извршуваме онолку колку што имаме расположливи ресурси. Останатите чекори понатаму, особено во делот на корупцијата и отворените предмети коишто ги доставуваме понатаму на надлежни институции, тоа е веќе одговорност на тие надлежни институции и јас тука не би сакала да коментирам затоа што тоа треба да биде прашање за нив.
Колку иницијативи за кривично гонење сте поднеле до јавното обвинителство и што направиле тие?
Конечните статистики за 2022 година се подготвуваат во моментот. Имаме бројни иницијативи поднесено, за жал немаме соодветни одговори добиено од таа страна. Не можам да кажам дека сме имале некоја бог знае каква добра соработка, но постои желба таа соработка да се подобри, и од наша страна и од нивна.
Што е проблемот досега – ви ги отфрлаат иницијативите или воопшто не ви одговараат најчесто?
Во принцип тие два случаи се, или ги отфрлаат или не одговараат.
Може ли тогаш да не се добро сработени, може ли проблемот да е до вас?
Видете, не верувам дека е до нас, затоа што секоја иницијатива поднесена од наша страна има соодветна поткрепувачка документација. Ние не даваме само голи наоди, туку и документи коишто сме ги собрале во нашето постапување, така што доколку тие сметале или сметаат дека не се соодветни, не побарале ни дополнителни информации, тоа мене ми е симптоматично. Не побарале дополнителни информации или да речеме состанок по одреден предмет да ги слушнат нашите согледувања и што е уште пострашно, не сме само ние во овој круг, тука е Државниот завод за ревизија, којшто секојдневно произведува наоди. Така што мислам дека има многу простор за подобрување на работењето на обвинителството во целина.
Уште пред година и половина поднесовте иницијатива за кривична одговорност за изградбата на кулите на Холидеј ин, одговор од обвинителството уште нема, а кулите почнаа да се градат. Што сега?
Поминаа скоро две години. Единствено што ни е остана како наша алатка е да поднесеме претставка до Советот на јавни обвинители да ја преиспита работата на јавниот обвинител којшто го работи предметот. Мене навистина ми е многу жал што ова ни се случува. Значи, кај што падна на испит урбанизмот, архитекти, урбанисти, планери, сите паднаа на испит, го задушија градот, ја уништија земјата, уште озгора падна на испит и правосудниот систем, имаме неказнивост, односно забавена правда, можеби тие ќе досудат како што треба, меѓутоа таа правда ќе биде забавена.
И кога ќе досудат, тие згради ќе бидат изградени.
Така е, и тогаш кој ќе ја плати штетата и кој ќе им надоместува на тие граѓани ако се донесе одлука еве да се урива. Ние сме земја во којашто царуваат дивоградби, а тоа сè ни ја уништува животната средина. Во случајот конкретно за кај Холидеј ин, вие имате донесено Детален урбанистички план којшто не соодветствува со Генералниот урбанистички план, ги надминува параметрите, значи таму ќе имате, обично речено, пренаселеност. Нити соодветен сообраќаен пристап, огромна пренаселеност, нити соодветно зеленило. Го нацртаа зеленилото по балкони. Па таму ли ќе се шетаат луѓето, по тоа зеленило ли ќе се шетаат? Значи, сето тоа е надвор од умот, се унакажа и Скопје и Македонија и сè живо и диво.
Но, не е само Холидеј ин.
Страшно. Има едно урнисување на јавниот интерес преку продажба на државно земјиште и тоа по багателни цени, по едно евро, и тоа навистина е многу алармантно. Има после тоа случаи каде што државата повторно си го откупува тоа земјиште што го продала за 1 евро поради јавен интерес, поминува пат или слично. Кој е тој доушник којшто некому му кажал купи од тука државно земјиште па после ќе ѝ го продадеш на државата по повисока цена?
Целото интервју со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.